161
КУЛТУРЕН ЦИНИЗАМ
10.07.2007
Владата, слушаме, им го враќа оптимизмот на луѓето и се бори против
длабоко вкоренетиот цинизам кај граѓаните во земјава. И
претседателот и потпретседателот и портпаролот на Владата сложно
деновиве, по повод годишнината на изборната победа, го повторуваат
најважниот психолошки резултат на нивната досегашна работа:
граѓаните веќе не се толку безнадежни во однос на иднината.
Едновремено, една регионална анкета објавена минатата недела (и која
помина речиси незабележително покрај супер изрекламираните анкети во
кои ВМРО го тепа СДСМ со 30:8) вели дека дури 68 проценти од
граѓаните на Македонија не гледаат апсолутно никаква пристојна
иднина во својата земја. Побезнадежно (73 проценти) е само во Косово.
Иако навидум спротиставени, ми се чини дека двете анкети во суштина
се точни: владата веројатно има една третина поддршка, но трагичното
е што другите две третини од граѓаните сè уште не гледаат никаква
шанса во сопствената земја. Половината од нив јасно се против
актуелната Влада, а половината се константната апатична маса околу
која се прекршуваат сите избори во државава.
Нејсе. Сакам да обрнам внимание колку Владата е цинична, несериозна
и неодговорна во сферата која самиот најдобро ја познавам и во која
работам: културата. Првиот “културен” министер на оваа Влада, иако
сосема невидлив за јавноста, си замина на скандалозен начин, заради
една неверојатна бламажа која остана нерасчистена: обидот да се
забрани театарска претстава. Наместо ДПА џентлменски и во духот на
“добрите вибрации” и “вратената доверба на граѓаните” да им го
препушти Министерството за култура на коалициските партнери кои
имаат барем поверодостојни кандидати за таа функција (кога веќе
никој од нив нема каква било издржана стратегија за сферата на
културата), ДПА одново става човек за којшто никој во државава нема
слушнато, човек без портфолио и, се чини, без елементарна
ориентација во полето со кое треба да раководи.
Ако ова не е цинизам на власта - не знам што е цинизам! Патем, на
ист таков циничен, агитпроповски начин Груевски се расфрла со
некакви безначајни именувања за “амбасадори на културата”, играјќи
си мајтап со “амбасадорите” (кај да одбиеш патриотски налог?!), оти
реалната моќ во културата ја распределува на сосема други адреси (на
пример, претпоставувам дека моќта на Паско Кузман во пошироката
сфера на културата е неспоредливо поголема од моќта на сите
назначени “амбасадори на културата” заедно!)
И не само тоа: со ваквите бескрупулозно арогантни кадровски потези
на Груевски и Тачи не само што се потценува (да, да, малубројната,
“анкетно” речиси невидлива) компетентна културна јавност во
Македонија, туку и се поткопува ионака кревката коалиција на власта.
И, повторувам, сето тоа се прави толку дрско, толку безочно и
цинично, со демагошка реторика која дури и Тачи почнал да ја прифаќа
(ДПА конечно ќе престанела да бутка свои кадри исклучиво по партиска
линија) - што човека го зафаќа гадење и желба да ù се спротистави на
таквата власт.
(Од друга страна, важно е да се нагласи, минатиот состав што го
раководеше Министерството за култура - Благоја Стефановски,
Мелпомени Корнети и, еден период, Горјан Тозија - иако формално
мошне компетентен, остави пустош во културата, долгови, клиентелизам,
лоша атмосфера, беспарица и тотално отсуство на визии. Една од
причините зошто СДСМ има 8 проценти поддршка е што тие ретко прават
суштински анализи каде ја утнале работата во владеењето.)
Поентата ми е: многу лошите министри за култура се само врв на
ледениот брег. Всушност, лошата состојба во целата културна сфера
овозможува силеџиската политика да ни става министри паднати од Марс,
министри без биографии и без елементарни компетенции и ориентации во
многу комплицираните односи што владеат во сферата на современите
културни политики, особено оние што ги диктира ЕУ.
Впрочем, поставувајќи некомпетентни министри во една сфера која во
поново време има централна важност за ЕУ, нашата влада го покажува
односот и спрема европските институции и, уште поважно, спрема
темелните европски вредности. Во Хрватска, на пример, Министерството
за култура се вбројува меѓу петте најбарани и најмоќни министерства,
според Вјеран Катунариќ, европскиот експерт за култура кој некни ни
беше гостин во Скопје.
Денес токму културата е во центарот на европскиот проект. Додека во
претходните периоди се поставуваше прашањето што Европа може да
направи за културата, денес работите се поставени обратно: што
културата може да направи за Европа, која е нејзината улога во
продорот и конкурентноста на Европа. Колку брзо се менуваат местото
и улогата на културата во ЕУ најдобро зборуваат најновите документи
на Европската комисија: “Уметноста и културата можат да му вдахноват
многу почовечка димензија на проектот на европската интеграција”.
Поддршка на најновиот документ за културата на Европската комисија (за
кој следната недела ќе напишам нешто повеќе) неодамна изрази и
претседателот на европската комисија, Хозе Баросо, велејќи: “Со
афирмацијата на интеркултурното разбирање, денешната стратегија го
потврдува местото на културата во средиштето на нашите политики”.
|