151
ДИЛЕМАТА НА БРОДОЛОМНИКОТ
24.04.2007
Од една страна, си велам, дури и ако не ги промени економските и
другите перформанси на општеството, можеби новата “револуционерна”
влада ќе заврши важен дел од работата само ако внесе малку повеќе
правда? Малку повеќе морал, чесност, искреност? Верувам дека
многумина поддржувачи на сегашната власт го мислат истото: и ако
нема леб, нека има правда!
Од друга страна, кога гледам какви подмолни манипуланти и профитери
обоени со сите можни партиски и други бои, сега збутани во скутот на
новата власт, ни мачкаат очи со приказните за правдата и моралот,
тогаш ептен не верувам во идеализмот на денешните бучни ловци на
вештерки.
На пример, “од авион се гледа” (како што вели Груевски) дека во
заднината на мотивите за “реформи” во здравството на советниците на
премиерот, докторите Митрев и Кедев, се кријат силни лични интереси.
Митрев, на пример, отворено вели дека неговата болница има капацитет
за сите срцеви операции во земјава и дека државна кардиохирургија не
ни треба. Но, не само што Митрев отворено (и дрско и навредливо кон
некои свои колеги) искажува монополистички намери, туку има и
поголеми апетити во делењето на здравствената “пица”. (Се разбира,
не велам дека во најмала рака исто толку сомнителни играчи, како
Митрев, со години не манипулираат со даночните пари што се слеваат
во здравствениот систем; впрочем, Оскар Вајлд добро ја опишува
нашата атмосфера: “Просто е чудовишно како луѓето денес зад грб едни
за други зборуваат најлоши работи, кои се совршено и беспоговорно
точни”.)
Со еден збор, ми се чини дека многу често дури и владите со многу
чесни и чисти намери заглавуваат во дилемата на бродоломникот: да се
пие морската вода или сопствената мочка? Ми се чини дека медиумските
хајки и другите не толку видливи но мошне интензивни борби кои во
моментов се водат околу можната нова распределба на парите и моќта
во Македонија, од претседателот на владата (системски најмоќната
позиција во државава, во моментов дополнително зајакната со високиот
рејтинг на Груевски) можат да направат заложник парализиран, како и
другите премиери пред него, со “дилемата на бродоломникот”.
На времето имаше еден интересен виц, со мошне слоевити
психоаналитичарски, па и политички пораки. Некој идиот во уличниот
мрак загубил клуч, но го барал под првата улична светилка; кога го
прашале зошто тоа го прави, тој им рекол: знам дека таму го изгубив,
но овде ми е полесно да го барам.
Вво недостиг од вистинско знаење и реална сила за промени, значи,
нашите властодршци најчесто се трошат во ритуали и паради, во
“пцуење во мрак, прдење во прашина” и барање клучеви во темница.
Малку парадоксално, но современите општества (а особено нашето, во
вакви бурни времиња) често наликуваат на племенски општества, барем
онака како што ги дефинира антропологот Кластрес: препуштени самите
на себе, племенските општества водат војни не толку заради превласт
колку од авантуризам; “а ваквото хоризонтално војување (како и
другите примитивни рефлекси) всушност работат против настанувањето
на Државата и нејзината вертикалност; насилството овде е форма на
отпор спрема раздвојувањето, коешто за племињата е постојана, опасна
или зла закана - насилството е форма на вечно распаѓање, или
разбивање и прераспределба на моќта”, вели коментаторот на Кластрес,
необичниот современ политички теоретичар Хаким Беј.
Една од причините зошто често се вртиме кон матните племенски
ритуали наместо кон формализираната рационалност која ја
карактеризира западната цивилизација можеби е и тоа што балканските
модернизатори често во име на европеизацијата настојуваа да ја
блокираат институционалната поделба на власта. Наместо, значи,
одговорност и независност на сите три нивоа на власта (извршната,
законодавна и судска), кај нас дури и најдобронамерните (па и
најуспешните, како оние за време на социјализмот) модернизатори
постојано инсистираа на доминацијата на извршната власт. Под фирмата
на “единството” нас со децении нè клукаа со политички волунтаризам
кој всушност претставуваше комбинација на робеспјеровски јакобинизам
и ленинистички презир кон формата, при што важност им се дава на
“субјективните фактори” од типот “самосвесна херојска волја” и
идеолошка мотивација.
Се плашам дека дел од популарноста на Груевски лежи и во тие фактори,
карактеристични за политичката култура на овие простори. Се плашам
дека ние веќе подолго време ги мистифицираме поимите “реформи,
модернизација, европеизација”, без реално да воспоставиме владеење
на правото и почитување на процедурите.
Оскар Вајлд имаше еден зајадлив коментар за Англичаните и Ирците,
велејќи дека вистинско цивилизирано друштво ќе се создаде тогаш кога
Англичаните ќе научат како да зборуваат, а Ирците како да слушаат.
Оваа шега малку ме потсетува на нашите две најголеми партии (едните
баш и не знаат да зборуваат, другите не знаат да слушаат), но пред
сè ме потсетува на односот власт-опозиција. Петнаесет години ги
гледаме нашите кутри политичари како се обидуваат да научат да
зборуваат. И сега, кога значаен дел од нив конечно научија да ги
потскротат афектите и да изгледаат артикулирано, некој им вели дека
новата задача (“политичкиот дијалог”) е да научат да слушаат!
Оправдано се нервозни; задачите стануваат сè потешки!
И така ни врви времето: народот едвај е свесен за длабокото
заостанување, а водачите мислат дека задачите кои ги добиваат од
менторите немаат крај. Па и немаат, за среќа.
|