Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 


Никола Гелевски

КОНТРАПУНКТ
2001-2007

         архива на текстови       следен текст

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


142

ЧЕКАЈЌИ, ОЧАЈУВАЈЌИ, ОЧЕКУВАЈЌИ...

20.02.2007




Животот овде ни минува во чекање на подобри денови. И сè почуден станува застојот. И сè повеќе луѓе го прифаќаат чекањето како судбина. Интересно, но еве, седумнаесетта година по осамостојувањето, секоја владејачка гарнитура имаше мал милион главно оправдани причини зошто ништо не мрда од место.
На пример, првата влада на Кљусев се соочи со најургентните слабости на новата држава: празната благајна, заканата од војна со ЈНА, контрола над територијата, дипломатските активности околу признавањето... За тоа време производството драматично паѓаше, а стандардот на луѓето се стрмоглавуваше...
Многу брзо владата ја презема младиот Бранко Црвенковски, со уште поголеми проблеми: економско ембарго кон Грција и Србија; непризнаено име и симболи; војна во бившата Југославија која беше наш најважен економски партнер; сериозни проблеми меѓу власта и опозицијата... За тоа време производството драматично паѓаше, невработеноста драматично растеше, но главно под жито се случуваше и големата пљачка: таканаречената приватизација...
После шест години тормозење со Бранко Црвенковски и после пропуштената шанса со предвремени избори (1996) да зајакне и облагороди кревката демократија, после пропуштената шанса да се излезе во пресрет на разумните албански барања (1997), конечно во 1998 година Македонија доби десничарска влада, коалицијата меѓу Георгиевски, Тупурковски и Џафери. Тие четири години веројатно беа најлошите во ионака мизерниот континуитет на економско пропаѓање, од една страна, и сè побескрупулозно грабање и крадење, од друга (Ламбе Арнаудов, Војо Михајловски, Сашко Станинов, Драган Даравелски, Методија Смиленски, прототипи на безбројните матни ликови стуткани околу партиските лидери на власт, создадоа слика за Македонија како за најбезнадежно место на светот). Но, се разбира, и таа власт си имаше оправдување, како и претходната: наследивме лоши состојби, т.е. држава педесет години уништувана од комунизмот...
Во 2002 како спасител одново го дочекавме Црвенковски... Енергија за големи очекувања немавме ниту ние, граѓаните, ниту ново-старата власт, важно беше само да се тргне опустошувачката машина на Георгиевски... Така, во застој и меѓусебни чекања (и Црвенковски и Костов и Бучковски се правдаа дека немаа време, како премиери, да ја затркалаат зашлајфуваната во кал Македонија) ни поминаа уште четири години, во кои, ако ништо друго, од сожалување ни дадоа кандидатски статус за ЕУ...
Изборите во 2006 тотално го дискредитираа СДСМ (и крајно време беше да се протресе таа од самото раѓање дезориентирана и инертна партија), но покажаа и дека граѓаните имаат сè помалку надежи; излезноста беше многу помала отколку 2002, а победничката коалиција на ВМРО ДПМНЕ оствари околу триста илјади гласови, речиси исто колку што освоија и во големиот пораз 2002-та (но тогаш коалицијата на СДСМ освои петсто илјади гласови, за во 2006-та да паднат на неверојатните двесте илјади).
Денес одново гледаме дека работите главно се закочени. Владата на Груевски многу вложува во пиротехника и маркетинг и можно е тие триста илјади гласачи со помош на “трикови и магија”, популизам и пропаганда, да ги задржи во текот на четири години... Но, како што сега стојат работите и проценувајќи ги капацитетите на ова застоено општество, ми се чини дека и дваесет проценти реализација на “стоте чекори” ќе биде успех. Дојдовме во толку лоша ситуација што дури и забрзаниот економски раст (кој исто така изгледа малку веројатен) нема значајно да ја промени земјата, оти насоките се погрешни. Со уништено здравство, образование, култура, медиуми, јавни служби... - чуму ви е висок економски раст?! За богатите да станат уште побогати?! Другите проблеми (сиромаштијата, пред сè, и опаѓањето на довербата на граѓаните кон државата како заштитник) само ќе се зголемуваат.
Груевски, за жал, нема капацитети да гледа подалеку и подлабоко. Тој е во паника да донесе пари, на кој било начин, за макар некако да го заслужи влезот во сосема дегенерираниот македонски естаблишмент (кој, таков килав, неспособен и лажникав можеби уште постои само во фантазмите и фрустрациите на несреќните и вечно попречени вмровци). Повторувам, во смисла на квалитетен и урамнотежен развој на општеството (она за што, на пример, зборува нобеловецот по економија, Амартја Сен, и за што овде сум пишувал), повеќето наши политичари се безнадежен случај.
Не велам дека е трагично што Груевски нема постратегиски визии и капацитети. Ретко кој политичар ги има, оти политиката, па и во пошироки рамки, се претвори во манипулација од денес за утре. Но, од Груевски очекуваме, наместо големи сомнителни идеи (од типот на сосема неподготвеното воведување задолжително средно образование), да воспостави елементарна здраворазумска хиерархија на приоритети. Просто: да ги стимулира успешните, на сите полиња, и да ги дестимулира неуспешните. Се разбира, знаеме дека еден политичар мора да кокетира со сите, и со гангстерите на кои не им може ништо и со благородните и вредните луѓе кои, пак, во поширока смисла не можат да направат ништо, оти работите се блокирани, т.е. под контрола на тајфите.
Ама, сепак, велам - си чекаме, главно очајувајќи, и едвај, малку, сè посрамежливо, очекувајќи нешто. Токму како во песната “Преживување” на Блаже Конески:

Какви порази сме морале да издржиме,
какви срамови, / какви поруги.
Боже, умот дури ми се свртува!
Ни помагало нешто, нè крепело нешто,
некаква смешка, некаква површност, -
и по сето тоа / во нас
некаква надеж, некаква желба,
некаква скриена смисла
безрасудно / пак изртува!