Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 


Никола Гелевски

КОНТРАПУНКТ
2001-2007

         архива на текстови       следен текст

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


153

ИСТОРИЈАТА КАКО ПОЛИТИКА

15.05.2007




Една од работите која сериозно нè оддалечува од ЕУ е манипулирањето со историјата. Не мислам тука на конкретните и директните историски несогласувања кои ги имаме со две членки на ЕУ. Во многу нешта во Грција и Бугарија историјата толку е злоупотребена во националистички и политички цели што македонските манипулации со минатото наликуваат на детска игра во однос на изверзираните махери од соседството (од кои, впрочем, и ги учиме анахроните идентитетски политики, карактеристични за 19 век).
Сеедно, велам, таквата злоупотреба на минатото, без оглед колку некогаш била лукративна, денес нè оддалечува од ЕУ, и во формална смисла (ги нарушува врвните европски вредности, толеранцијата, отвореноста, почитувањето на другиот), но и во суштинска, внатрешнополитичка смисла; со олку безглаво и политички инструментализирано чепкање по минатото (интензивирано со доаѓањето на десничарската власт) Република Македонија не оди во добар правец.
Можеби, на пример, кај помалку образованите луѓе и можам да ја разберам идолатријата кон Александар Велики и нивното барање врска меѓу античка и денешна Македонија; но, не можам да разберам зошто претставниците на општествената елита, политичари, историчари, археолози, заклучно со примитивните турбо богаташи, форсираат малоумни историски приказни, нудејќи им на осиромашените и избезумени Македонци инстант утехи во форма на набилдани идентитети? Впрочем, новите богаташи (како врвни претставници наа таа нова елита, а богами и како нови тривијални арбитри во прашањата на верата, историјата и естетиката) наликуваат на некогашните буржоаски малограѓани кои трагаа по семејното педигре; новите општествени актери (како и новите нации!), предводени од таков тип малограѓани, често се обидуваат токму сопствената празнина и немањето посериозни културни корени да го надокнадат со чаталење, разметливост, мегаломанија. Разметливоста, пак, кон “плебсот” главно има демагошки и реторички назнаки: “Можеби денес сте јад и беда, голтарите на Европа, џганот кој чека социјална помош од Брисел, но затоа, горди Македонци, некогаш ги тресевте континентите! И не само тоа! Вашите инкарнации се пренесени преку Рим и Византија! Моќта е другото име за Македонија!”
Најнемоќните најкопнежливо сонуваат за моќта. Башка, целиов балкански контекст делува мошне стимулативно за разни манифестации на лудило на големината кое предизвикува невидена деструкција; кој го гледал српскиот парламент деновиве сфаќа што зборувам. Но, зарем и Грција, членката на “софистицираната” ЕУ, со години веќе не е ист таков заводлив пример за православно-античко лудило? Ете ги, балканските господари-илузионисти на историјата, безгрижни, комотни, богати, но сепак со заканувачки вперените прсти спрема секое друго националистичко лудило кое не се поклопува со грчките идентитетски фантазми... И зошто тогаш и овде да не го правиме истото? Можеби така треба? Можеби тоа е патот до успехот? Само треба да се нагази! Вози, Мишко!
А сепак, си велам, некој во балканскава крчма треба да се обидува да остане трезен, па макар од страв, макар бил прогласен за немажествен коркач со “неисториски идентитет”... Можеби тоа е една важна смисла на постоењето на Македонија: среде разуларените “цврсти”, мачоистички и нарцисоидни самосогледби, да се понуди еден малку понестабилен, поранлив, пофлексибилен и повеќе огледалски идентитет?
Да се обидам да појаснам, низ друг ракурс. Најголемиот современ историчар, Ерик Хобсбаум, во низа наврати недвосмислено се изјаснил против грчкото националистичко митотворство и злоупотребата на античка Грција. “Не постоела никаква грчка нација-држава, ниту каков било друг единствен политички ентитет за Грците во четврти век пред Христа. Македонската империја воопшто не била налик на Грција или на која било модерна нација-држава, а во секој случај многу веројатно е дека старите Грци ги сметале македонските владетели, како подоцна и римските, за варвари, а не за Грци”, вели Хобсбаум во својот славен текст “Надвор и внатре во историјата”.
Но, намерите на Хобсбаум во тој текст се многу пошироки и насочени кон одговорноста на историчарот да не подлегне на националните или политички притисоци. Историјата најчесто не е колективната традиција или сеќавањето на предците, смета Хобсбаум, туку таа е она што луѓето го научиле од свештениците, учителите, писателите на историски книги и компилаторите на новински статии и телевизиски програми. “За историчарите е мошне важно да се сетат на својата одговорност, која се состои во тоа, над сè, да стојат настрана од страстите на политиката на идентитетот - дури и кога самите ги чувствуваат.”
Се разбира, оној кој им се спротиставува на лажните национални митови и на ритуализацијата на политиката, ризикува многу и најчесто е непопуларен. Што не е добра препорака за политичка кариера. Но, има интересни случаи. Томаж Масарик, славниот основач на Република Чехословачка и еден од најмаркантните политичари на 20 век, бил екстремно непопуларен кога влегол во политиката како човек кој докажал, со жалење но без двоумење, дека биле лажни средновековните манускрипти врз кои биле засновани многу чешки митови.
Го спомнувам Масарик не само за да ги охрабрам новите потенцијално попринципиелни политички актери (кои жедно ги исчекуваме!), туку и за да ја потсетам главната владејачка партија (која деновиве одново се размавтува со многу грдата карактерна комбинација од ароганција, паника и просташтво) дека политиката е игра со навистина големи влогови која бара бистра глава и долгорочно планирање.