Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 


Никола Гелевски

КОНТРАПУНКТ
2001-2007

         архива на текстови       следен текст

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


160

ВЕРА И ЛИЦЕМЕРИЕ

03.07.2007




Моето “филозофско” убедување е некаде помеѓу агностицизмот (неопределеноста, скептицизмот...) и атеизмот (јасното чувство дека богови не постојат). Кон агностицизам ме влече чувството дека сум (и дека сме, како човечки род) само дел од некој многу послоевит поредок кој можеби нема врска со идејата за “Створител”. Атеистот во мене, пак, го разбирам како личност која се труди да биде понезависна од авторитетите и општествените тутори во поглед на мислењето. Атеизмот ми се разбуричкува кога приватното верување станува јавна работа; се придвижува и бунтува кога приватните ментални патологии не само што ги обврзуваат другите туку стануваат организациски матрици околу кои се врти светот. Неретко имало периоди во историјата кога атеизмот просто бил последна шанса луѓето да си го вратат менталното здравје! Да не зборуваме за слободата, достоинството, правдата, кои често биле под удар на “правоверните” олицетворени во власта, световна и/или духовна. Мојот атеизам не значи дека не ја почитувам религијата во нејзините најголеми интелектуални и духовни исчекори и жртви. Но, значи дека се трудам да не бидам слеп пред неверојатното страдање кое фанатизираната вера и религиите (а во прв ред: христијанството и другите монотеистички религии) му ги донесоа на човештвото.
Кога станува збор за односот меѓу религијата и рефлексијата, омилена ми е доброќудната против-језуитска анегдота што ја спомнува големиот писател Мигел де Унамуно во својата култна книга “Агонијата на христијанството” (1924). Унамуно, имено, раскажува за некој негов пријател кој како лекар заминал на посета во еден искушенички манастир на језуитите (исусовците) во Шпанија. Во ќелијата на еден од искушениците во капелата за свето причестување лекарот видел слика на архангелот Свети Михаил како за нозе го држи Демонот, Сатаната. А Сатаната, побунетиот ангел, во раката држел... - микроскоп!
Микроскопот, како симбол на аналитичноста, не е добредојден во редовите на оние кои однапред знаат сè. Унамуно (кој често знаел да биде токму фанатизиран, мошне борбен, “агоничен” католик!) ги критикува оние свештеници за кои микроскопот е закана: “Тие луѓе прават сè за да ја избегнат и сопрат агонијата на христијанството, но на начин да го убијат. За да не страда! Го смируваат со смртоносниот опиум на своите духовни вежби и на своето образование. На крајот од римокатоличката религија ќе направат нешто налик на тибетанскиот будизам.”
Според Унамуно, двојноста и борбата се суштински карактеристики на христијанството. Језуитизмот, на пример, со својата доктрина за пасивната ментална покорност ја убива борбата и, со неа, самата срж на христијанството. Христијанинот, вели Унамуно, може да ја убие сопствената рационалност, но не може да го убие интелектот на некој друг. А токму тоа го прават језуитите; според Унамуно, во обидите да ги заглупават другите оглупавеле тие самите.
Унамуно, всушност, го поттикнува еретичкото мислење како слободно да расудува и да ја избира вистинската доктрина. Впрочем, сите ортодоксии (правоверија) започнале како ереси.
Го спомнувам еден од најголемите христијански мислители во 20 век (кој бил и значаен писател и филозоф, слично како Достоевски, кон кого негувал снажен но амбивалентен култ), за да покажам дека верата и религијата се многу покомплицирани од тапото прифаќање и хорското блеење на трлото. Спомнувам пример од пред речиси сто години зашто ме иритира ограниченоста на современото сфаќање на религијата во Република Македонија. Зошто некој искрен и длабоко предаден верник, на пример, не би можел да биде против воведувањето веронаука во училиштата? Зарем вистинската вера не се држи подалеку од посветовувањето, подалеку од утилитарната педагогија (за што “рационалните” и премногу световно насочени протестанти со векови се обвинувани од “трансцендентните” католици; а односот кон световното и световните институции, инаку, е многу сложена тема, гледано и од двата краја: од кај државата кон религијата, и обратно).
Мое начелно убедување е дека прва задача на современите култура и образование е одгледувањето самостојни луѓе, иноватори и “еретици”, а не послушници, конформисти и консуматори. Вистинската слика на нашето општество, впрочем, е поразителна: божем огромното мнозинство од граѓаните се верници, а вредностите што владеат околу нас се сосема безбожнички! Знаете кој е најголемиот грев според свети Павле? Лакомоста! Алчноста! Особината која, за жал, е речиси единственото погонско гориво во современа Македонија (ја заборавив зависта! Цркнувањето на комшиската коза исто така е една од поголемите страсти на современиот Македонец). А наместо слободоумни и автономни поединци кои ќе можат да се носат со предизвиците, нашето супер-правоверно општество одгледува тапоглави циници и фанатици, т.е. глупаци, според Унамуно. Верското образование, според мене, ќе биде само уште делче во мозаикот на заглупавената нација. На верските заедници, вистина е, ќе им донесе нова моќ и зголемено влијание, на партијата на власт политички поени (ах, го заборавив и лицемерието!), но општеството ќе добие само уште едно официјализирање на преовладувачката хипокризија. За нашево време како да важи описот на викторијанска Англија од Карлајл: “Доба лишено од вера, а исплашено од неверица”.