164
ДА МОЖАМ ДА ДИШАМ
31.07.2007
Гледајќи ја бедата на овдешнава политичка свест (не само онаа
етаблираната, во државните структури и политичките партии, туку и
неформалната, онаа која произлегува од медиумите и кафеаните), човек
доаѓа во искушение да дигне раце од таквата безнадежна политичка
сцена кајшто главните партии наликуваат на банди што го тероризираат
градот, а народот гледа сеир чекајќи го митскиот туѓинец со големо
срце и брзи пиштоли. Да беше Македонија возило кое оди на правење
врева, влевање омраза и ѕвечкање со закани - досега далеку ќе
дотуркавме!
Од тие причини, да не налевам во веќе прелеаното, денес нема да
пишувам за нив. Како што вели Мураками во еден роман: “Нивната глава
е матна како оризово поле на дожд”. Или: “Настаните што тие ни ги
сервираат за неколку степени ја изгубиле допирната точка со
стварноста; како кога погрешно ќе ги закопчате копчињата на кошулата”.
Еден од излезите може да биде заземањето радикално поинаква
перспектива; или просто превртување на работите; на пример:
“дејствувај глобално, мисли локално” (оти локално кај нас не само
што тешко се дејствува, туку и слабо се мисли). Погрешна е
предрасудата дека напуштањето на локалното е дефетистичка
вратоломија или ескапистичка главоломка. Текстов ќе се обиде да
понуди неколку аргументи зошто денес глобалното може да биде пред
локалното.
Всушност, кој реално управува со нашата земја? Впечаток е дека
граѓаните с$ помалку веруваат во демократијата оти согледуваат дека
нема полза да ги менуваш владите без да ја промениш нивната политика.
Дури и со олку скромна демократска традиција сфативме дека е многу
мала разликата меѓу двете групации кои се менуваат на власт.
А одговорот на прашањето “кој владее?” е прост: владеат богатите,
како во целиот свет. Владеат создавачите на екстремно неправедниот
светски поредок, заедно со нивните локални придружници и извршители.
Во 2002 (денес може да е само полошо!) богатството на десетте
најбогати луѓе на светот изнесуваше 266 милијарди долари. Тоа е пет
пати повеќе од годишната помош што богатите земји им ја даваат на
сиромашните; тоа е сума доволна во следните петнаесет години да се
финансираат сите милениумски цели на Обединетите нации во подрачјето
на здравството (сопирање на сидата, маларијата и другите заразни
болести, намалување на стапката на смртност на новороденчињата за
две третини и на родилките за три четвртини итн.).
Половината од светското население преживува со помалку од два, а
една петина со помалку од еден долар на ден. Наспроти изобилството
произведена храна, секој седми жител на светот службено се смета за
слабо ухранет.
Нагласувам, значи, зошто е важно да се дејствува и глобално: дури и
да ги натерате сите жители на вашата улица да почнат еколошки да се
однесуваат поодговорно (на пример, во однос на трошењето енергија
или сортирањето ѓубре), промената нема многу да се осети во градот и
државата. Жителот на САД, на пример, троши 88 пати повеќе енергија
од жителот на Бангладеш, т.е. за четири дена го троши она што
Африканецот го троши за цела година.
Како што вели Џорџ Монбио, колумнист на Гардиан и еден од
најпознатите светски алтерглобалисти, незамисливо е без глобални
мерки и без глобални установи да го прераспределиме богатството од
богатите земји кон посиромашните, да ги оданочиме недофатливите
богаташи и нивните уште понедофатливи пари, да го контролираме
превозот на отровен отпад, доследно да ја спроведуваме забраната за
користење нагазни мини, да ја спречиме употребата на нуклеарно
оружје, да посредуваме во склопувањето мир или да ги спречиме
моќните држави на послабите да им наметнуваат услови за трговија.
“Кога би дејствувале само локално, би им препуштиле на другите да се
занимаваат со најкритичните прашања”, вели Монбио.
Можно е светот во кој човекот за прв пат во историјата ќе се согледа
себе како вид или раса да е веднаш зад аголот. Како што изминативе
векови го отфрливме клановското или феудалното уредување, можно е да
ја отфрлиме и државноста. Монбио тврди дека токму глобализацијата во
раце ни го дава оружјето да ги срушиме оние што ја создадоа и да го
наметнеме нашиот заеднички интерес. Без големите конфронтирачки
идеологии (фашизмот, комунизмот, капитализмот..) отворен е просторот
за нови глобални политики. Токму фактот што најмногу боде очи, дека
владите работат исклучиво во интерес на капиталот (напуштајќи ги,
како кај нас, дури и последните традиционални упоришта на европската
идеја за држава: здравството, образованието, културата,
инфраструктурата), може да биде појдовна точка за нови глобални
политики. Интернетот и евтините комуникациски и транспортни средства
исто така можат да ги олеснат можностите за собирање околу поинакви,
глобално поодговорни политики.
Ќе завршам со Мураками (кого го читам на плажа:): “Впрочем таа (некоја,
во случајов нек биде глобалната грижа, заб. на Н. Г.:) за цел еден
број ги прошири границите на светот околу мене и ми овозможи да
дишам.”
|