Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 


Никола Гелевски

КОНТРАПУНКТ
2001-2007

         архива на текстови       следен текст

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


165

ПА НИ СТАНА ДЕНОТ БУРА

07.08.2007




Покрај пцоста - безгрижноста!
Покрај злото - минатото!


Се разбира, “секоја генерација има своја битка”, а битката на денешната генерација е да се избори за држава во која граѓаните не се поданици туку главни чинители на демократскиот живот. Таа битка против распашаните политички моќници едвај е во зачеток, но оваа генерација нема поважна битка од таа. Затоа повикувањата на 1903 и 1944 деновиве на моменти изгледаа искривено: воспоставувањето национална држава има многу малку врска со задачите што реално стојат пред нас и кои делумно подразбираат дури и демонтирање на националната држава сфатена низ ракурсот на 1903 или 1944 година.

Па ни стана денот - бура,
в маѓепсана квадратура.


Кој толку вознесено се повикува на “Македоња, Македоња и само Македоња”?! (Нешто слично на “Македоња” промрморува и Питу Гули, т.е. Ристо Шишков во “Републиката во пламен”, додека неспретно се прпелка на земја по чинот на колективно самоубиство.) Се разбира дека Македонија им е најдлабоко во срцата (т.е. толку длабоко во џебовите што тие почнуваат да шантаат накај срцата, просто соединувајќи се, џебовите и срцата, во сехеројско помирување меѓу умот, стомакот и чувството) на оние што се спремни да цедат и сува дреновина, само за да капе.
А годинава, буџетот родил, та не да капе - истура! Правото да се размавтуваш со повеќе-помалку анахрони и депласирани национални патетики само го затскрива посуштинското право кое ти дозволува за една година да потрошиш две милијарди евра од граѓаните (речиси половина од целокупниот бруто општествен производ на земјава; Турците, да потсетиме, земаа десеток), ех, сè за доброто на света Македонија.
Затоа, велам, нашата генерација има јасна битка: за своите пари сакаме соодветна услуга! Наместо леб и игри (ѕверови, арени и спектакли со жртви) сакаме сигурност и безбедност (со апашите во затвор, се разбира, од која и тајфа да се), сакаме солидни здравство и образование, квалитетни јавни услуги, посмирени, покултурни и побогати луѓе...
Како што во 1997 суштинско и ургентно политичко прашање беше: дали албанското малцинство треба подлабоко да се интегрира во општеството (а на тоа прашање тогаш катастрофален одговор даде не само калкулантската власт на СДСМ туку и криптофашистичката ВМРО ДПМНЕ со своите политички не претерано бистри но затоа агресивно снаодливи наци младинци), така денес клучното прашање е: каква држава сакаме? Со партиски контролирани чиновници, судство, невладин сектор и јавност? Сакаме држава со најмизерни јавни сервиси? Сакаме, на пример, јавна телевизија каква што е МРТВ? Која со децении коленичи пред политички авторитети и секогаш беспоговорно е гласноговорник на власта? Сакаме сите економски полуги да му се препуштат на приватниот капитал, без никаква можност да се влијае во полиња витални за населението? (Примерот со Телеком е застрашувачки и предупредувачки: досегашните Влади беа само неми и немоќни слуги на интересите на големата компанија која за само година-две ги подигна цените за 300 до 400%, принудувајќи стотици илјади луѓе да се откажат од основното: право на евтина комуникација).

Денот клед е, ние - птици!
Остров среде бессоници.


Сите досегашни влади работеа на сликата на сегашна Македонија: недоволно демократска, централизирана, монополска, поданичка, неефикасна, земја од која бегаат најумните, а ја ограбуваат најдрските... Оттаму, не е реторичко прашањето: каква држава сакаме? (Иако одговорот на премиерот најчесто е реторички: сакаме просперитетна и европска Македонија... Во која Владата секојдневно најбезочно го плука претседателот на земјата, во која странците нè молат да имаме меѓусебен политички дијалог, во која градоначалниците пред министрите питаат за водовод, улица, споменик, спортска сала, во која јавните сервиси, полицијата и судството се во функција на власта а не на граѓаните?!)

В плен сме в мрежите на злоста.
Зар ни тежи сегашноста?


Грижата денес е голема (и, дотолку, борбата на нашата генерација!) зошто македонскиот естаблишмент, повторувам, пред само десет години не успеа да одговори на многу попросто прашање. Денес задачата е комплексна до главоболка: да, ефикасно управување, но и контролни механизми над управувачите. Да, широк влез за приватниот капитал, но под строги правила и во фер натпревар. Јавните сервиси да им служат на граѓаните, а не на Владата. Власта и опозицијата да се договорат околу среднорочните и долгорочните цели оти веќе трагично станува меѓусебното спрепнување: изминативе 17 години се доказ дека за 4 години една гарнитура на власт не може да изгради обичен театар (или обиколница околу Скопје или пруга или да го реновира Камениот мост), а камоли да ги придвижи сите потенцијали на граѓаните.
Времето безмилосно тече. Дури и со драматично забрзан економски раст, секому е јасно дека за три години сликата на Македонија нема многу да се разликува од денешната и дека некој нов мал “црни Грујо” (барем не ни недостасуваат такви петлиња-фајтерчиња произлезени од под широките шинели на Љубчо и Бранко) ќе се размавтува и со апс ќе му се заканува на сегашново премиерско височество: 20 милиони евра, велите, за кампања?!

Или сон е, ни се чини,
сè што тоне в невистини?

(стиховите во текстот се делови од “Песна за наизуст” на Гане Тодоровски)