Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 


Никола Гелевски

КОНТРАПУНКТ
2001-2007

         архива на текстови       следен текст

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


159

КОЈ БИЕ - ДОБИВА?!

26.06.2007




Во САД последниве години излегоа низа важни критички книги за религиозната десница. Сигурно дека главна причина за тоа се двата мандати на Буш помладиот, кој обемно е помаган и од екстремните христијански десничари. Но, бидејќи зголеменото влијание на религиозната десница почнува да им се заканува на некои од најдлабоките слободарски традиции на Америка, многумина либерални (но, за среќа, и многумина десни!) новинари, писатели, политичари, медиумски личности сфатија дека ѓаволот ја однел шегата и дека подемот на религиозните политички фанатици мора да се сфати покритички во сета негова заканувачка сериозност.
Меѓу најзабележителните и најжестоките книги насочени против религиозната десница се издвојува новата книга на Крис Хеџис, "American Fascists, The Christian Right ant the War on America". Хеџис, инаку, е мошне интересна и живописна личност; син е на презбитеријански свештеник и дипломирал на Harvard Divinity School; некогаш и самиот планирал да стане свештеник. Денес е главен критичар на фанатизираните христијански предводници.
Професијата на Хеџис, инаку, е - воен дописник. И тоа еден од најпознатите и најценетите во Америка, добитник на Пулицеровата награда во 2002 година и едно време шеф на канцеларијата на “Њујорк Тајмс” на Блискиот Исток и на Балканот. Нема боиште последниве петнаесетина години каде што Хеџис не ја ставал главата во торба: Средна Америка, Судан, Либија, Либан, Иран, Ирак, Босна... Се разбира, оти нашиов регион е дел од морничавите “нестабилни подрачја”, Хеџис не ги заобиколил ниту Косово и Македонија...
Во едно скорешно интервју, по повод излегувањето на новата книга, Хеџис раскажува за својата посета на Косово во почетокот на годинава; она што го вели е мошне интересно за нас: “Во Приштина по кафулињата се среќавав со мошне добро образовани и повеќејазични албански пријатели од Косово. Им велев дека надвор од градовите постојат вооружени групи на Ослободителната војска на Косово; тие групи ги познавав, но луѓето по кафулињата ми тврдеа дека ОВК не постои, дека тоа е само измислица на српската полиција за да се оправда репресијата. Истата работа можеше да се види и во кафеанските друштва во Сараево, воочи војната во Босна. Радован Караџиќ, па дури и Милошевиќ, беа лакрдијашки фигури за повеќето Југословени, па заради тоа, посебно меѓу образованата елита, не беа сфаќани сериозно. Постоеше еден тип слепило предизвикано од интелектуалниот снобизам на тие луѓе, од неспособноста да разберат што се случува. Мислам дека овде, во САД, го живееме истото искуство. Оние меѓу нас во Њујорк, Бостон, Сан Франциско или некој друг урбан џеб не разбираат колку радикално е променета нашата земја, не ја разбираат привлечноста на лакрдијашките фигури за десетици милиони Американци.”
Го наведувам Хеџис за да укажам на неколку работи: и кај нас владее мижење во однос на радикалните вооружени групации; Танушевци е стариот но и најновиот пример за матните зделки меѓу воено-криминалните банди и политичките елити. Во нивно заложништво живеевме и пред 2001 година, но особено засилено по 2001 година. Не случајно едно од главните политички прашања во Македонија е статусот на албанските воени ветерани. За жал, лошиот живот постојано (ќе) регрутира нови фанатици и криминалци кои на свој начин (ќе) се обидуваат да дојдат до она што мислат дека им припаѓа, вака или онака. Дури и ако владата биде добронамерна и на еден дел на припадниците на ОНА (кои 2001 година се бореа против Република Македонија) им додели некакви пензии (како бакшиш врз амнестијата) - која е пораката која се испраќа со таквиот чин? Дека нови млади, бесни и очајни Албанци утре-задутре не само што ќе треба да ги тргнат (политички или поинаку) сегашниве евидентно корумпирани политичари на трите албански партии туку и - зошто да не? - дека одново ќе треба да се фатат за пушките? А зошто велам “млади Албанци”? Зошто и дел од Македонците да не се организираат и со пушки да пробаат да дојдат до својата социјална помош? Ете идеја и за стечајците од “Жена-парк”!
Втората работа на која сакам да укажам (поттикнат од Хеџис) е што таканаречените “лакрдијаши” (кои ù се закануваат на Америка) во голема мера владеат со овој дел од Балканот најмалку од 1991 навака; ги има и во највисоката политика и меѓу големите стопански манги, но и во воено-криминалното подземје кое хронично е незадоволно со степенот на влијание што го остварува во естаблишментот (убиството на Ѓинѓиќ е класичен пример за лудачки нараснатите политички апетити на спрегата меѓу полицијата, военото разузнавање и мафијата во Србија).
Нема да се воздржам да ја спомнам и третата работа што ја сугерира Хеџис: и кај нас загрижувачки расте влијанието на религиозната десница; поповите и мафијашите, за среќа, кај нас сè уште не се во толку висок степен на братство како што (беа?!) во Србија, но многу работи загрижуваат; на пример, и МПЦ даде глупав прилог во обидите да се прави национален мит од Љубе Бошковски, кој во Хаг е обвинет за воени злосторства.
Џорџ Бернард Шо има една реченица што ми изгледа како кратка и добра агенда за граѓанска политичка акција: “Погрижете се да го добиете она што го сакате оти ќе ве присилат да го засакате она што ќе го добиете”.