146
ГНИЛЕЖ ВО ТЕМЕЛИТЕ
20.03.2007
Живееме во брутализирана култура. Станавме робови на црните хроники.
Жртви и пиони во политичко-маркетиншки игри. Адреналинот што го
поттикнуваат туѓите несреќи не само што создава зависност, постојано
барајќи зголемување на црната понуда, туку и ја анестезира
сопствената несреќа. Таквата патолошка атмосфера може да се одржува
некое време, можеби дури и пар години, но долгорочно балонот е
осуден на пукање. Што сега баш и не е некоја утеха...
Ми се чини дека брутализацијата на нашата култура се засили по
првата година од мандатот на Љубчо Георгиевски, 1999-та, пред сè со
насилничките избори кои ги доби Борис Трајковски, т.е. коалицијата
меѓу ДПМНЕ и ДПА; врвот на брутализирањето на политичкиот контекст
го доживеавме 2001 година, низ воениот конфликт меѓу регуларните
државни оружени сили и одметнатите албански бунтовници.
Тогаш македонското општество прими една многу силна порака: мошне е
исплатлива радикализацијата на отпорот! Колку си понасилен и
поедностран во барањата - толку ти се поголеми шансите за
општествено признание! Али Ахмети стана симбол на метеорски
политички успех: му требаа само неколку месеци да го изоди патот од
терорист до мошне влијателен државен фактор.
Се разбира, не сакам да кажам дека главната причина за грубоста на
нашата современост се Љубчо Георгиевски и Али Ахмети. Општеството
почна понагласено да се брутализира уште во почетокот на
деведесеттите, кога ресурсите стануваа сè поскудни, а апетитите на
поединци сè поголеми. Брутален е богами и самиот капитализам,
особено неговата сурова неолиберална варијанта што обично
загосподарува со вакви кревки и сиромашни држави каква што е нашата.
Без, значи, да ги амнестирам другите важни фактори кои придонесуваа
и придонесуваат Република Македонија да стане опасно, налудничаво и
несигурно место за живеење (тука пред сè мислам на СДСМ и Бранко
Црвенковски), сепак ми се чини дека најголем придонес за зовриените
страсти, за омразата и нетолерантноста, дадоа ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.
Се разбира, тие две партии имаат сериозни и длабоки (пред сè,
емотивни, психолошки, што значи делумно ирационални) причини зошто
ја мразат сопствената слика за македонското општество: зашто тоа со
децении не било доволно инклузивно и зашто било неправедно, т.е.
устроено по дамнешните дискриминаторски социјалистички механизми.
Таа своја самосожалива социјална фрустрација ВМРО ни ја зашлакува и
ден денес, иако веќе 17 години таа партија во огромна мера влијае на
сите општествени текови, и државни и граѓански, и официјални и
неофицијални, и културни и економски и полициски и криминални...
ВМРО практично по трет пат формира влада и денес е сосема стеснет
просторот и понатаму да се негува митот за попреченоста на
општественото признавање на вмровските националисти. (Впрочем,
повеќето националисти солидно поминуваа и во социјализмот; тие и
тогаш имаа значајно влијание во политиката, како што и повеќето
“умерени” националисти имаа влијание во републичките политики во
рамките на СФРЈ; затоа и беше донесен “конфедералниот” устав од 1974
година...)
Но, секако дека поважна од некогашната партизација е онаа која ни се
случува денес и која ја спроведуваат сите партии што стапнале во
македонското собрание и во локалната власт; таа партизација
изминативе седумнаесет години попречи десетици илјади главно млади
луѓе да ја стекнат сопствената општествена верификација. Цели речиси
две децении успехот, особено економски, до тој степен беше
партизиран што дури и од тој аспект еднопартискиот социјализам
изгледа како општествена идила на инклузивноста и толерантноста.
Така веќе не можеме да продолжиме. Во моментов не е потребен голем
политички ум за да се види дека продолжувањето на ваквото политичко
насилство нема да нè одведе во ЕУ туку во латентна граѓанска војна,
секој против секого!
Насилството во школите, на пример, е само барометар колку општиот
контекст е силеџиски... Моите генерациски пријатели и познаници кои
работат како наставници и професори се шокирани од грубоста и
незаинтересираноста на новите генерации ученици и студенти... Дури и
на (некогаш) најелитните скопски факултети доаѓаат арогантни, празни
и нељубопитни младинци... Ученичките тепачки и убиства се само
симптоми на подлабоко заболеното општествено ткиво... А оној што
најсуштински ја генерира атмосферата на насилство веќе го спомнав;
најчесто станува збор за власта која сè побрзо и побезмилосно низ
гола моќ сака да ја ефектуира победата на изборите. (А примарната
задача на власта е сосема обратна: таа треба да биде мека,
обединувачка и праведна...)
Во поново време, неизбежен фактор за брутализација на целокупната
култура станаа медиумите. Просто е неверојатно до каде оди падот на
професијата! Ретко кој ги проверува информациите! Полицијата и
капиталот станаа главни уредници на речиси сите весници и телевизии
во земјата! Перверзната воајерска публика, низ тајните камерчиња на
“полициските соработници”, секоја вечер ја прима својата џанкерска
доза интриги и сплетки (а за тоа време, одново раководени од матни
политички и параполитички структури, течат спектаклите за лустрација
и кобајаги се ловат стари кодоши, сè со цел да се пумпа адреналинот,
нон-стоп!). А како капак на сè, истата зависничка публика (т.е.
самите ние, сè помалку наѕирајќи сè себеси во матните екрански
рефлексии...), раководена од своите новинарски макроа-дилери со
жестоки вести, божем се згрозува пред сликите на тинејџерски петинг!
Леле леле! Адолесцентите што го откриваат сексот всушност ги
загрозувале вишните морални темели на едно подгниено општество...
(продолжува следниот вторник...)
|