143
ПРАВО НА ГРАД
27.02.2007
Ни претстои борба
да го запреме пропаѓањето на Скопје. Правото на град е наше
граѓанско право!
Што е град? Куп згради збиени меѓу улици и пронижани со канализација?
Вили, куќарки, гаражи, дуќани, бандери, билборди, отворени шахти и
перипатетички кучиња во бескрајни промислувачки прошетки околу „суштественоста“
на урбаното?
Би рекле вака: градот е осмислена и постојано планирана целина со
низа јавни социјални функции. Градот во голема мера е јавен простор,
колку и новово време да се труди да го обесмисли поимот „јавно“,
форсирајќи ги индивидуалното и приватното на сметка на јавното и
колективното. Речиси несвесно ни се случи да бидеме набиени во
своите дневни соби, грчовито стискајќи ги далечинските управувачи,
хипнотизирани пред последната идиотска утеха: телевизијата...
Градот е мошне комплексен јавен простор: културата, уметноста,
науката, на пример, исто така, се јавни простори, но не во физичка,
туку во духовна смисла. Самата политика, исто така, е јавен простор
за искажување на заедничките интереси и на идејата за јавно добро...
Градот е и уметничко дело, а вештината да се живее во него е посебна
уметност - ни соопштија првите модернисти од втората половина на 19
век. Бодлер, на пример, го смисли култниот фланер (flaneur),
прототипот на модерниот урбан боем-скитник кој, откривајќи го, го
означува градот и кој не му е подреден на јавниот простор, туку тој
самиот со своите прошетки го обликува и претставува. Низ визурата на
фланерот, градот е место каде што секојдневните активности добиваат
ритуални или уметнички форми, а архитектурата и урбанизмот се
простори на културното помнење, системи од знакови коишто градот го
претвораат во некаков трансвременски палимпсест.
Ги запишувам овие цртички за градот не за да му ја повратиме
изгубената светост, туку зашто новите градови бараат нови видови
анализа, а градскиот контекст станува дискурзивно подрачје.
Комплексната и контрадикторната природа на просторот произлегува
оттаму што „просторот е проникнат со социјални односи; уште повеќе,
самиот простор создава социјални односи и самиот настанува низ нив“
(Лефевр, 1991).
Новите читања на градот се подведуваат под поимот урбана
антропологија и подразбираат: поинакви анализи на градските заедници,
на семејствата и општествените мрежи; истражувања на урбанистичкото
планирање и на архитектурата во контекст на постојните односи на моќ;
анализа на надлокалните и локалните односи и врски, на
политичко-економските, репрезентативните и дискурзивните модели на
градот...
Сево ова го спомнувам поттикнат од тридневните активности на
културниот центар „Точка“, кои изминатиот викенд се одвиваа под
наслов „(Ре)дефинирање на јавните културни простори“.
На пример, тројца уметници од самиот врв на нашата современа
уметност (Александар Станковски, Славица Јанашлиева и Ѓоле Јовановиќ)
изведоа неколку интересни акции низ Скопје; Јанашлиева во својот
комплексен проект „Филантропски пориви“ (во кој важно беше учеството
и на случајните минувачи и граѓани) со свечено сечење на лента и со
поттикнувачкиот говор на Искра Гешоска, една улица во Железничката
колонија зад Универзална сала ја прогласи за улица-музеј. Станковски
пред Собранието постави светлечки билборд на кој предлага Собранието
да се претвори во национален музеј. Јовановиќ, пак, во неколку
згради во центарот инсталира звучници од кои се слушаше дадаистички
подбивно свиркање; „Згради што свиркаат“, го нарече Јовановиќ својот
ироничен перформанс.
Она што ги спојува трите проекти е општопознатото чувство кое главно
пасивно го споделуваме: Скопје забрзано пропаѓа, во секоја смисла,
материјално, културно, духовно, морално... Не загрижува само фактот
што Скопје е една од најгрдите и најнеодржуваните европски
престолнини, туку што граѓаните на Скопје како да губат волја да се
грижат за сопствениот град...
Велам: најпримитивните форми на индивидуалното/приватното станаа
единствените општествени репери; мојот паричник, моето семејство,
моите тајфи, камери, кучиња, високи огради, телохранители, бахатоста,
глупоста и простотилакот на новите владејачки класи, како да станаа
замена за јавните интереси... Пред налетот на сомнителниот капитал
паѓаат и последните едвај јавни површини; на пример, „Кинескиот ѕид“
му се заканува на кејот на Вардар, една од последните јадни енклави
на рекреативното, на една политички тотално безопасна јавност
олицетворена во пешаци, велосипедисти и ролерџии...
Отпорот спрема уништувачите на градот е мал, симболичен, речиси
невидлив... Јавноста најчесто е инструментализирана во борбите меѓу
тајфите за локации, пари и влијание... Стручната јавност или не
постои или е раскарана, по политички или клановски линии...
Градоначалникот, пак, со своите сомнително разгранети бизниси (во
кои често се наѕира конфликт на интереси), како токму да е еманација
на пропаѓањето на јавното на сметка на приватното...
Разговорите во „Точка“, се разбира, имаат смисла и важност. (Неколкутемина
гости од Загреб, на пример, членови на невладини и уметнички
здруженија, ни ги пренесоа своите важни искуства во борбата против
самоволието и популизмот на загрепскиот градоначелник Бандиќ, кого
тие го доживуваат како заштитник на здивеаниот капитал кој гази се'
пред себе.) Но, нам овде допрва ни претстојат посериозни активности
за на јавното да му ја вратиме важноста и на локално и на државно
ниво; допрва ни претстои борбата да го запреме пропаѓањето на Скопје
и да се избориме за сопственото место во еден поблагороден град кој
опстојува низ грижата на неговите граѓани... Најпосле, правото на
град е наше темелно граѓанско право!
|