Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 


Никола Гелевски

КОНТРАПУНКТ
2001-2007

         архива на текстови       следен текст

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


149

ЕВРОПСКИОТ ВЕЛОСИПЕД-АЈКУЛА

10.04.2007




Пред две недели во една фуснота бев злобен кон ЕУ. Педесетгодишнината од постоењето на ЕУ (кога се потпишуваа “Римските договори” меѓу првичните шест членки на Европската економска заедница) сепак заслужува повеќе од фуснота, а многу повеќе од патемна злобна забелешка.
Историјата на Европската унија изминативе педесет години мина низ неколку бурни фази, но интересно е што практиката покажа дека ЕУ никогаш директно не се соочуваше со сопствените кризи туку дека проблемите ги решаваше полека, оставајќи му на времето да ги стивне несогласувањата и емоциите.
Таквата политичка практика покажа значајни резултати; ако пред 50 години во ЕУ членуваа 6 земји (167 милиони жители), денес внатре се 27 земји со 488 милиони жители. Патем, не само што таквата политичка творба е трета според бројот на жители (после Кина и Индија) туку има најголем вкупен бруто општествен производ во светот.
Но, најголемите очекувања од понатамошниот развој на ЕУ се во политичката сфера, т.е. во глобалното ширење на базичните европски вредности. Најважната од тие вредности, како што вели Џозеф Штиглиц, е демократијата, која подразбира не само периодични избори туку и активно и смислено учество во донесувањето одлуки; таквата демократија изискува ангажирано цивилно општество и снажна и разнородна слобода на информирањето. Друга клучна и специфична европска вредност е социјалната правда. Според Штиглиц, некој економски и политички систем треба да се цени според тоа колку поединците можат да ги развиваат и реализираат своите способности, но водени пред сè од општествено негуваните вредности на солидарноста и одговорноста.
На глобално ниво, значи, од Европа се очекува да ја развива “меката моќ”, моќта и влијанијата на идеите и на примерите. Од Унијата се очекува глобално да ги проширува вредностите врз кои е настаната: трајниот мир, слободата на движењето, безбедноста, солидарноста, одговорноста, економската размена која ќе го поттикне поголемото меѓусебно разбирање...
Нам, во Република Македонија ЕУ ни е важна од сите можни аспекти: и вредносно, политички, но и гео-стратегиски, безбедносно, економски... Во моментов, оти сиромаштијата и невработеноста се нашиот највидлив проблем, најголеми се очекувањата во економската сфера. Со значајна финансиска помош ЕУ ги развива своите помалку развиени членки; Полска, на пример, ќе добие повеќе од 100 милијарди долари следните шест години за унапредување на инфраструктурата и земјоделството. Од 1986 година, кога стана членка, Шпанија има добиено 150 милијарди долари за слични цели.
За жал, повеќе работи во моментов на ни одат во прилог, т.е. кон брзо зачленување во ЕУ. Нискиот општествен производ драматично боде очи: Македонија има само дваесетина проценти од просечниот европски бруто општествен производ! (Словенија има 87%) Македонија во просек има дупло понизок производ дури и од новите десет членки во ЕУ!
Дел од причините зошто проширувањето веќе не е популарно лежат и во самата Унија. Ако до вчера важеше анегдотската слика дека ЕУ наликува на велосипед кој секогаш мора да се движи за да се избегне паѓањето, денес тоа веќе не е така: Унијата продолжува понатаму дури и во фаза на хибернација, со вклучен “автоматски пилот”. Се чини дека клучните европски планери уште еднаш ја избраа варијантата на небрзање и чекање. Ако денес не можат да се договорат околу Уставот и федералните принципи - здравје. Ќе причекаат работите да созреат. А во меѓувреме никого нема да тепаат по уши, ако е премногу бавен, како што сме ние, во исполнувањето на стандардите и критериумите (т.е., нема да тепаат сè додека имаат начин да ја локализираат постојаната закана за безбедност, што просто зрачи од регионов, пред сè од Косово и Босна и Херцеговина, а и ние сме тука негде).
Се чини дека планерите сфатија дека баш и не е најитен одговорот на вечното прашање: што всушност е ЕУ? Соединети европски држави? Зона на слободна трговија? Средство за промоција на демократијата и обединувањето? Или нешто помеѓу сето тоа?!
“Федералистите”, на пример, го побрзуваат донесувањето на европскиот Устав оти се плашат дека ЕУ ќе се претвори во еден вид “Комонвелт”, релативно лабав и повеќе симболички сојуз. Наспроти “федералистите”, последниве години се појавува едно алтернативно гледање на Унијата кое некои го нарекуваат “наднационален мултикултурализам”. Како што објаснува Јан-Вернер Милер, ова гледање ја подразбира Унијата како фактор што ги овозможува и одржува разликите и разноликоста. Наместо традиционалните хомогени држави, оваа Европа сака да биде “заедница на различноста” во која основна вредност ќе биде толеранцијата. Карактерот на ЕУ како ентитет со федерални закони но без федерална држава се гледа како снага, а не како слабост.
Помеѓу овие две визии за Европа како федерална држава и за хетерогена Европа како “Народ на Другите” (кој се воспоставува во таканаречената “демои-кратија”, владеењето на повеќе народи, “демои”, а не на еден народ или “демос”) со ЕУ денес владеат технократи кои понекогаш мислат дека профитираат од идеолошката и политичката парализа. Иако без доволен демократски легитимитет и под притисок на сè поголемата недоверба на граѓаните во ЕУ, бриселските бирократи сепак се обидуваат да ја одржуваат сликата за “европскиот велосипед-ајкула” (и кога спие - се движи!), дури и во овие времиња кога, повторувам, сè повидливо е дека управувањето му е препуштено на автоматскиот пилот.