Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 


Никола Гелевски

КОНТРАПУНКТ
2001-2007

         архива на текстови       следен текст

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


156

ЕМОЦИИТЕ И ПОЛИТИКАТА

05.06.2007




Позната е старата поука дека во политиката нема емоции туку интереси. Копнежливи по љубов и разбирање, какви што ние луѓето веќе сме, повеќето од нас на таа многупати потврдена вистина гледаат со доза на антипатија.
Но, дојде време кога политичките емоции во нашата земја толку се вжештија што е потребно проветрување, пред сè со помош на стариот добар разум. Всушност, во ситуацијата во која сме (со политички живот кој наликува на латиноамериканска “сапуница” со безброј скршени срца и секојдневни љубовни пресврти), не е потребен ни некаков продлабочен разум; пред политиката сфатена како емотивна уцена доволно е да потсетиме на непопуларното сфаќање на политиката како прагма, како соголен интерес. Заклучокот е неизбежен: понекогаш дури и меркантилистичката “трговска” политика е подобра од хистеричната “емотивна” политика!
Феноменот на “емотивизирањето” на политичкото и инаку е мошне интересен и е карактеристичен за сегашнава власт, а особено за нејзиниот неприкосновен предводник, Никола Груевски. Нагласено емотивното политичко дејствување на актуелниот прв министер му носи многу симпатии и голема политичка моќ, но таквото недоволно самоконтролирачко дејствување потенцијално може да биде и огромна политичка слабост. Сега за сега, политичко-емотивните хирови на премиерот главно се доживуваат како искреност, нерасипаност, принципиелност... Партиските војници и другите приврзаници немаат тешкотии да ги следат политичките енергии на Груевски; и мало дете може лесно да прочита кого Груевски сака а кого мрази; кога е напнат, кога е опуштен. Мислам дека таа психолошко-политичка едноставност е важна причина за популарноста на премиерот, пред сè зошто на граѓаните им упатува крајно поедноставени и со чувства набиени пораки.
На пример, односот кон претседателот на државата е просто манихејски во својата недвосмисленост: Бранко Црвенковски треба да се мрази! И тоа треба да се мрази активно, без задршка, од “стомак”. И стварно, послушно, од дното до врвот на ВМРО ДПМНЕ, масовно и секојдневно се тренира речиси ритуалното забивање егзорцистички игли во вуду куклата по име Б. Ц. Понекогаш се добива впечаток дека сета друга политика на ДПМНЕ изгледа како секундарна рационализација на некаква првична омраза. Се разбира дека политиката втемелена во омраза е непродуктивна, глупа и, во крајните консеквенци, автодеструктивна. Ако со таква бруталност и вжештеност се суди политичкиот учинок на другите, тогаш таквата “методологија” многу брзо ќе ви се врати на сопствен грб.
Затоа треба да се предупреди: “емотивизирањето” на политиката е опасно зашто е еднострано, пристрасно и најчесто лажно во својата површност; заводливоста на лесните и брзите судови може да биде погубна: судењето преку колено и ден денес, на пример, е траума за некои од жртвите на повоениот егзалтиран комунизам. Истата идиотска егзалтираност од моќта ја гледаме и денес! Да се апси! Да се понижи и урне! Наместо: десет пати да се одмери, а еднаш да се сече. Таа линија ја разликува демократската од авторитарната држава. Па и повеќе од тоа: тоа е границата помеѓу цивилизацијата и варварството.
Се сосредоточувам на Груевски зашто тој е, сепак, клучниот создавач на трендовите во моментов. Мендух Тачи, неговиот коалиционен партнер, со своите неодговорни афектации и политичкиот егзибиционизам, покажува уште поопасна карактерна и политичка нестабилност; но Тачи во случајов само ги следи психо-политичките матрици поставени од Груевски одамна пред да стане премиер. Не еднаш, особено во опозициониот период, сме го гледале Груевски во паника, во афект, “прегорен” од крупни чувства, неодмерен и често негативно радикален. Тој фантом на “негативниот” и фрустриран Груевски (откако “позитивниот” радикализам само делумно е смекнат во премиерската фотелја) како сè уште да ја тресе ДПМНЕ, ако судиме по нивните секојдневни медиумски егзорцизми.
На крај, за да бидам уште појасен: емоциите не треба да се протераат од политиката. Дури таа политика, ослободена од чувства, ќе наликува на хорор, се разбира! Помина времето кога емоциите беа третирани како остатоци од најраните стадиуми на еволуцијата; ниту филозофијата веќе не ги става емоциите во недостојните подрачја на животинското, на спротивниот крај од разумот, кој прелесно се прифаќаше како најфина човечка способност, неповрзана со емоциите. Денес невролозите и психолозите зборуваат за нераздвојната сплотеност меѓу разумот и чувствата. Емоциите не се непотребна раскош, пречка или еволуциски атавизам. Добро насочените и добро применетите емоции, според невролозите, претставуваат скелет за целокупната архитектура на разумот.
Но, повторувам, емоциите не можат да бидат замена за разумот ниту тие можат да одлучуваат наместо нас. Емоционалната вознемиреност често доведува до ирационални или опасни одлуки, и кон себеси и кон околината. Политиката е поле каде што се судираат навистина стравотни енергетски полнежи често до прскање набиени токму со жестоки чувства. Ако актерите не научат да ги кротат и контролираат тие енергетски полнежи, ни се заканува емоционална зараза и продор на ирационалното многу подалеку од што здравјето на едно општество може да издржи. Впрочем, има толку многу историски примери кајшто ирационалното експлодира во невидени деструкции. Треба да береме памет.