Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 


Никола Гелевски

КОНТРАПУНКТ
2001-2007

         архива на текстови       следен текст

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


145

ЕХО, ОГЛЕДАЛО И БОКСЕРСКА ВРЕЌА

13.03.2007




Далеку сум од тоа да мислам дека на македонскиот јазик му се заканува некакво пропаѓање. Но, одредена криза на писменоста секако дека постои, а јазичната култура е на ниско рамниште дури и кај оние кои, заради потребите на професијата, во голема мера се свртени кон јазичните вештини: политичарите, новинарите, културните и образовните работници итн. Демократизацијата на медиумите, предизвикана пред сè од извонредно брзиот развој на Интернетот, исто така придонесува за ширењето на “плурализмот на јазичните практики”, но честопати покажува скудни знаења дури и на основните правила на современиот македонски јазик.
Промените во општеството го менуваат, нормално, и јазикот. На моменти ми се чини дека е претерана грижата на јазичните пуританци пред новите зборови, значења, изговори и граматички конструкции. Но, за навистина да ја развиваме јазичната култура (која подразбира и поголема толеранција спрема јазичната разновидност) потребно е да градиме свест за неизбежноста и последиците од јазичните промени.
Во сегашнава ситуација, значи, загрижува не тоа што македонскиот јазик се менува (впрочем, како и секој друг јазик), туку што промените се хаотични, а јазичното знаење (всушност, знаењето воопшто!) е ресурс што кај нас очајнички недостасува.
Да бидам уште појасен: толку не ме плаши загрозеноста на нормите и стандардите на нашиот јазик, туку фактот дека, прво, малку се работи на јазичните прашања и, второ, не се сфаќа важноста на јазикот како можеби најсуштествен дел од идентитетот на една човечка заедница.
Загрижен пред извесното исчезнување на илјадници јазици од светската јазична мапа, славниот лингвист Дејвид Кристал мошне поетично нè потсетува на смислата на јазикот: “Светот е мозаик од визии, а секоја визија е отелотворена во јазикот. Кога умира еден јазик, со него засекогаш исчезнува и една визија за светот”.
Последниве години особено засилено УНЕСКО информира дека повеќе од половината од 6000 јазици во светот веројатно ќе исчезнат во текот на неколку генерации. На Интернет се претставени само 10% од јазиците. Само 4% од светското население зборуваат 90% од сè уште живите јазици. Во просек, еден јазик исчезнува на секои две недели. Половина од јазиците во светот се зборуваат во само осум земји: Папуа Нова Гвинеја, Индонезија, Нигерија, Индија, Мексико, Камерун, Австралија и Бразил.
УНЕСКО ги донесе “Општата декларација за културна разновидност 2001”, “Конвенцијата за зачувување на нематеријалното културно наследство 2003” и “Конвенцијата за заштита и унапредување на разновидноста на културните изрази 2005”, како меѓународни инструменти за чување и унапредување на јазичната разноликост.
Пак велам: многу веројатно е македонскиот јазик, по сто години, наместо да исчезне, да биде еден од неколкуте стотици преживеани јазици (оти го зборуваат барем два милиони луѓе и оти го има низ книгите, медиумите и Интернетот). Но, наша задача е тој јазик да го унапредуваме и осовременуваме, со цел да го направиме конкурентен и долгорочно одржлив.
Со години имавме впечаток дека единствената грижа на нашите лектори е борбата против србизмите во македонскиот јазик. Често форсирајќи (особено во литературата) стилски конфузни и тешко читливи стилови (некомпатибилни со секојдневните јазични практики), македонските јазични стручњаци ги игнорираа покомплексните аспекти на јазичното прашање. Суштинската работа (создавањето авторитетни речници, на пример) постојано беше одложувана, така што и ден денес ја имаме ситуацијата дека сме една од ретките европски нации која сè уште нема свој Толковен речник (педесет години после оној првичен и двојазичен, на Блаже Конески). После повеќедецениска дејност на Институтот за македонски јазик работата е негде до пола: три книги се излезени, а крајот на Речникот не се гледа.
Дека може поинаку доволно е да фрлиме поглед веднаш преку плотот: неодамна на српски излезе “Големиот речник на странски зборови и изрази” од Иван Клајн и Милан Шипка. За само три години двајцата врвни лингвисти успеале да соберат и обработат материјал кој целиот наш Институт за македонски јазик не може да го собере со децении! Речникот на Клајн и Шипка импресионира и според опфатот и според квалитетот на обработените зборови и според брзината и ефикасноста со која авторите го завршија тој мошне важен проект за српската култура (а богами и за македонската, оти со години го користевме прилично застарениот Вујаклија! Сега барем на близок јазик имаме посовремен и подобар речник!).
Ако по милионити пат, и во конкретниов случај, за нашата некадарност ја обвиниме политиката - нема да бидеме фер, но нема и да згрешиме. Со нас подолго време владее една примитивна политичка класа која има тешкотии да направи елементарни политички проекции, а камоли да ги лови суптилните и далекусежни врски помеѓу културата и напредокот. Оти самата владеачка класа е навикната да живее во Потемкинови села (ете ни ги архитектурата, урбанизмот, сообраќајот, комплет со неумоливото ѓубре кое ја пригмечува целата кулиса во која стенкаме), тогаш и она што се испорачува како културен производ пак наликува на макета за еднократна употреба.
Но, како што времето одминува, политиката сè помалку ќе може да ја игра улогата на универзална боксерска вреќа која ги впива фрустрациите, неспособноста и мрзливоста на голем дел од населението. Впрочем, зарем “примитивната политичка класа” не е нешто налик на огледало или ехо?!