Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 


Никола Гелевски

КОНТРАПУНКТ
2001-2007

         архива на текстови       следен текст

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


150

ГОЛТАЧ НА МАСТИЛО

17.04.2007




Иако десет години редовно пишувам во релативно етаблирани печатени медиуми, неволно се опишувам себеси како “медиумски работник”. Дури, како одат годините, сè поскептичен станувам во однос на благородноста на улогата на медиумите како посредници кои на општеството му овозможуваат комуникација и трансмисија, т.е. просторна и временска поврзаност меѓу луѓето.
Сакам да кажам: медиумите се исто толку далеку од “реалноста” (што и да значи тоа) колку и озлогласената политика. Уште повеќе, политичарите и новинарите често склопуваат долгорочни и нераскинливи договори за заедничко “читање на стварноста”. Во тие договори под точката еден стои: “стварно е само она што го има на телевизија, во весник и на интернет”.
Дури и нашата лична перцепција преовладувачки е регулирана низ “очекувањата на средината”, кои пак се создаваат преку медиумите, културата итн., кои пак главно ги регулираат управувачите и владетелите.
Сакам да кажам: го прифаќам својот дел од одговорноста за креирањето на консензуалната халуцинација во која живееме. Како одрази на одрази, копии на копии, можеби малку и збудалени меѓу огледалата, сите ние внатре во медиумите (или во политиката) наликуваме на змијата уроборас, која се храни со сопствената опашка.
И од таа лунапарковска соба на огледала (што нè /де/формираат) - излез нема. Како да сме затворени во простор без димензии. Тоа дури стана општо место и во новата медиумска теорија: нашите поседи се зголемуваат, додека нашиот календар се стеснува; нашиот видокруг станува сè позбиен, а длабочината на времето исчезнува; подобро се снаоѓаме во Мрежата отколку во времето или историјата.
А сепак! Посредничката улога на медиумите се чини дека е вкоренета во најдлабоките слоеви на човечката заедница... Ништо не се пренесува само од себе! Дури и за односот кон Бога, луѓето мораа да ги создадат свештениците, како единствени посредници... Дотолку, сликите, звуците и претставите не само што го обликуваат нашето секојдневје, нашите политички сфаќања и општественото однесување, туку тие денес станаа главни креатори на нашиот идентитет! Тие се единствените што нè соочуваат барем со можноста од постоење на другото, коешто всушност сме ние самите! Зборувајќи за медиумите, ми паѓа на ум една интересна реченица на Дејвид Ленд, англискиот историчар кој го проучува феноменот на времето: “часовникот не го предизвикал интересот за мерење на времето, туку тоа довело до пронаоѓање на часовникот”. Големиот медиолог, Режис Дебре, се надоврзува на идејата: без пронајдокот на печатницата немаше да постои реформацијата... Но, реформацијата сигурно придонесла да се појави печатницата!
Медиумот расте од опкружувањето, од средината, вели Дебре. А новото станува делотворно во рамките на старото, преку него и низ него.
Се чини дека токму медијацијата како начин на самоостварување (што е некаква хегеловска идеја) ги спојува најразнородните култури на светот. Фасцинантен пример за посредништво или медијација, е кога богобојазливиот Евреин не ја допира со раце својата света книга, Тора, туку тоа го прави со помош на Јад, означувачот за читање, вид стап кој завршува со рачка од метал. Во исламските делови на западна Африка, пак, муслиманските испосници Сонинки ги советуваат болните со малку вода да го испијат и мастилото со коешто Алаховиот збор е испишан на дрвената штичка. Кога ќе го испие мастилото, во болниот се отелотворува божјата реч и придонесува за негово заздравување.
Зборот, јазикот како медиум, дава живот и зборот останува по животот. Старогрчкиот збор “сема” (кој ние го употребуваме како “знак” во зборовите семафор, семантика, полисемија итн.) најпрвин означувал надгробен споменик, столб со кој се одбележувала смртта.
А Хегел го спомнав зашто токму кај него медијацијата претставува основна законитост во развојот на духот. Духот самиот си се спротиставува на себе со постојано порекнување и себенадминување. За да се стигне до вистината, мора да се помине низ посредништвото на безброј грешки. Ништо не постои непосредно; сè секогаш поминува низ нешто друго.
Ризикувајќи, значи, овој не баш стандарден новински текст да се сфати и како своевидно турање пепел врз главата, сакам да соопштам дека ми е мошне важно, од време на време, па макар само за по некој осамен читател, да обрнувам внимание на тоа: дека ги гледам решетките на кафезот низ кој гледам... Дека сум свесен за опасноста од лесните генерализации кои тешко се избегнуваат дури и во уметноста, а камоли во колумнистичката работа, која просто врие од општи места, повторувања и секојдневни недоволно промислени воопштувања...
Се разбира, предизвиците на работава сè уште се поголеми од колебањата - затоа и пишувам! На трагата, значи, на водичот низ денешниот текст, Режис Дебре, велам дека е предизвик да се преведе стварноста во теорија, но без насилство врз неа... Велам дека се трудам постојното да го сведам на посуштински принципи, но без притоа да го осиромашувам! Се обидувам и да ја скротувам интуицијата, но без сосема да ја изгаснам бунтовноста на интуитивецот! Најпосле, можеби голтачот на мастило се обидува едновремено да пораѓа и закопува (да биде и акушер и изработувач на надгробни споменици:), трудејќи се да ги спои редот и авантурата, одговорноста и анархијата, борбеноста и опуштеноста... Колку за еден мастилав голтар (голтач на мастило) - повеќе од доволно!