Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 


Никола Гелевски

КОНТРАПУНКТ
2001-2007

         архива на текстови       следен текст

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


141

СРПСКИОТ ЈАЗОЛ

13.02.2007



Изминатата недела ја поминав во Белград, така што од прва рака можев да ги доживеам српските реакции на косовскиот предлог на Ахтисари. Првите три дена откако предлогот за статусот на Косово беше објавен имав впечаток дека Србија целосно се хомогенизира наспроти западните обиди Косово да стане еден вид независна држава под засилен надзор. Но, во следните неколку дена во јавноста веќе почнаа да се појавуваат мали но значајни пукнатини меѓу застрашувачки збиените српски редови.
Од една страна, дозволувам, за некого можеби е херојство неприфаќањето да се загуби дел од сопствената државна територија без оглед на големината на “непријателот”. Од друга страна, Косово е реално загубено уште 1999 година, а всушност барем десетина години порано, со катастрофалната политика на Слободан Милошевиќ, кој најпрвин удри врз автономијата на косовските Албанци, за потоа да тргне во своите трагични воени походи ширум бившата ни земја.
Некои аналитичари одат и подалеку; сметаат дека српската политика спрема Косово во целиот 20 век е погрешна, зашто косовското прашање се третира(ло) исклучиво како територијално, а предлозите на самите Албанци главно се игнорираат. Косовското прашање, особено засилено последниве дваесет години, го одржува српскиот национализам како речиси единствена државотворна визија. Така гледано, поради неспособноста на српските политички и културни елити да се позанимаваат со сопствената внатрешна конституција и консолидација, независноста на Косово е логичен епилог.
Затоа историскиот грев на Слободан Милошевиќ, како речиси консензуално избран српски водач во втората половина на осумдесеттите години, е многу поширок од загубата на Косово: српската елита не успеа да ги разбере низата источноевропски револуции и не успеа да разбере дека архаичниот руски империјализам веќе не може да биде закрила ни за самиот себеси; така историски дезориентирана, српската елита најмногу придонесе за растурањето на Југославија.
Всушност, како што вели историчарот Никола Самарџиќ, сите југословенски шовинизми се развиваа врз учењата за билошко или органско единство, врз идеите за сталешко или корпоративно општество и сите се потпираа врз клерикализмот во една атмосфера на зовриен месијански метеж. Испадна дека Србите најтешко се ослободуваат од својата нова национална митологија смешана од шовинизам, православие и комунизам. Како традиционална основа за популистичката демагогија, уште еднаш беше извадена Русија како брат-спасувач. Редизајнираниот колективистички дух доби клерикални и, во одредена мера, расистички својства, смета Самарџиќ. Демократската и либералната алтернатива не поседуваше ниту јасен историски континуитет, ниту убедлива аргументација ниту доволно широка социјална основа. Заедничката држава беше разбрана како боиште на судрени идентитети. Поникнати од самата номенклатура, елитите го наметнаа говорот за “националните интереси” кој создаде територијални барања и нужни насилни судири.
Страшните импликации сите ги знаеме. Целиот регион дури во 2006 го достигна бруто општествениот производ од 1989 година! Пострашното е што приказната за територијалните “национални интереси” сè уште не е завршена. Независноста на Косово е само уште еден тест за кревката стабилност на целиов регион.
Во Белрад, за среќа, можат да се слушнат некои нови и поинакви гласови на разумот. Како конечно и таму да се сфаќа дека клучот на стабилноста е во меѓусебните договори на балканските народи, а не во арбитрирањето на големите сили. Само доколку појдовните точки за разговор меѓу Приштина и Белград навистина бидат насочени едни кон други, а не кон големите сили, само во тој случај ќе биде можна некаква подолгорочна мирољубива иднина на регионов. Оти, исклучиво насочени кон сопствените етнички трла, ние само до бескрај го потврдуваме сопствениот поданички статус.
Крајно време е Србија да ги прифати косовските Албанци како рамноправен и автономен политички субјект. Се разбира, и Албанците мораат да пружат гестови на добра волја кон Белград. Многу нешта, и за едните и за другите и за третите, зависат од таа добра волја. Дури и да се подигнат железни ѕидови меѓу сите скарани балкански државички, тие пак ќе бидат ориентирани едни кон други, ако ништо друго, во економска смисла.
Во случајов, како многу пати во изминативе дваесеттина години, очите на европската и светската јавност се вперени кон Белград. Дали Србија конечно ќе ги преболи своите постимперијални трауми, т.е. дали нејзината политичка елита конечно ќе го избере патот на интеграциите и Европа наместо патот на светосавскиот метафизички национализам?
Проблемот на Србија, според Соња Бисерко, не е ни економски ни политички; проблемот е што таа држава е прилично изгубена во потрага по сопствената душа. Неспособна да се откаже од секогаш посакуваната улога на регионален водач, кој претендира кон слава и моќ, Србија се заглави во лавиринтот од лажни претстави за своето славно минато, а уште повеќе во процепот помеѓу улогите на жртва или победник.
Токвил велеше дека многу нации пропаѓаат и пред да станат свесни за своите грешки. Затоа не е лошо уште еднаш да се повтори советот на Агнес Хелер: “Демократската нација мора да се конституира во дисконтинуитет со својата сопствена историја”.