Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 

         архива на текстови       следен текст

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


131

НА ГРАНИЦИТЕ НА ЕВРОПА

28.11..2006.



Изминативе пет дена, во Белград и Скопје, беше одржан еден мошне интересен меѓународен семинар под наслов: “На границите на Европа: кои се нашите (не)пријатели?” На семинарот учествуваа низа значајни теориски имиња, главно од регионот, како и професорот на Колумбија универзитетот, Гил Аниџар, чијашто контраверзна книга, “Евреинот, Арапинот: историјата на непријателот”, беше промовирана во рамките на семинарот.
Бидејќи овде во Македонија постојано пекаме заради нашата изолираност - и физичка и интелектуална - спрема Европа и светот, семинарот беше добра прилика да се слушнат и споредат поблиските и подалечните искуства, како политички така и културни. Меѓу многуте плодотворни искажани разлики, ми се чини дека се согласивме во едно: денес веќе никој не е чисто едно. Ги парафразиравме Дерида и Едвард Саид: ние сме Европјани, меѓу другото. Ние сме Балканци, Македонци, Албанци, но само фрагментарно, истовремено со низата други свои идентитети; ние сме жени, возрасни или помлади, малцинства или мнозинства, христијани, муслимани или будисти, фрикови и гикови, алкохоличари, вегетеријанци и аскети, колекционери на поштенски марки или значки, фудбалски фанатици, мирни градинари, провинцијалци, селани, сиромаси и богати, хомосексуалци и метросексуалци, набљудувачи на возови и бунтовници... Се согласивме дека нашиот опстанок всушност се однесува токму на врските меѓу многубројните преплетени нешта. Беше цитиран Елиот: “Стварноста не може да биде лишена од другите одеци кои ја населуваат градината... Лесен разговор меѓу старото и новото, / Обичен збор, јасен, а не прост, / Избран збор, точен, но не педантен, / и целата дружина сложно танцува.”
Велам, “танцот” баш и не беше сложен, често избиваа искри и несогласувања, особено во врска со толкувањето на поновата историја на регионот. Иако империјализмот на САД и катастрофалната Западна политика на Средниот исток беа постојана мета на петдневниот семинар, најголемото критичко внимание сепак го привлече навидум нејасната позиција на Европската Унија. Се доби впечаток дека за повеќето учесници на семинарот Европа денес претставува едновремено и закана и надеж; од една страна интегративна и демократска, од друга, таа е најсилниот носител на современиот аперхејд, мошне опасен во својата перфидност, и кој широко го исклучува жителите од Југот и од Истокот.
Денес “Европа” стана алфа и омега на работите, мерило за сè, врховно добро, смета Томаж Мастнак, еден од најжестоките критичари на европското исклучување на исламот како можен важен аспект на европскиот идентитет. “Либералите и клерикалците, комунистите и антикомунистите, оние на власта и оние во опозицијата, владините и невладините, политичките и неполитичките, верниците и неверниците, литературните и неписмените, патриотите и космополитите, ксенофобите и мултикултуралистите, сите се колнат во Европа и сите сакаат да влезат во неа. 'Европа' стана стратешка цел на една политика без стратегија.”
Верата во “Европа” денес е толку силна оти е празна, историски е испразнета. Добро подмачканата машинерија, политичка пред сè, но и културна и медиумска, се грижи во рамките на “спонтаната” европска идеологија ништо да не биде спонтано - смета Мастнак. Во споредба со оваа нова недофатлива идеологија “комунистичкиот тоталитаризам” беше детска игра. Мастнак вели: “На европската идеологија не можат да ù се спротистават ниту аргументите, таа е неосетлива на нив - наспроти комунистичката идеологија која беше наследник на просветителството и беше рационална, та зборовите можеа да ја повредат. Рамнодушноста спрема рационалната аргументација затоа денес се институционализира како слобода на говорот и печатот. Според тоа, прилично е празна надежта дека на сегашното европско едноумие можат да му се спротистават токму аргументите. Но, тоа вреди да се обидеме да го направиме бидејќи само уште загубата на надежта може да ни даде надеж.”
Мастнак не беше присутен на собирот, но ми се чини дека ставовите од неговата извонредна книга “Европа: историја на политичкиот поим” како да лебдеа над разговорите. Впрочем, целиот собир всушност помина во духот на познатата изрек на Роман Ролан (преземена речиси како политички концепт и од Грамши): “песимизам на разумот, оптимизам на волјата”.
За крај, сепак ќе се обидам да бидам малку пооптимистичен, спомнувајќи еден друг исклучително важен мислител на европското и на политичкото, Етјен Балибар. Нов полет на општите демократски процеси, смета Балибар, не можат да дадат побожните говори за “граѓанската свест”, за “постнационалноста” или за “европскиот проект”, туку автономните мисловни и акциони иницијативи. Европа не може да биде создадена исклучиво одозгора, ниту може да биде препуштена на новите популизми кои божем конечно ја откриваат новата победничка формула: “ни левица, ни десница”. Според Балибар, во мислите, во инвенцијата, во борбите треба да отвориме цела низа градилишта на граѓанскоста. А смислата на денешниот интернационализам е во тоа на тие градилишта да им понуди максимум јасност и интензитет, за одново да се отворат можностите кои ги даваат историјата и политиката.
Токму водени од можноста за еден нов интернационализам и за нови промислувања на историјата, политиката и културата, собирот го организираа “Белградски круг”, “Центарот за културна деконтаминација”, “Фондацијата отворено општество - Македонија”, културниот центар “Точка” и “Центарот за родови студии” при институтот “Евро-Балкан”.