Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 


Никола Гелевски

КОНТРАПУНКТ
2001-2007

         архива на текстови       следен текст

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


162

СОНЦЕ ВРЗ УРНАТИНАТА

17.07.2007




Урнатина.
Ѕид или камен?
Зелен мов во секоја длабнатина.
Жолт гуштер - домаќин стамен.
Сонце безразлично по урнатината.

Ете ја вистината.

                              (Блаже Конески)

Оваа прекрасна песна на Конески отсекогаш ми изгледала како совршена слика на нашата земја, Република Македонија. Урнатина. Зелен мов во секоја длабнатина. Сонце безразлично по урнатината... Песната е ем аскетски минималистичка, дури сурова, ем, од друга страна, има толку собрана топлина во неа што наликува на бононски пустински камен - свети и ноќе, толку многу жештина примил денски.
Знаеме, значи - земјава ни е урнатина. Но, се разбира, со луѓе како Конески, кои сè уште го распостилаат акумилираното сонце врз нас, “сончевите деца на урнатините”, тешко е туку-така да ù се препуштиме на заводливата инерција на пропаѓањето.
Минатиот пат ветив: ќе пишувам за новите европски културни политики. Измачувачки константна инспирација ми се нашиве недоветни политичари кои на културата сè уште гледаат со очилата од 19 век, националистички и етнографски. Односот спрема културата, пак, на најновава номенклатура на власт ме потсетува на зборовите на Ленин во врска со музиката: “Таа влијае на нервите, прави да посакам да кажам пријатни и глупави нешта и да ги помилувам главите на оние кои создаваат таква убавина и покрај тоа што живеат во овој ужасен пекол. Но сега ничија глава не треба да се милува - би можел да останеш без раката. Затоа треба да ги удираш во глава, сите по ред, без милост.”
Е па, Европјаниве решија, после морничаво крвавиот 20 век (кој токму “големите” европски нации го претворија во месарска крпа од која сè уште капе крв, потврдувајќи ја славната реченица на Бенјамин: “зад секој голем цивилизациски чин стои исто толку голем акт на варварство”), да го свртат листот и да се обидат да ја раскинат застрашувачката врска меѓу културата и варварството.
Пред малку повеќе од два месеца, на 10 мај 2007, Европската комисија го прифати документот Комуникација (Соопштение) за европската стратегија за култура во ерата на глобализацијата. Комуникација ја афирмира темелната улога на културата во процесот на европската интеграција и предлага културна стратегија за Европа и за нејзините односи со трети земји. Прифаќањето на документот беше резултат на широки консултации водени година и пол на сите нивоа - од управувачите до НВО секторот. Длабоките промени што денес се случуваат иницираат потреба од попродлабочен и подобро структуиран дијалог кој ќе го опфати цивилното општество во целина. Главни теми на разговорите кои претходеа на документот беа: културната разновидност, економската и политичката димензија на културата и институциските форми на дијалог.
Комуникација дава три главни цели кои се меѓузависни и заеднички ја сочинуваат културната стратегија за европските институции, државите-членки и за културниот и творечко-уметничкиот сектор. Како прва цел се наведува афирмацијата на културната разновидност и интеркултурниот дијалог. Тоа подразбира, меѓу другото, поголема мобилност на уметниците и стручњаците од културниот сектор, поголема размена на уметнички дела, јакнење на интеркултурните компетенции. Втора цел е афирмација на културата како катализатор на творештвото кое е основа за општествената и технолошката иновација и важен фактор на раст и вработување во ЕУ. Третата цел ја застапува афирмацијата на културата како нужен, витален елемент во меѓународните односи на Унијата.
Во време кога стапи на сила Унесковата Конвенција за заштита и афирмација на разновидноста на културните изрази, со снажна поддршка од ЕУ, Комуникација ја нагласува потребата од отвореност спрема разновидноста како внатре во Европа, така и кон светот. Целите на Европската стратегија за култура се компатибилни и со Лисабонската стратегија, но тие можат да бидат подеднакво важни и во рамките на други ЕУ стратегии, како што е Готенбург стратегијата за одржлив развој - одржливоста, творештвото и културата меѓусебно се преплетуваат. Од тие причини се очекува Комуникација да има големо влијание во понатамошната работа на Европската комисија.
Што се однесува до Македонија, мое мислење е дека културата, т.е. обидот да се променат подлабоките вредности и ставови на луѓето, е една од најважните задачи на патот до ЕУ. На пример, според мене клучните лични и општествени вредности, креативноста, одговорноста и знаењето кај нас се затепани како фоки со безбол палки, редуцирани се на ниво на инцидент, непризнаени и изолирани. Кога од општествените текови ги отстрануваш овие највитални вредности, кога ги исмејуваш и умртвуваш, тогаш ширум е отворена вратата за манипулирање со јавноста, т.е. за тапоста, некреативноста, некомпетенцијата, неписменоста, импровизацијата, волунтаризмот, празната реторика...
“Сонце безразлично по урнатината” е чудесен поетски и филозофски одговор, но нам ни требаат и граѓански и политички одговори: облагородување на “урнатината” со креативност, одговорност, знаење и со прифаќање на културните предизвици како најсуштински за излез од бескрајнава транзиција.