133
ИСТОНСКИОТ МАНИФЕСТ
19.12..2006.
Пандалф Вулкански, нашиот умерено
славен писател (од “подземјето”:-), неуморно смислувал будалаштини.
“Папас сум
Пред неколку месеци во Лондон (поточно, во квартот Истон) беше
објавен еден интересен левичарски документ: Истонскиот манифест.
Јадрото на групата која го состави документот го сочинуваат
дваесетина британски професори, новинари и блогери. Ним набргу им се
придружија неколкумина мошне влијателни американски интелектуалци,
та на тој начин Истонскиот манифест стана мошне референтно четиво за
промислување на најважните современи политички прашања и настани,
особено на левицата.
Манифестот всушност и тргнува од критиката на заспаната или
догматската левица, вртејќи се кон егалитарните либерали и кон
другите политички струи кои недвосмислено тежнеат кон демократија.
Манифестот констатира дека дел од проблемите во повеќето современи
лево-либерални мислења е во тоа што многу работи кои наизглед би
требало да се очигледни, во светлината на историјата последниве
стотина години - тоа веќе не се.
Манифестот се состои од четири дела: преамбула, изјави за начелата,
елаборација и заклучок. Начелата се состојат од петнаесет точки: 1.
За демократија; 2. Нема оправдување за тиранијата; 3. Човечки права
за сите; 4. Еднаквост; 5. Развој за слобода; 6. Спротиставување на
антиамериканизмот; 7. За решението за две држави (се мисли на
решавање на израелско-палестинскиот судир); 8. Против расизмот; 9.
Обединети против теророт; 10. Нов интернационализам; 11. Критичка
отвореност; 12. Историската вистина; 13. Слобода на идеите; 14.
Отворениот извор (се мисли на отворениот развој на софтверот и на
другите креативни дела); 15. Скапоценото наследство.
Ќе цитирам неколку изјави за начелата, кои и нам (особено на
овдешните невидливи левичари) можат да ни бидат интересни. Залагајќи
се за еден нов интернационализам, на пример, Истонскиот манифест се
залага за нова меѓународна политика и реформа на меѓународното право
- за доброто на глобалната демократија и глобалниот развој.
Сувереноста на државите мора да се почитува, но само до одреден
степен: “Ако државата на ужасни начини спроведува насилство над
секојдневието, таа го губи правото да се повикува на сувереност, и
должност е на меѓународната заедница да интервенира и помогне. Кога
еднаш ќе се премине прагот на нехуманото однесување, се појавува 'одговорноста
на заштитата'.”
Залагајќи се за критичка отвореност манифестот ја осудува страшната
историја на левичарските апологии на злосторствата на сталинизмот
или маоизмот, како и сегашниот догматизам на голем дел од западната
левица која неретко застанува во одбрана на тероризмот или во
одбрана на докажаните воени злосторници од типот на Слободан
Милошевиќ. Потписниците на Истонскиот манифест се отворени и спрема
поединците и идеите на десницата. Левичарите кои заеднички се борат
со антидемократските сили или наоѓаат оправдување за нив, треба да
бидат критикувани со јасен и непосреден јазик. И обратно, треба да
се уважуваат либералните и конзервативните гласови и идеи доколку
тие придонесуваат за јакнењето на демократските норми и практики во
борбата за напредок на човекот.
Истонскиот манифест го почитува скапоценото наследство на големите
демократски револуции од 18 век, идеите за слобода, еднаквост,
солидарност. Тие идеи станаа заедничко наследство благодарение на
социјалдемократските, егалитарните, феминистичките и
антиколонијалните заложби во 19 и во 20 век. Но, должноста на
вистинските демократи е да ја почитуваат историската вистина. Една
од трагедиите на левицата е што нејзината сопствена репутација
значајно ја има загрозено токму меѓународното комунистичко движење.
За нашите “мајкрософт-левичари” интересно е залагањето на
“Истонците” за отворен развој на софтверот и за слободна размена на
идеите. Манифестот е против проширувањата на законите за
интелектуална сопственост кои најчесто се во функција на интересите
на големите корпоративни сопственици на авторски права.
Застапувајќи го глобалниот економски развој како форма на слобода,
манифестот му се спротиставува и на економското угнетување.
“Сегашното ширење на глобалните пазари не смее да им служи на
интересите на малите корпорациски елити во развиениот свет и на
нивните сојузници во земјите во развој. (...) Развојот може да
придонесе да се продолжи животниот век и да се ужива во него,
бидејќи ќе го олесни товарот на работата и ќе го скрати работниот
ден. Тој треба да им донесе повеќе слобода на младите, можност за
избор на средовечните и сигурност на постарите. Тој ги проширува
хоризонтите и можностите за патување, и помага странците да станат
пријатели.”
Потписници на манифестот се некои од највлијателните британски и
американски новинари и интелектуалци: Норман Герас, Ален Џонсон, Ник
Коен, Дејвид Арановиц, Кристофер Хиченс, Пол Берман, Мајкл Коен,
Мајкл Волцер, Френсис Вин...
Во заклучокот на манифестот се вели: “За идната прогресивна политика
од клучна важност е сега јасно да прозборат луѓето кои имаат
либерални, егалитарни и интернационалистички стојалишта. Ние мораме
дефинициски да се поставиме наспроти оние за коишто целата
прогресивно-демократска програма е сведена под ќебето на
поедноставениот 'антиимперијализам' и/или под непријателството
спрема актуелната администрација на САД. Вредноста и целите на таа
програма - демократијата, човечките права, трајната борба против
неоправданите привилегии и моќи, солидарноста со народите кои се
борат против тиранијата и угнетувањето - е она што најтрајно го
дефинира обликот на секоја левица на која има смисла да & припаѓаме.”
(повеќе информации на:
www.eustonmanifesto.org)
|