158
КУКЛИТЕ ОД БАСМА, СЛАМКИ И КОНОП
19.06.2007
Знаејќи ја македонската историја последниве, да речеме, 150 години,
човек би очекувал многу поголема памет во сферата на политиката. Би
очекувал, на пример, политичка вештина која ќе знае во сопствена
полза да ја искористи суетата на надмоќниот противник. Би очекувал
извртување на доктрината на Клаузевиц: латентната војна може да се
води исклучиво со политички средства, оти оружената борба носи
преголеми ризици за сите актери.
И навистина, збутан меѓу интересите на најмалку четири жестоки
регионални играчи (Турција, Грција, Србија и Бугарија), Македонецот,
ми се чини, изминативе особено 150 години (кога поцврсто почна да се
пројавува македонската национална свест) просто беше принуден со
првото млеко да ги цица комплексните политички вештини за голо
преживување. И на економско ниво (плаќање даноци), и на образовно (првите
обиди децата да учат на македонски јазик), и на религиозно (да се
избегне претопувањето во туѓи цркви), Македонката и Македонецот
мораа да бидат, во еден мошне суров и воинствен контекст, дипломати
и мудреци, најчесто да го вртат другиот образ и да чекаат подобри
времиња.
(Еден од најубавите и најдлабоките симболи на Македонија во втората
половина на 19 век е ликот на немата девојка Росица, која изработува
кукли од “парки басма, сламки, коноп, пченкарна свила, шашки, или
дури и од сачки за потпалка”, во романот на Оливера Николова,
“Куклите на Росица”. Дека 20 век - за 21-иот ќе причекаме уште малку
- пристигна и овде, доказ е конечното менување на родовата
перспектива низ која се гледаат историските настани; во случајов, не
само што авторот на романот е жена туку и целиот ракурс е “женски”,
т.е. немачистички, непатријархален, емотивно поврзувачки, а сето тоа
ми се чини - менувањето на перспективите и дискурсите - извонредно
важно и за нашата литература и за нашата историографија и за нашата
политика, се разбира.)
За жал, велам, деликатните вештини со итрост, дипломатија и ум да се
опстои на суровиот балкански ветромет денешниве наши политичари како
да ги изгубиле. Најпростачки (“сељачки” дури и за стандардите од
пред 150 години!) се плукаат меѓу себе, се закануваат на сите страни,
неумерено лажат и пред сè бахато ја ползуваат власта; просто како на
грб да ги имаме истите прости душмани од пред 150 години!
Менталитетот на владеење е турски, во економијата се преплетуваат
грчко-руско-српски интереси, а најчесто има бугарски корени
идеологијата на негирање на антифашизмот (кој е најголем дострел на
македонската политичка свест и кој, всушност, и ни ја донесе
државата, со која денес речиси не знаеме што да правиме).
Одговорен за сегашнава лоша ситуација е власта, јасно, т.е. главната
владеачка партија, ВМРО ДПМНЕ, која просто го диктира
преовладувачкиот примитивен и конфликтен општествен тон (можеме само
да се надеваме дека современата ВМРО еден ден ќе се одлепи од
параноичното и братоубиствено интригантство што ја следи таа
организација повеќе од еден век). ТВ-вестите најдобро ја опишуваат
ужасната атмосфера во која живееме: парада на пијанство, кич,
насилство, просташтво и глупост. Јавната кауза уште еднаш е збришана
под налетот на партиските или ситносопственичките интереси. А оние
кои треба да се грижат за јавниот интерес, јавните сервиси, на
пример, одново се претвораат во владини, т.е. во партиски дувла кои
својата смисла (како МРТВ, на пример) ја наоѓаат во поддршката на
перманентните владини кампањи; кои, пак, им служат на властодршците
за самохипноза! Да, да, супер е! Многу работиме! За да видите колку
погледнете го најновиот труд на нашата рекламна агенција! Не е битна
реалноста туку сликата за неа! Секој месец во најсиромашната земја
во Европа стотици илјади евра фрчат за ништо друго туку за
олигархијата да си произведува огледала кои им зборуваат: вие сте
најубавите!
Да речеме дека Бранко Црвенковски и Љубчо Георгиевски, како премиери,
беа премлади за во општеството да воспостават подостоинствен,
поизбалансиран и помудар тон. Да речеме дека токму тие двајцата се
виновници за добар дел од нашите пропуштени шанси. Но, зошто по трет
пат да го гледаме истиот филм?! Зошто уште еднаш да дозволиме
незрелоста и афектите да го моделираат политичкиот контекст? Зарем
пак личните фрустрации и инфантилното инаетење ќе ни бидат
погонската општествена енергија?! Иако знаеме дека во Македонија
мажите пред четириесеттата (ма, што зборам, пред педесеттата!), се
однесуваат како вчера да испаднале од под седалото на мама, на
Груевски (токму зашто е најмоќен!) нема да му го дозволиме луксузот
што го имаа неговите претходници! Доста беше! Ако нема ниеден човек
во ДПМНЕ (а нема, и тоа зборува за катастрофалниот демократски
капацитет на таа партија) да му каже на премиерот дека неговото
политичко однесување е незрело, проблематично и дека им штети на
подолгорочните интереси и на државата и на партијата, тогаш (во
ситуација на грогирана опозиција) ни преостанува да се надеваме дека
ЕУ ќе нè одбрани од сопствената власт!
Се разбира, верата во странците нема да нè одведе никаде, како што
не нè одведе ни пред 150 години. Надежта е дека сепак некој ум,
знаење, добрина и визија се акумулирале и дека самите ќе си ги
изнајдеме излезите од лавиринтот во чии најбезизлезни катчиња се
прибиваме меѓусебно како зашеметени глувци... Или како кукли
направени од парки басма, сламки, коноп, пченкарна свила, шашки, или
дури и од сачки за потпалка...
|