157
ДОБРИ ЛУЃЕ, А ЛОШИ ПОСТАПКИ?
12.06.2007
Една од најважните причини за моето јавно дејствување е зашто
верувам дека опкружувањето е она што во најголема мера ги одредува
нашите животи и дека улогата на поединецот во тоа опкружување
воопшто не е безначајна. Како постојано да забораваме дека нашето
опкружување сме самите ние! Јас сум “социјалната средина” за моите
најблиски; секој од нас е нечие опкружување, нечиј поттик или модел
за однесување... Постојано, особено во приватните кругови, велиме
дека нашево општество не го бива, дека средината ни е примитивна,
груба, со нарушени системи на вредности... Од друга страна, како да
изостануваат позитивните примери, дека кај нас постојат и поинакви,
вредни, креативни и доблесни луѓе кои, дотолку, дури и ја менуваат
средината, бавно, слабо, но можеби долгорочно...
Читав неодамна едно истражување за вандализмот во градот Њујорк.
Еден психолог тргнал да ги истражи причините за стотиците оштетени
автомобили паркирани низ градот. Кога се распрашал во полицијата му
рекле дека извршители на вандализмот се црнечките и порториканските
деца кои излегуваат од дупките, разбиваат сè, цртаат графити, кршат
прозорци и потоа исчезнуваат.
Психологот смислил едноставен експеримент: почнал да купува возила
на старо, им ги вадел регистерските таблички и го оставал отворен
капакот на моторот. И потоа снимал што се случува. Се покажало дека
не били виновни црните и порториканските клинци, туку белите
Американци од средна класа, кои случајно поминувале. Едно возило
било поставено блиску до универзитетот во Бронкс. За помалку од
десет минути возачот на првиот автомобил кој поминал со помош на
дигалка дрпнал една гума од оставеното возило. По десет минути биле
испразнет багажникот. Во 48 часа “експериментаторите” избројале 23
деструктивни контакти. Во само еден од нив учествувале деца. За
споредба, едно возило било поставено во друг кварт, блиску до
универзитетот Стенфорд. Возилото било надвор цела недела и никој не
го допрел сè до последниот ден кога врнело, па некој ја спуштил
хаубата. Не дај боже да се намокри моторот.
Психологот, Филип Зимбардо, низ еден ваков едноставен пример ја
покажува важноста на заедницата. Ако се грижиш за сопственоста и
луѓето на “својот дел од теренот”, можеш да очекуваш реципрочна
грижа. Во анонимна околина никому не е грижа речиси за ништо.
Истиот Зимбардо правел мошне деликатни истражувања и во врска со
човековата склоност да измачува други луѓе или послушно да следи
садистички наредби дадени од “авторитет”. Деиндивидуализацијата на
мачителите притоа е речиси правило, заедно со дехуманизацијата на
оние што се мачени. Во злогласниот ирачки затвор Абу Граиб, на
пример, како што покажуваат фотографиите што ја вознемирија
светската јавност, војниците-стражари не носат униформи. Дури ни
агентите на ЦИА, цивилните истражувачи, таму не покажувале лични
документи. Тоа е нарушување на воениот протокол, зашто и во
затворите мора да се носи униформа. Во седумдесеттите истото го
правеле полицајците во текот на студентските протести против војната
во Виетнам; ги симнувале своите јакни со името и идентификацискиот
број или дури навлекувале гас маски, само за да создадат ситуација
на анонимност.
Зимбардо вели дека Абу Граиб е пример за социјално моделирање.
Постои анонимност и постои дехуманизација, означување на другиот,
затворениот, како инфериорен и безвреден. И постои таква распределба
на одговорноста при што никој лично не е одговорен за ништо.
Зимбардо правел психолошки профили на војниците-чувари во Абу Граиб.
Повеќето биле совршено нормални, социјално адаптирани, семејни луѓе.
Но, контекстот во кој биле фрлени од нив направил психопати.
Клучната теза на Зимбардо е следнава: Ако добри луѓе ставите на лошо
место, дали ќе победи местото или луѓето? Одговорот е: местото. Не
се расипани јаболките, туку бурињата. Бурињата во кои живееме нè
прават вакви или онакви. Ситуациите имаат многу поголема улога во
нашите животи отколку “добрината” или “лошотилакот” на секој од нас
поединечно. Ситуациите можат, во одредени околности, да станат толку
моќни (и притоа невидливи, суптилни) социјални сили кои сосема го
ништат нашето длабоко всадено чувство за “добро” и “зло”.
Се разбира, сево ова го велам не за себеси да се амнестираме од
одговорност, оти некои помоќни социјални сили го одредуваат
целокупното живеење. Напротив! Велам дека заедницата и средината се
толку важни што мораме да се обидеме да влијаеме врз нив и да го
прифатиме своето парче одговорност. Заедниците и “моќните
општествени енергии” ги менуваат поединци. Разбирам дека голем дел
од луѓето кај нас се чувствуваат потрошени од транзицијата и без
доволно сила и нерви да им се спротистават на локалните мафијаши и
политичари (често споени во едно), на напливот од примитивизам и
насилство што доаѓа директно од највисоките сфери на политика и
медиумите, на безбројните оставачи на ѓубре низ градовите и
природата, на ширењето омраза и нетолеранција... Но, ако веќе немаме
сила за активно спротиставување, тогаш барем да се обидеме со
активната поддршка? Да ги охрабриме недоволно видливите умни и добри
луѓе во земјава, кои се обидуваат, макар во мали кругови, до
создадат нови вредности, благородност, убавина... Кога тие луѓе ќе
престанат да се чувствуваат толку проклето сами и изолирани, тогаш
можеби и целата средина ќе почне малку побрзо да се менува кон
подобро.
|