Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 


Никола Гелевски

КОНТРАПУНКТ
2001-2007

         архива на текстови       следен текст

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


154

МАНИ, КИРО! (ЛУСТРАЦИЈА)

22.05.2007




Повеќе месеци се подготвувам да пишувам за лустрацијата, но некако не ми оди. Во воздухот, просто, се чувствува, дека процесот поттикнат со закон ќе оди во насока на фарса, на травестија, на карневал, општествени нешта коишто, впрочем, и имаат врска со древните ритуали на лустрацијата. Се чини дека, за жал, нашето општество нема капацитети, морални, пред сè, но и професионални (правни и политички), да го изведе тој процес достоинствено, авторитетно и праведно. Затоа решив на помош да го повикам полуславниот писател од полуподземјето, Пандалф Вулкански. После општите назнаки за поимот “лустрација”, следи, значи, малиот литературен прилог од “Речникот” на П. Вулкански кој веројатно нема врска со темата, но ја илустрира нејзината фарсичност.

Поимот лустрација (lustra) се појавил во древниот Рим како церемонија на чистење од некое зло. Се применувала секои пет години. Главен елемент на лустрационата церемонија била процесијата која три пати обиколувала околу личноста или предметот за лустрација. Средства за прочистување биле факелите и жртвените животни во ритуал следен со музика, игра и песни, а понекогаш и рецитирање стихови. Во процесијата учествувале личности со таканаречено добро име (bona nomina).
Лустрацијата се применувала и над римската војска, но пред битката, никогаш по неа. Пример на тој ритуал е прикажан на Трајановиот столб подигнат 113 година во Рим.
Лустрацијата се применувала дури откако на Марсовото поле ќе се одржало гласање со консензус. Гласењето го вршел цензор со коцка избран меѓу слободните римски граѓани.
Етимолошкото значење на поимот лустрација води во две насоки: зборот потекнува или од латинскиот глагол lavare, мие, или од глаголот lucere, свети, подоцна lustrare, осветлува, според факелите што ги носеле учесниците во ритуалот.
Зборот е обновен во посткомунистичкиот период, но со променето значење. Денес лустрацијата значи привремено или трајно исклучување од јавниот живот на припадниците на стариот комунистички режим.

“Енциклопедија Британика”: Лустрација (од латинското lustratio, “чистење со жртва”), во стара Грција и Рим разни дејствија со кои поединецот или заедницата се пурификува од нечистотијата (пролевањето крв или загадувањето во допир со новороденче или мртовец) или просто чистење од некоја профана состојба во допир со свети предмети и ритуали. Метода на лустрацијата е пошкропување со вода или капење во неа, триење со крв или иловица, а во посложени случаи и исповедање на гревовите. Ако било потребно да се прочисти општеството, поради некоја колективна вина или зачестени несреќи или разни недела, биле употребувани разни методи во разни култури. Вообичаената старогрчка метода, на пример, била низ селото да се спроведе човекот или животното, за кои сметале дека можат да го апсорбираат загадувањето, а потоа тие биле изведени од населбата.

***

МАНИКИР И МАНДАРИН
Во Битола, т.е. во познатиот манастир “Ристовиот намаз”, со векови се одржува “Манифест”, најголемиот фестивал на фалични луѓе, т.е. на луѓе со мани, кои ионака гравитираат кон Битола, т.е. кон манастири генерално. Најфаличниот ја добива наградата “Мантија т.е. мантил за манијак”, како докажано најјак во мани.
Наградата, пак, за најфин манијачки манир, позната под името “Маникир”, традиционално ја доделува Киро Глигоров.
“Еднаш така, седам ја со Лазо Колишевски на мансарда и кркаме сарма. Таман да дое десерт, манго, од негде се појавува некој мангуп и ми вика: 'Мани, Киро!' И сфаќам, човекот дошол да маникира, фала богу, а не да врши харакири ха ха ха... Не е глуп мангупов!, му мрда мандалото!, му викам на Лазо, зафатен со мангото... И така, значи, ја формираме МАНУ, ко некаква маникир-мануфактура ха ха ха... Иам сочувано и манускрипт од целиот настан, се чува во МАНУ, нормално: Лазо го ренда мангото, јас ја завршуем сармата на мансарда, и - цап! просветление!: 'Мани, Киро!' И ко ќе видиш, стварно, сè така се наредија работите, сè до овој величествен пир, кога ги оживуваме славните традиции доделувајќи ја наградата 'Маникир'“. (...)
- “Кога, таман доаѓаат, по ред, портокалите и мандарините, очекуеме и плесачици, бајадери, и мандолини, цел пионерски оркестар - се појавуе оригинал мандарин! Кинески! И почнуе да ни збори! Против христијанство! Против мантијашите итн.! Глеам, Лазо се препотуе, ама линијата е таа, халуциногено-марксистичка! Му викам на Лазо, од мангото Мао Це Тунг да не ни се привидуе, Славко Јаневски, коа беше на мандат, да не го донел мандаринов и сеа нè заебаваат, ми дое некое премреже, нервно малтретирање ко малтер да ми го зацементира мојот спиритуален мал терен... А Лазо ми вика 'Мани, Киро!', ама не е смешно! И тука Лазо изведуе маневар: 'Ма, не во вар книгата на Томас Ман!', извикуе Лазо со лудачки глас и сè исчезнува! И мансардата и сармите и мангото и маникерот-мангуп и мандарините, мандолините и мандаринот, сè се расплинуе ко да било прекриено со мантија, т.е. магионичарски мантил... Повторуем, маневарот на Лазо беше блеф, а книгата на Томас Ман своерачно т.е. мануелно ја завештавме на МАНУ.”