Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 


Никола Гелевски

КОНТРАПУНКТ
2001-2007

         архива на текстови       следен текст

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


137

НА БУКВАТА “А”

16.01.2007



Бидејќи претходните два текста се занимаваа со насилството (кое со години ескалира во земјава, како она политички божем контролираното, така и насилството кое навидум нема свои јасни причини, но произлегува од општото пропаѓање на луѓето, од нивните стравови и избезумености пред неизвесната иднина), решив малава трилогија за насилството да ја завршам со Пандалф Вулкански, умерено етаблираниот алтернативец.:)
Пред тоа и накусо, сакам да нагласам дека сум особено загрижен поради ескалацијата на оние форми на јавно насилство кои се манифестираат низ потчинувањето, понижувањето и себепонижувањето на луѓето. Лично сведочам дека младите високопозиционирани бирократи од претходната власт кои на блогови брутално ми цензурирале текстови против владата на Бучковски, денес се обидуваат да го прават истото, но овојпат како идеолошки кучиња-чувари на новата власт. Загрижен сум, повторувам, што лојалноста кон новите газди во Македонија во 21 век се обезбедува на најнедолични начини кои човечкото достоинство го претвораат во каша-попара.
Но, за да се обидеме да не доставаме нови дрвца кон параноидните клади на острастените идеолошки кербери на секоја власт, предлагам да ја слушнеме приказната од “Речникот” на Вулкански.

АЖДЕРОТ И АЗБИИТЕ
За да се борат со аждерот што ги сквернавел селските девици, се собрале петмина славни разбојници-азбии, што разбиваат азна! (“Од негде мора да се финансира...”, помирливо рекол селскиот азнадар.) Се собрале, значи: Ајдутин, Ајдук, Ајљаз, Ајван и Ајдамак, кој имал безбол-палка.
“Аздисуе ајле аждерот... Треба да му шприцнеме малку азот или азбест во тоа ждрелото...”, рекол азганот Ајдутин.
Ноќ пред акцијата дружината (заедно со селските големци, а во присуство на азнадарот) седнала да игра ајнц, со цел од приходот да се направи, за секој случај, задужбина, т.е. ајрат.
Патем толку многу се накркале со ајвар што почнале да аздисуваат:
“Од ајварот, мозокот - вар! Јава по ганглии ајваров!”, рекол Ајљаз.
Друго, пак, рекол Ајдамак: “Ај да макнеме од макот! А и од макалово! Аждер нè чека, не е шега!”
Кога се накркале и од макалото и од макот, почнале да тропаат глупости (а Вулкански, скриен во бурето со расолница, запишувал!):
“Аи! Аир да се стори ајваров!”, рекол Ајдутин.
“Аирлија работа! Ко Ајванхо се осеќам!”, рекол Ајдук.
“Ај! И ја, ко Ајнштајн!”, рекол Ајљаз.
“Ај пак да ја освоиме Аја Софија!”, рекол Ајван.
“И цела Азија! Азурен брег да видам!”, рекол Ајдамак.
По бурната ноќ, собајлето, во ајатот, петмината се прекрстиле (азар - секој) и, како вистински специјалци, си ги направиле ајар часовниците.
Селскиот поп ги осветил прскајќи ги со ајазмо и набрзо тие ги јавнале ајгарите (сите нескопени - акалци), правец - аждерот.
Кога аждерот ги видел петминава со боци со азот и азбест слатко се насмеал: “Азбест?! Јас сум најдобриот! Башка, од азот газот ми се смрзнуе, а од азбест - збеснувам ко ѕвер! Ха ха ха!”, ечел страшниот глас на аждерот.
“Ни фалат уште луѓе”, рекол Ајдутин и им наредил на своите другари да се повлечат.
Кога се вратиле во селото петмината азбии, таму веќе ги чекало засилувањето, новите актери: Абдал, Ашлак, Акмак и Акреп.
“Акаме навака три дни и ноќи...”, рекол Акмак. “Ама ако! Ак ни се насмевнуе, не?!”
“Ами како! Ако се акомодирате во селово, акот ќе биде поблиску”, рекол Ајдук.
“Не контам: има ли некоја аконтација, колку за акањето?”, прашал Акмак.
“За да се дојде до ак, до награда (“а не до нагрда”, му дофрлил Ајван на Акреп), треба малку акалот да се протресе, не?!”, реторички прашал Ајдутин.
“Аклија си, бате, само нам ни треба мала аклиматизација”, рекол Абдал, што со акламација било прифатено.
Групата отишла до првата акчилница и таму пак нарачале, како претходната вечер (“акшам”, се разбира, дофрлува Вулкански лилјачки закачен меѓу бутовите месо во оставата): ајвар, мак, макало итн.; “колку да акумулираме сила за акција”, рекол Ашлак.
Но, во акчилницата се случиле две мошне необични работи! Најпрвин, со свечен удар на најскапоцениот селски меч врз рамото на локалниот снагатор по име Токмак (“аколада” се вика чинот на прогласување нов витез, дошепнува Вулкански скриен во бурето со чоколада), бил прогласен и десеттиот борец против аждерот! “Токму тоа ни требаше! Локалец, ко придружба за специјалците-азбии!”, рекол селскиот врач и земал еден акролит, дрвена фигура чии крајни делови (рацете, нозете и главата) се од камен. “Еве го аждерот!”, викнал селскиот врач и ги извадил ритуалните секири за пророкување (“не присуствуваме на вуду-ритуал со акупунктура, туку на аксиномантија”, поучувал Вулкански кого акчијата го ставил како паричка во погачата, од кајшто писателот гледал сè).
И така, охрабрени од пророкувањето, следното утро пред аждерот се појавиле десетмината јунаци (Ајдук, Ајдутин, Ајљаз, Ајван, Ајдамак, Абдал, Ашлак, Акмак, Акреп и Токмак).
“Ај збијте се малку, ко змии, азбии! Се наоѓаме пред критичната фаза: акме! Кој има акцес до аждерот? Кој не се срами од екцес? Кој е спремен да заработи екцем? Кој, браќа, прв ќе го акне!”, вознесено се обратил Ајдутин.
Воден од поттикнувачките зборови на Ајдутин, неинхибираниот Токмак му пришол на аждерот како на панаѓурски бокс-апарат и - трас! Акна од нос му исцедил со бокс, на аждерот, Токмак!
Во тој момент придружниците доживеале кулминација - акме! “Нека акне!”, екна(л) гласот од десет грла!
И така го затепале аждерот, што била една од ретките победи на македонскиот народ против странските завојувачи кои се заканувале, богами, и со акултурација на населението...
“Фет акомпли, додуша после доста компликации...”, резимирал сведокот Вулкански, кој воедно им подигнал споменик на десетте азбии што му се спротиставиле на аждерот.