132
ПАПА, ПАПА!
05.12..2006.
Пандалф Вулкански, нашиот умерено
славен писател (од “подземјето”:-), неуморно смислувал будалаштини.
“Папас сум за будалаштини, не можам да папсам смислувајќи ги! Имам
цела папка ненадминливи глупоштини!”
Еве една, значи, запишана на папирус, за папагалот кому пердувите му
ги негувале со папилотни. Е, тој папагал постојано извикувал: “Папа,
Папа!”
Еден ден стварно дошол папата (на католичката црква) и му рекол на
папагалот: “Папата не гали папагали! Затоа папај си паприкаш и не
збори глупости да не те подберам со папуча, т.е. пантофла.”
“Ако не гали папагали може папата гали лигави?!”, прашал папагалот.
“Папа друга лига гали, никако не лигави, а ти не галами многу,
папоку-копуку, копани да не ти скубам!”, се налутил папата.
“Па па тогаш!”, рекол папагалот и одлетал.
Според една современа критичка анализа на расказот (штотуку го
прочитавте:), папагалот го симболизира амбивалентниот (пред можноста
за унијатство?!) Македонец застанет пред врвниот западен авторитет,
папата. Го спомнувам расказот, како што може да се претпостави, оти
деновиве папата (на католичката црква) го посети Истанбул (т.е.
Константинопол, т.е. Цариград), главниот град на нашата некогашна
татковина, Отоманската империја, денес умерено скромна Турција.
За уште подлабоко да навлеземе во темата ќе раскажам уште една мала
и вистинита приказна. Кога бил мал сегашниот папа наизуст ја знаел (како
и многу други германски деца) следнава симпатична песничка:
K-a-f-f-e-e / K-a-f-f-e-e /, / trink nicht so viel kaffee! / Nicht
für Kinder ist der türkentrank / schwächt die Nerven, macht dich
blaß lassen und krank. / Sei doch kein Muselmann, / der ihn nicht
lassen kann!
(Кафе / Кафе, / Не пиј толку кафе! / Пијалакот на Турчинот не е за
мали деца, / Нервите ќе ти ги ослабне, блед ќе станеш и ќе се
разболиш. / Не биди муслиман / кој поинаку не може!)
Како што реков пред неколку недели: ужасно нервира нашиот однос
спрема Западот! Но, ми се чини дека барем исто толку е иритантен и
западниот однос кон нас! Нервите ни ги истенчија, бледи станавме и
разболени! Проширувањето на Европската унија, на пример, веќе се
претвора во фарса: таму влегоа Бугарија и Романија, земји кои се
далеку зад Хрватска во исполнувањето на тн. “европски стандарди” (кои
се претвораат во најмизерен политички ластик за бескрајни
развлекувања - дур не пукне кајшто е најтенко, како што обично се
случува), а на санитарна дистанца, пак, се држат земјите (преполни
со муслимани, патем!) од тн. “Западен Балкан”: Босна и Херцеговина,
Србија со Косово, Црна Гора, Албанија и Македонија.
Европа, доколку воопшто сака да се консолидира како историско тело
или политичка заедница, ќе мора да се обиде да се соочи со
сопствената слика за клучниот непријател: исламот. Ќе мора да се
соочи со фактот дека нејзиниот идентитет всушност е создаден врз
сликата на непријателот и дека не постои надвор од таа слика. Европа
веќе 500 години претставува ексклузивистичка заедница настаната врз
основа на замислата за чистење на територии, врз “чистотата на крвта”
и врз основа на омразата спрема надворешните народи, кон кои
настапувала исклучително деструктивно. И како последно, Европа во
голема мера се докажува и преку задушувањето на традиционалните
култури на европската територија, смета експертот за европската
историја, Томаж Мастнак. Непријателството на западните христијани
спрема муслиманите, кое е постаро од Европа, како што вели Мастнак,
играло средишна улога во формирањето на Европа како еден од главните
историски облици на западното единство. За тоа непријателство не се
зборува многу или се зборува така што христијаните и Европјаните се
прикажани како жртви на муслиманското насилство. Но, европската
историја, според Мастнак, не можеме да ја разбереме ако на
европското непријателство спрема муслиманите не му го посветиме
вниманието што го заслужува како клучна сила при формирањето на
Европа, не постаро од половина милениум.
Да бидам јасен и приземен: Европа конечно ќе треба да му објасни на
тн. Западен Балкан дали треба да се раскусури со своите граѓани
муслимани, за на тој начин, етнички и религиски “исчистените”
балкански држави (какви што се примерните членки на ЕУ: Грција,
Бугарија, Словенија и веќе утре Хрватска) конечно да бидат примени
во избраниот клуб, т.е. во христијанската тврдина. Европа без
вообичаените демагогии и дупли пораки ќе треба да ни одговори кој во
Македонија всушност е еминентно на европската цивилизациска и
политичка линија : Љубчо Георгиевски и Арбен Џафери (кои и ден денес
инсистираат на српското: “чист рачун, дуга љубав”) или ние
преостанатите пар залудени и загубени несреќници кои веруваме во
плурализмот и хетерогеноста во најширока можна (па и верска) смисла?!
Европската унија, па и преку својот папа, с$ уште ја игра добро
познатата (барем 1000 години) ексклузивистичка игра. Македонија
токму од ЕУ час поскоро треба да добие јасни сигнали каде припаѓа:
дали, заедно со Србија, во руската сфера на интерес или дури можеби
припаѓа, заедно со Босна и Албанија, во турската сфера?! Со оглед на
тоа дека две соседни земји на Република Македонија и членки на ЕУ,
Бугарија и Грција, речиси не ја ни признаваат македонската држава,
нација и култура, се чини дека македонскиот и балканскиот проблем (уште
еднаш) е преселен во европскиот двор. Што не значи дека ние треба да
спиеме и да чекаме расплет. Европа последниве 150 години има големи
империјални гревови кон Балканот и особено кон Македонците. До нас е
уште еднаш да не станеме бедни и пасивни жртви на мизерните
гео-стратегиски игри на нашиот голем ментор и тутор, од кој
трепериме и чекаме да ни капне троа ум, речиси парализирани. До нас
е барем да се обидеме самите да придонесеме во креирањето на
сопствената иднина.
|