Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 


Никола Гелевски

КОНТРАПУНКТ
2001-2007

         архива на текстови       следен текст

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


144

ПРОСТИ ШТО СЕ ПРОСТИРАМ ВО ТВОЈОТ ПРОСТОР

06.03.2007





„Простаку! Прости што се простирам, а богами и проституирам, во твојот простор“ - има речено Пандалф Вулкански, овозможувајќи ни увод во продолжената тема од минатиот пат: просторот на градот.

Овој пат ќе се осврнам на нешто мошне важно, а што по правило се заборава или игнорира: прашањето на родовата сензибилност и официјалното општествено помнење, или, попросто, прашањето на жената и градот, или жената во градот.

Сведоци сме дека низ патријархалната општествена историја креатори на просторот и времето се мажи: кралеви, војсководци, уметници, научници... Уште во најраните антички митови Зевс го воспоставува законот на силувањето како врвен закон, а машката сексуална моќ како „законодавна“ и во стварниот и во симболичкиот свет. Силувајќи ги божиците од претпатријархалниот период, Зевс го зазема нивното место и им ја одзема моќта. Силувајќи ја Реа, ќерката на Геа (божицата на земјата), Зевс насилно го зазема просторот, кој претходно имал женски атрибути, и на тој начин станува врховен владетел на просторот и времето. Христијанството и другите монотеистички религии ја преземаат патријархалната тријада, татко, син и свет дух, и практично го елиминираат женскиот принцип од историјата. Затоа канонските личности низ историјата главно се мажи, а целата видлива човечка повест првенствено е машка и е обележана со војни и освојувања.

За среќа, последниов век донесе промени; жените конечно успеваат колку-толку да се изборат да бидат видливи и присутни не само во сегашноста туку и во човечкото помнење.

Еден од поттиците за текстов е и новата интересна книга: „Родното/половото обележување на просторот и времето во Хрватска“ (зборник na трудови од 12 авторки). Во зборникот, на пример, од родов аспект се анализира „Хрватскиот општ лексикон“, мошне угледно четиво од угледна институција и со видни уредници. Од анализираните 12.478 личности во „Лексиконот“ шокантно звучи податокот дека 93 отсто од нив се мажи, а само 7 отсто се жени. Уредничката на зборникот, Јасенка Кодрња, вели дека такви драстични разлики, односно премолчување на жените, во стварноста веќе не можат никаде да се најдат, ни во политиката, ни во уметноста, науката, бизнисот... На пример, 57отсто од оние што во Хрватска завршуваат факултет се девојки/жени, 40 отсто од вработените по хрватските факултети и институти се жени - а во „Лексиконот“ жените што се занимаваат со наука се застапени со 1,4 отсто!

Понатаму, меѓу првите 30 канонски личности (оние за кои се врзуваат најмногу знаци, кои се најбогати со симболи и за кои знаат најголем број луѓе), само една е жена. Девица Марија! И воопшто, девиците се меѓу најважните жени, од Ивана Орлеанска до Елизабета Прва. Кодрња вели: општеството ги признава девиците, а ги премолчува жените во науката, уметноста...

Во Македонија ситуацијата е уште полоша, оти се' уште доволно не се сфаќа потребата од препрочитувањето на историјата. Но, и кај нас постојат обиди прашањево да се стави на дневен ред. Пред две години, на пример,

Христина Иваноска, во рамките на еден свој уметничко-социјален проект, поаѓајќи од истражувањата на Сузана Милевска и на Вера Весковиќ-Вангели, ни соопшти дека од 1.078 улици, булевари и плоштади во Скопје само 24 од нив (2 отсто) ги носат имињата на жени! Обидувајќи се на градските власти да им предложи новиот мост кај „Континентал“ да го именуваат според две жени мошне важни за историјата на овој простор (Роза Плавева и Накие Бајрами точно пред сто години, 1907, во една куќа во Скопје го организирале првиот собир што се залагал за поголема рамноправност на жените) Иваноска не успеа да го разбуричка бирократското мочуриште на градов и државата. Предлогот за именување на мостот не можеше да ја најде дури ни својата адреса.

Пред нас, значи, стои повеќе-помалку јасна агенда: потребно е да ја промениме нашата преовладувачки патријархална и воинствено ориентирана стварност. Потребно е да ги дефинираме критериумите на општествена релевантност, и кога се во прашање науката или уметноста, и кога станува збор за именувањето улици. Историјата можеме да почнеме да ја гледаме и од друг ракурс; не исклучиво низ воената, агресивната или христијанската парадигма. Значи, паралелно со истражувањето на скриената женска историја, треба да работиме на превреднувањето на етаблираната историја која прави сериозни општествени штети, и за жените и за мажите.

Впрочем, така можеби ќе бидеме поблиску до одговорот што не' мачи: како се случуваат историски пресврти, т.е. радикалната промена или мутација? Џон Рени Шорт, географ и антрополог, има интересна теорија за градот: да, градот е авторитарна структура која ги вклучува редот и дисциплината во просторот и времето. Изградената урбана форма е систем од граници и гранични преминувања, центри и периферии, надзор и движење... Но, Шорт вели дека најопипливите општествени промени почнуваат да се случуваат токму во градовите и тоа во оној момент кога луѓето комуницираат, кога дискурсот е „вистински“; кога луѓето се собираат заедно за да разговараат, за да се расправаат, делат и да се жалат; кога индивидуалните стравови и сништа се заеднички и се формираат низ споредби, спротивности, сочувства и докази. Излегувањето на улица не е само прастара политичка стратегија, вели Шорт, туку таа во денешно време можеби може да стане коректив за наметнатите медиумски слики.

Неироничната верзија на играта на Вулкански, за крај, би можела да звучи вака: „Простаку со простата! Престани да шириш простота! И без мерка да се простираш низ заедничкиов простор! Промисли и побарај прошка! Prosit!“