138
НОВА ФЕУДАЛИЗАЦИЈА
23.01.2007
Зовриените политички и партиски
борби, како и секојдневната борба за опстанок во која дури и враните
меѓусебно почнаа да си копаат очи, нè оневозможуваат да фатиме
пошироки перспективи и во поглед на причините за нашиот пад, и во
поглед на опишувањето на современоста и во поглед на барањето
спасоносни решенија.
Словенечкиот теоретичар Растко Мочник неодамна, во својот текст
“Утопизмот од онаа страна на утопијата”, излезе со мошне интересни
тези за нашиот историски миг. Ќе пренесам дел од тие тези.
Кусо речено: нам ни се случува повторно феудализирање на
општествените односи. Капиталистичкото “господарење”, како што го
нарекува Мочник, никогаш не ни можело да преживее без да се потпира
на пред-капиталистичките односи. Дотолку, денес не-капиталистичките
форми на “господарење” се значајни елементи на современиот
капитализам. Во преплетот, значи, меѓу пред-капитализмот (т.е.
феудализмот) и капитализмот, настануваат новите општествени форми во
кои, сакале-нејќеле, живееме.
Мочник го објаснува механизмот на тоа повторно феудализирање на
општествениот живот; политичката “фикција” на апстрактниот
индивидуалец можеби е клучна точка за објаснување на новите
општествени односи кои подразбираат подреденост и господарење.
Всушност, општествените односи (хиерархијата, подреденоста,
институционалните односи) наликуваат божем на односи меѓу личности;
како и во пред-капитализмот, тие односи стануваат односи на лична
зависност, на подреденост и надреденост, а нивните општествени
причини се маскираат низ фантазиите за личната вредност, за личната
“извонредност”, за личните заслуги, грешки итн. Општествените тензии
придвижени од таквите односи се доживуваат како меѓучовечки борби, а
класната борба учесниците ја доживуваат како фантазмагорична форма
на лични интриги. Всушност, машината на угнетувањето дејствува на
тој начин што и “понижените и навредените” се идентификуваат со
идеалите на своите угнетувачи и искористувачи.
Карактеристична форма на ре-феудализирањето е и новата корпоративна
“етика”, новите технологии на управување со луѓето. Сведоци сме на
настанување на новата мистика на менаџментот. Како што вели Мочник,
наместо некогашните семинари и политички школи за млади активисти,
денес имаме "menagement and business administration". Наместо
некогашната социјалистичка критика на бирократизмот, денес ни се
случува - глорификација на бирократизмот! Ни се случуваат ритуалите
на лојалноста, на лажната корпоративна солидарност, опседнатоста со
“етиката”, новото пљачкашко витештво, хероизмот на ласкањето, кој
станува важна вештина во борбата за опстанок на многубројните и
често меѓусебно судрени приврзаници на феудалните господари...
Најстрашната последица на новиот општествен феудализам е
уништувањето на секоја можност меѓучовечките односи да се одвиваат
надвор од наметнатите идеолошки механизми на господарењето. Јавниот
простор е монополизиран. “А можноста за самостојна продукција на
алтернативни регистри на друштвеност е речиси сосема уништена”,
смета Мочник.
Не постои дури ни некогаш спасоносното поле на приватноста, бидејќи
јавноста е структурирана на начин на меѓусебна зависност... (Овде
“приватноста” не ја сфаќаме во дословна граѓанска смисла, туку како
оној дополнителен простор на взаемност, на солидарност и
проникнување - простор кој во минатите епохи некогаш бил и позначаен
од просторот на “јавното дејствување” и на “политиката”... Тој
механизам сликовито го објаснува Братислав Димитров во една скорешна
колумна во “Теа Модерна”, кога вели дека песната на Боб Дилан која
Владимир Чупески во почетокот на седумдесеттите ја закачувал на
вратата на својот стан-збиралиште, била позначаен политички и јавен
чин од насловната страница на тогашна “Нова Македонија”!)
Она што мене најмногу ме загрижува во рефеудализирањето на нашиот
општествен живот е триумфот на малограѓанската свест и култура.
Бидејќи новите господари, поради својата културна јаловост, не се
способни да го поттикнат настанувањето и развојот на своја сопствена
(владеачка) култура, тие нови владетели всушност ја блокираат
самостојноста на која било култура. Бидејќи не се способни да
воспостават сопствени естетски норми и етички установи кои би ги
интегрирале, новите господари им се препуштаат на малограѓанските и
популистички матрици кои всушност ја уништуваат можноста за критичка
и сериозна културна продукција. Антиинтелектуализмот е парола на
денот и нов моден крик! Како што вели Мочник, комунистите ја
тероризираа културата заради сопствениот интелектуализам; сегашнава
нова класа ја уништува културата заради сопствената малограѓанштина
(две важни особини на малограѓанскиот менталитет: постојано демнење
да се начека шансата за самопромовирање; постојан страв од
деградација).
Се разбира, и како пишувач и како “културен работник” немам намера
да го положам оружјето пред новите господари, т.е. да се откажам
барем од можноста за “самостојна продукција на алтернативни регистри
на друштвеност”... Иако Мочник веројатно е препесимистичен во
опишувањето на новиот феудален капитализам, чинам дека неговите
согледби се, ако ништо друго, важен аларм и потсетување: задача на
јавноста, на интелектуалецот, на уметникот - е постојано
преиспитување на патеките по кои одиме.
|