163
СТАТУИТЕ НА САМОУНИШТУВАЊЕТО
24.07.2007
Причина денешниов текст да го посветам на екологијата пред сè се
застрашувачките опустошувачки пожари, како и многу топлиот месец
јули. Глобалните климатски промени исто така придонесуваат
екологијата во моментов да стане едно од најважните светски
политички прашања. Дури и САД, најнемилосрдниот потрошувач на
ресурси, решија конечно да обрнат повеќе внимание на еколошките
проблеми произлезени од енергетските политики. На еколошките
последици од забрзаниот економски развој принудени се да внимаваат и
новите економско-политички џинови, Кина и Индија. ЕУ од година во
година донесува сè поригорозни еколошки закони и сè повеќе се
ориентира кон штедлива енергетска политика, како и кон алтернативни
извори на енергија.
Се чини дека конечно дури и политичарите почнуваат да го разбираат
она што го знаат научниците: нашите човечки заедници, ширум целата
планета, органски се вкоренети во флората, фауната, климатските
услови и во геологијата. Во текот на историјата неретко се случувале
општествени самоубиства, пред сè на оние заедници кои ги поткопувале
сопствените еколошки темели. Претераното земјоделство,
пренапасувањето на полињата, преголемиот лов кој истреби безброј
видови животни, сето тоа проследено со суши, глад, студ, ригидни
општествени обичаи и непрекинати војувања создаде маѓепсан круг:
исчезнувањето на растителните и животинските извори на храна
предизвика исчезнување на шумите, ерозија на тлото и изгладнување на
локалното население.
Но, за да не трупам илјада пати преџвакани еколошки фрази, ќе
раскажам една поучна вистинита историска приказна (преземена од
книгата на антропологот Роналд Рајт, “Историјата на напредокот”),
која може да биде метафора и за судбината на целата планета.
Сите ги знаеме славните горостасни статуи на Велигденскиот остров,
во Полинезија, статуи кои предизвикаа низа мистериозни приказни оти
беа поставени како да се директно спуштени од небото во едно толку
мало и оддалечено катче на светот. Денес е разјаснета тајната на
огромните статуи. Иако локацијата Рапа Нуи изгледа опустошено, како
и целиот остров, современите истражувања покажуваат дека островот
некогаш бил добро снабден со вода, полн со зеленило и богат со
вулканска земја на која растеле густи шуми. Катастрофата која го
погодила Велигденскиот остров е - човекот.
Рапа Нуи го населиле во петтиот век доселеници од други острови. За
пет века бројот на жители пораснал на десет илјади - што е многу за
стотина квадратни километри. Тие изградиле добри куќи врз камени
темели и најдобрата земја ја исчистиле за ниви.
Луѓето биле поделени на кланови, така што во еден момент почнале
интересно натпреварување: секој клан почнал да им оддава почит на
предците подигнувајќи импресивни камени скулптури. Ги клесале во
вулканскиот талог на кратерите и ги подигнувале врз постоља на
брегот. Како што одминувало времето, култот на киповите станувал сè
поголем предмет на натпревар и на претерување, достигнувајќи врв за
време на европскиот доцен среден век. Секое поколение на скулптурите
било поголемо од претходното и барало повеќе дрво, јажиња и работна
сила за влечење до олтарите. Дрвјата биле сечени побрзо од што
можеле да никнуваат, така што до 1400 година најмалите (стаорците) и
најголемите (луѓето) цицачи на островот заеднички ги уништиле шумите.
За нас денес е несфатливо зошто не биле преземени мерки на тревога.
Зошто дрвото, наместо за грандиозни скулптури, не било чувано за
основните цели, градење бродови и правење покриви. Луѓето кои го
урнале последното стебло можеле да видат дека е последно, можеле да
бидат сосема сигурни дека веќе никогаш нема да израсне друго дрво. И
сеедно го срушиле.
Исчезнала влажноста од земјата и немало други сенки освен оние кои
ги фрлале окаменетите предци. Приближно уште една генерација имала
доволно старо дрво за да се влечат големите камења и за да се
сочуваат неколку кануа соодветни за пловидба по длабока вода. Но,
дошол денот кога пропаднал и последниот исправен чамец. Тогаш луѓето
сфатиле дека морска храна ќе има мошне малку и дека никако нема да
можат да побегнат. Почнале да избиваат војни околу старите даски.
Биле изедени сите кучиња и речиси сите птици што се гнездат;
неподносливата тишина се продлабочила откако стивнале животните.
Останале само огромните скулптури од кои најголемата што била
поставена врз олтар била висока над 10 метри и тешка осумдесет тона.
Најголемата, пак, исклесана фигура била висока над 20 метри и тешка
двесте тона, што може да се спореди со најголемите камени блокови
што ги направиле Инките и Египјаните. Пред крајот на животот на
островот, на јаловата земја оддувана од постојаните ветрови и
испрана од ненадејните поплави, имало повеќе од илјада моаији,
големи камени скулптури. Кога во 1722 една Холандска експедиција
налетала на непознатиот остров морнарите се зачудиле: стотици камени
статуи врз почва која била толку еродирана што наликувала на
пустинска. Истата слика педесет години подоцна ја бележи и Џемс Кук,
со тоа што работите дополнително се влошиле: малубројните бедни луѓе
што се криеле во пештери и одгледувале кокошки завојувале меѓу себе
и почнале од постољата да ги рушат моаијите.
Австралискиот биолог Тим Фланери ги нарече човечките суштества
“прождирачи на иднината”. Можно е токму цивилизацијата (која трае
само околу 5000 години) многу брзо да го врати човека на она дереџе
на кое беше речиси три милиони години: острач на камен што
избезумено го заштитува последното пламенче оган.
|