152
ХРАНА И ВИНО
08.05.2007
Блазе си им на поспаните, оти набрзо ќе заспијат.
Фридрих Ниче, Така зборуваше Заратустра
Неколку дена ме прогонуваат пар статистички податоци; бројките,
патем, се преземени од српски весник и во нашите весници беа
пренесени лапидарно и суво, без посебни коментари. Еве за што
станува збор: граѓаните на Македонија се на европското дно во
потрошувачката на храна (409 долари по жител годишно) и во
потрошувачката на средства за лична хигиена (20 долари годишно по
жител). За безалкохолни пијалоци, пак, трошиме неверојатни 12 долари
годишно, т.е. 50 денари месечно.
Ако загребете под студенава статистика - морници ќе ве фатат, и
стаписаност! Како што мене ме фатија! Како може да се преживее со 80
денари месечно наменети на средства за лична хигиена?! Една паста за
заби е сто денари! Четкицата за заби исто така е барем 100 денари...
Шампон со среден квалитет - барем 150 денари... Креми, шминки и
парфеми да не спомнувам! (Во статистиката влегуваат и жените, се
разбира, поубавиот милион од вкупното македонско население.)
Но, приказнава крие и други вџашувачки импликации... Ако
претпоставиме дека барем пет проценти од граѓаните на државава (околу
сто илјади луѓе), трошат десет пати повеќе од просекот, т.е. барем
двесте долари годишно за средства за лична хигиена (800 денари
месечно, т.е. околу половина долар дневно) - тогаш испаѓа дека барем
еден милион македонски граѓани на лична хигиена годишно трошат НУЛА
денари! Половина од населението живее речиси без средства за хигиена!
Велам, ваквата статистика човека го треска од земја. Европа?
Политика? Каква црна политика! Има ли простор да се води
цивилизирана политичка борба во земја каде што самата статистика ви
ги наметнува двете клучни политички цели: прво, да се нахрани
народот; второ, да се измие! Процедура како за бездомници! Или бетер
- како за кучиња-скитници!
За каква политика тука може да стане збор?! Да се биде водач на
мнозинството граѓани кои немаат пари за четкица за заби?! Во земја
каде што дневно на храна просечно по жител се троши нешто над еден
долар (55 денари), политиката може да биде диктаторска,
манипулативна или каритативна, но не “проатлантска” и “евроинтегративна”...
Пола Европа троши повеќе пари на вино, пиво и чоколада отколку што
ние трошиме на храна!
Значи: како може човек да се нахрани за 55 денари дневно? Тоа е
литар млеко и пола леб. Една просечна паштета е 40 денари. Сто грама
чоколада е 50 денари. И ако пак претпоставиме дека барем сто илјади
Македонци дневно трошат околу 500 денари за храна, тогаш испаѓа дека
еден милион Македонци годишно на храна трошат НУЛА денари! (т.е.
јадат корења и треви, оти го слушнале советот на еден бивш член на
претседателството на СФРЈ, во времето на распадот на таа земја).
Најмалку две работи произлегуваат како можен (политички) заклучок по
вакви поразителни статистики; прво, можно е Државниот завод за
статистика (ако странскиот весник оттаму ги земал податоците) одамна
веќе да не располага со веродостојни статистички согледби за
општествените текови; не само заради огромната “сива” економија (која
не дозволува уточнување дури ни на висината на бруто општествениот
производ), туку и заради лошата и застарена методологија на собирање
податоци; второ, дури и ако бројките за нашата потрошувачка се
значајно потценети, тие пак се далеку дури и од најсиромашните
европски земји.
Оттаму произлегува единствениот политички императив во моментов:
повторна или продолжена модернизација на земјава! Да се продолжи
таму каде што се започна 1945 година! Електрификација! Хигиена! (“Не
плукај по подот!”) Пруга! Храна! Анти-туберколозна програма!
Индустријализација! Писменост! (На европското дно сме и според
читањето весници и книги, а дословно се неписмени најбучните
“големомакедонци” што сејат примитивизам и омраза по медиумите и
интернетот).
Но, наместо современиот македонски политичар да се зафати со таа
нова модернизација на земјава (на пример, само дел од огромните
криминогени профити на Телекомот да се пренасочат во развој,
десетици илјади луѓе не би се наоѓале во сегашнава безизлезна
ситуација), тој современ политичар или доопустошува (докрадува) или
го префрла фокусот врз во моментов сосема неприоритетни работи.
Погледнете го Стојан Андов; имаат ли денешните мразители на
социјализмот подобар доказ од него дека социјализмот, во кој дрмаа
кадри од типот на Андов, навистина го заслужи историското ѓубриште?!
Наместо одговорност за учество во “злосторничкиот потфат” на
опустошување на Македонија од 1990 навака (а и пред тоа, зошто да не?!),
Андов денес се занимава со лични политички фрустрации и пресметки.
Зошто Андов во било која секунда на својата комунистичка кариера не
се побунил против прекршувањето на човековите права? Зошто Андов
денес не се буни заради фактот што Босна и Херцеговина,
импровизираната држава која четири години беше во немилосрдна војна,
денес е побогата од Македонија (еден податок од истата статистика:
граѓанинот на БиХ на храна годишно троши четири пати повеќе од
Македонецот!)?
Повеќе од ЕУ, нам во моментов ни требаат сити, здрави и смирени луѓе,
со заби во вилицата (што значи, со паста врз четкицата) и со акал во
главата. Околу таа потреба неопходен е потполн политички, етнички и
секаков друг консензус. Со волку запуштен и очаен народ, инаку, ќе
завладеат политички креатури пострашни дури и од забеганиот лажен
праведник, Стојан Андов!
|