148
РЕДОСЛЕД НА ЧЕКОРИ
03.04.2007
Најавените реформи во образованието (задолжителното средно,
деветолетката, воведувањето веронаука, компјутеризацијата и
изградбата нови училишта) веројатно се најрадикалниот политички
потег од осамостојувањето навака. Владата заслужува почитување
заради храброста да воведува крупни реформи во едно со години
занемарено поле чијашто важност речиси не може да се прецени;
развиеноста на образованието е правопропорционална со вкупната
развиеност на едно општеството.
Во тој поглед, како премиер спремен да преземе ризици, Груевски
навистина, барем на почетокот на неговиот мандат, изгледа
револуционерно во однос на толку зихерашката и статична политичка
практика на неговите претходници. Главна карактеристика на сите
досегашни влади беа инертноста и воздржувањето од подалекусежни
промени (освен од оние кои беа наметнати однадвор или од кои полза
имаа исклучиво силните лоби групи стратегиски распоредени околу
секоја власт). Таа инертност на владеењето веројатно е една од
главните причини за сегашната општа апатија во која, се чини,
секојдневно тонеме сè подлабоко. Тонеме и покрај радикалноста и,
повремено, дури, и револуционерноста на новата влада.
Таа апатија, всушност неверувањето на граѓаните дека земјава реално
може релативно брзо да се промени кон подобро - е главната пречка со
која се соочува секоја власт. А како оди времето, впечаток е дека
само расте недовербата на граѓаните како во власта така и во своите
сопствени потенцијали.
На тој план, на обединување на граѓаните во еден снажен фронт кој
има консензус околу клучните развојни насоки, владата на Груевски
секојдневно прави сериозни и речиси непоправливи грешки. Не е
работата да се пумпа рејтинг и притоа да се поларизира општеството.
Груевски нема да ја подигне земјава со 25% од гласачите кои го
поддржуваат.
Нам ни треба консензус, макар мек, макар воопштен, консензус кој ќе
го покаже единството на интересите на сите граѓани во Република
Македонија. Промоцијата (или одбраната) на демократијата во голем
дел лежи во тој однос на поврзаност, којшто треба да се открива и
долу, во секојдневието, а не само низ државотворната реторика.
Груевски не прави ништо на тој план. Напротив, по стариот вмровски
обичај, општеството се поларизира, често околу сосема неважни работи.
Еден од примерите за несуптилноста на владата е токму образованието.
И покрај храброста и добрите намери, нереално е една година по
обелоденувањето на идејата за задолжително средно образование, таа
да влезе во примена. Еден толку крупен зафат, дури и во многу
поразвиени општества, се подготвува со години и се внимава на цела
низа детали, кои баш и не се детали, кога ќе се префрлат на реалниот
терен, надвор од декларативните заложби на власта.
Најпрвин, во волку руинирано образование, тешко дека приоритет треба
да биде негово ширење. Слободан Милошевиќ имаше слична политичка
тактика, обично катастрофална според последиците: секој проблем го
решаваше на начин да направи поголем проблем, во кој ќе го стопи
помалиот. Не ни чини основното образование? Нема проблем! Ќе
направиме задолжително средно! Насилството во училиштата ќе го
решаваме со морализирање и веронаука! А актуелната класна
сегрегација ќе ја решаваме со верска сегрегација! Во нашите училишта
не се застапени понови програмски содржини од низа извонредно важни
области: од медиумското, преку политичкото до сексуалното
образование. Целиот образовен концепт ни е непоправливо застарен!
Современите образовни политики во поразвиените земји одат во сосема
спротивна насока од онаа која ни се нуди нам, меѓу другото и низ
веронауката: во светот, на пример, се напушта “светоста” на
школскиот учебник, “безгрешноста” на знаењето на професорот,
“схоластичките” методи во пренесувањето знаење... Се преиспитуваат
дури и основните цели и мисии на образованието! Во образовните
системи сè постојано се менува: местото на различните дисциплини,
нивната вредност изразена преку коефициенти, училишните програми,
образовните потреби, односите во училиштата итн. Но, се менува со
усул, стратегиски и со максимална вклученост на сите засегнати и
упатени.
Упатените кај нас велат: задолжителното средно образование е одлична
идеја, но поставена во перспектива! Прво, на пример, да се среди
опфатот во основното образование! Во европски рамки, ние веројатно
сме земја која има најнизок опфат на деца во основното образование!
Илјадници (пред сè ромски деца) детството го поминуваат на улица...
Компјутер за секое дете - да, но пред тоа треба да има клупа, столче,
да му биде топло, да не биде гладно, да има тоалет и фискултурна
сала.
Сто нови училишни згради? Супер, но прво да се завршат тие десетина
што сега се градат. И да се види како ќе функционираат. Како може
локалната власт да изгради нова зграда ако во моментов нема пари за
нафта за греење на старата зграда?
Со еден збор, владата не знае да направи редослед на потези и
хиерархија на приоритети. Повторувам: импонира ентузијазмот на
новиот премиер. Но, фрапира неговото неснаоѓање. Со низа потези (како
со најновиов, да се читаат неговите писма на наставничките колегиуми)
премиерот државава ја третира како сопствена партија. А притоа како
да не знае дека дури ни на партиско ниво политиката веќе не се
спроведува преку декрети и “народна” волја, туку преку стратегии,
процедури и низ буџет! Ако образованието треба да биде приоритет (а
треба, за тоа често сум се залагал во колумнава) треба да се понуди
одржлива стратегија која, меѓу другото, ќе се потпира врз
зголемените ставки за образование во државниот буџет.
|