168
„СО ПРДЕЖ БОЈА НЕ СЕ ВАПСУАТ“
04.09.2007
Со вообичаеното доцнење од четириесетина години (во подобрите случаи
кај нас цивилизациското доцнење изнесува само дваесетина, а во
полошите оди и до стотина години) просечниот Македонец ги откри
волшебните моќи на индустријата за односи со јавност (public
relations, PR). Добро, во случајов можеби не станува збор за
дословно просечниот Македонец, туку за неговиот медиокритетски
сублимат вообичаено олицетворен во власта (која не само што си ја
заслужува секој народ, каква и да е - таков е и народот, нели? -
туку е и “од Бога дадена”).
Владата богами жестоко ја финишираше првата година од своето
управување (ете збор посоодветен од “владеење”!): на секојдневните
обраќања до јавноста постепено и со драмска тензија управувачите ни
пакуваа сè поубави вести; едновремено со конференциите на “добриот
брат” (или полицаец?), траеја и конференциите на лошиот, во
партискиот штаб на ДПМНЕ. Така народот си ги доби пораките: во таа
шума, вистина, виршли растат по дрвјата, во потокот тече оранжада, а
кровот на една куќа е од чоколада; само што тоа е куќата на не баш
безопасната вештерка.
Пред четириесетина години, велам, индустријата на огласувањето (придружена
од нејзе сродните индустрии на пропагандата и на односите со јавност)
уфрлаше во нова голема брзина; 1968 година е клучен симбол на
западниот општествен пресврт: со идеите за неограничена слобода,
неконформизам, бунтовништво, презирање на крутите и застарени форми
и обичаи, се востоличи новата бејби бум генерација родена по Втората
светска војна. Вештините на огласувањето и на односите со јавност
станаа едно од главните изразни средства на таа генерација која
длабоко ги промени дотогашните сфаќања на политиката, економијата и
културата.
Она што го подготви теренот за таа нова генерација беа жестоките
критики на тоталитаризмот и колективизмот во текот на педесеттите и
шеесеттите. На пример, и денес мошне актуелната Хана Арент тогаш ги
изнесе своите тези за “баналноста на злото” (поттикната од судењето
на нацистичкиот воен злосторник, Ајхман) и за “плиткоумноста како
една од главните особини на нашето време”. Во книгата “Вита Актива”
Арент ја коментира плиткоумноста како “непромислена безгрижност,
безнадежна збрка или самодопадно повторување на вистини што станале
изветвени и празни”.
Хана Арент не ја штеди ни тогаш залетаната индустрија за односи со
јавност која почнува до доминира со политиката. Арент Американците
ги прикажува (пред речиси 50 години!) како луѓе кои живеат во
нестварен свет во кој се моделираат впечатоците и мислењето.
“Опкружен со технократи - повереници во телата на владата, чии
мозоци се склони кон наука, а кои ниту мислат, ниту судат или ја
гледаат стварноста, туку само пресметуваат - претседателот во
средиштето, божем големиот владател, изгледа како некој кој е
идеална жртва на потполна манипулација”.
Дојдовме до точката кога треба да се корегира почетокот на текстов:
нашето доцнење не е само квантитативно туку и суштински квалитативно.
Денес, вистина, имаме манипулатори со јавноста (“спин доктори”)
колку ти душа сака, но ги немаме славните бунтовници од крајот на
шеесеттите, како противтежа на моќта што забегува. Како да се
втопуваме исклучиво во лошите аспекти на модерноста за која Арент
предупредуваше: модерните општества добро нè увежбуваат да го кажеме
она што од нас се очекува (или, кога треба, да се воздржиме од тоа),
а не нè учат со зборови да го искажеме она што стварно го
чувствуваме или гледаме. “Од детството, всушност, во сите наши
институции, ние ги наградуваме еуфемизмите, трговската способност,
слоганите, а ги казнуваме и спречуваме вистинитоста, оригиналноста,
промисленоста.”
Ете, од тие причини треба да се каже, и покрај тоа што многумина
деновиве се одушевуваа од вештините за односи со јавност на владата
на Груевски, дека дури и на тоа поле владата одигра низа сомнителни
потези, кои допрва можат да им се скршат од глава.
Впрочем, за да сфатиме дека нашата влада односите со јавност пред сè
ги сфаќа како агитација и пропаганда (агитпроп) ќе набројам неколку
од школските смртни гревови што ги прават “стручњаците за PR” (во
заградите додадов некои македонски пословици собрани од Цепенков,
колку посочно да ја илустрираме темата која може да се нарече: “Со
прдеж боја не се вапсуат”):
1. Филозофијата “пушти-затни”; се вртиме кон односите со
јавност само кога тие нам ни се потребни (“Коли овци, рани волци”);
2. Локалната анестезија; “да го решиме ова на локално ниво”
(“Во малоо село честа ангарија”);
3. Невростенијата; веруваме во глобалното јавно мислење само
ако тоа е позитивно кон нас (“Белото не праи го црно кога те ваќа
инато”);
4. Еднократниот комуникациски тик; “ние не сме
некомуникативни - читајте ги нашите извештаи на таа тема” (“Бес си
бараше, два си најде”);
5. Мамката на сенката; оваа грешка се заснова врз верувањето
дека организацијата може да се направи невидлива по потреба (“На
арамијата сенката му ет куса”).
Да повторам, како заклучок: досегашните активности на владата повеќе
можат да се наречат со старото добро познато име “пропаганда” (која
е едносмерна), оти односите со јавност подразбираат двосмерна
комуникација и значајно присуство на дијалог, дискусија и аргументи.
|