166
ПА НИ СТАНА ДЕНОТ БУРА
14.08.2007
Како во забегано семејство: иако повеќето членови длабоко
чувствуваат дека понатамошните напнатости и агресии не водат никаде
и само ја зголемуваат безизлезноста, тие одново и одново секој ден
пак меѓусебно се повредуваат. Ги води некој чуден нагон, страв,
изгубената сигурност, чувството за правда...
Така и нашава политика. Иако и на идиотите (во старогрчката смисла
на зборот: оние што се аполитични) им е јасно дека секојдневните
најприземни кавги меѓу СДСМ и ВМРО ДПМНЕ не само што се бесполезни
туку во голема мера се штетни за демократијата - политичариве одново
и одново, секој ден, долеваат масло врз разгорените огнови кои
постојано ја пржат сè попустата земја.
(Јасна Котеска еднаш напиша дека, судејќи по страсниот политички
живот, се чини дека во земјава нема секс. Таа компензациска улога на
агресивноста најсоголено ја опишал Бертолд Брехт: “Кога војникот
прима наредба, нему му се дига; кога го забива копјето во утробата
на непријателот, тој свршува”.)
СДСМ несомнено има удел за уличарското ниво на политичките расправи
(за разлика од ЛДП, светлата точка на опозицијата). Но, јасно како
бел ден е дека напнатата атмосфера во земјата пред сè ја создава
власта, во голема мера потпомогната (т.е. “одмогната”) од
растурениот партиски штаб на ДПМНЕ. Со оглед на тоа дека
поквалитетните кадри се распоредени низ државните структури,
партијата емитува таква доза на глупост и просташтво која може да се
спореди со најмизерните денови на ДПМНЕ, а сегашниот гласноговорник
може да се спореди со најсрамните портпаролски денови на Антонио
Милошовски и Љубен Пауновски, денови кои тешко се забораваат оти
цела Македонија тогаш беше заложник на нивните партиски паники и
лудила.
Како е можно никој во ДПМНЕ да не забележува дека прва задача на
власта е да создава сигурност, стабилност и позитивен дух?! Како е
можно, после 17 години занимавање со политика, никој во таа партија
да не знае дека власта не смее да шири паника, страв, несигурност,
одмазда итн.?! Како е можно портпаролот на Владата, како последен
маалски тепач, после ситен неразјаснет инцидент да излегува со
онакви фрустрантни и недозволиво манипулативни изјави дека “пораката
е примена”?! Како мафијаши, добога! Како градски гангови кои уфрлаат
во нова брзина во борбата за пленот!
Насилството, напнатоста и преовладувачки агресивниот тон во јавноста
(засилен со јавните апсења и секојдневните кавгаџиски партиски
прес-конференции), го стеснуваат демократскиот хоризонт на луѓето.
Таквата насилничка атмосфера ги прави граѓаните исплашени,
резигнирани и некреативни. Тоа создавање воена атмосфера (штапско
демнење на “непријателот” гарнирано со внатрешна хомогенизација и
зовриени заканувачки зборови што често служат да го растераат
стравот), всушност е чекор до тоталитаризам и не се неоправдани
јавно искажаните стравови од ползењето на еден нов притаен
популистички фашизам. Дури и намерите на власта да не се такви (а
искрено верувам дека власта навистина нема намера да ги стеснува
демократските рамки и еднаш освоените граѓански слободи), впечаток е
дека токму недоветноста на власта, нејзиното неснаоѓање во градењето
демократско опкружување, придонесуваат за стравот од некој нов
ползечки фашизам.
Впрочем, ќе потсетам на идеалистичките антифашистички зборови на
Рузвелт од пред шеесеттина години: “Главната задача на САД ќе биде
воспоставување на светско ниво на четирите темелни слободи: на
говорот, верата, слободата од присила и слободата од стравот”.
За да ја поткрепам тезата дека за нашето општество важна работа е да
се ослободиме од присилите и стравовите, ќе го споменам фамозниот
случај Бучковски. Бившиот премиер остави многу лош впечаток по
губењето на парламентарните избори и на оние во СДСМ. Покажа
недостоинство, недостиг од самокритичност, алчност по функции (на
кои ионака дојде прелесно, без доволно минат труд, впрочем како и
сите премиери пред него и по него), неконструктивност и, дури,
деструктивност. Ништо страшно, ќе си речеме, Бучковски е сосема
просечен профил на македонски новосоздаден моќник, прототип на
овдешната политичка (не)култура. Друга работа е интересна кај
Бучковски: тој е борец, жесток и бескрупулозен токму кога треба. Таа
особина веројатно многу придонесла да се качи толку високо во
партијата и државата. И таа особина сега му го спаси газот од апсење!
Наместо послушно, заедно со ТВ екипите на МВР, да си ги чека
лисиците, Бучковски избра да дигне џева до небо, пред сè на онаа
фарсична седница на собраниска комисија. И успеа!
Со поракава можеби си ја минирам главната теза: иако, значи, и
“идиотите” знаат дека на земјава ù требаат воздржаност, мир,
сигурност и стабилност, реалноста покажува дека само вревата и
грубоста имаат учинок! Во случајов, Бучковски е позитивен пример!
Ако власта е насилничка, тешко замисливо е дека слободниот човек ќе
трпи туку-така!
Главната порака на нашите, испаѓа, воени водачи (камуфлирани во
мирнодопски униформи!), значи, останува да биде: во ова општество
најгласните и најнасилните највисоко стасуваат. А тогаш кога
врвовите шират насилство и напнатост, јасно е дека уличните жртви на
таа атмосфера на насилство секојдневно ќе се зголемуваат, во оваа
или онаа форма.
|