130
ЗАД ЦРТАТА
21.11..2006.
Пред некој ден во весниците имавме
можност да прочитаме дека земјите од регионот конечно, во 2006
година, го достигнале бруто општествениот производ што го имале 1989
година. Седумнаесет години, значи - лет во место. Милиони загубени
работни места. Милијарди државен и општествен капитал криминално
слеани во приватни џебови. Растурени општества. Огромни стапки на
пораст на убиства, самоубиства, корупција, грабежи... Црните хроники
се преселија на насловните страници.
Истовремено трае дебатата за тоа кој систем беше подобар:
таканаречениот социјалистички или наречи-го-капиталистичкиов.
Претпоставувам дека просечната стапка на раст на социјалистичка
Македонија, во периодот 1945-1989, не е под 5 проценти;
претпоставувам дека имало цели децении кога стапката одела и над 10
проценти раст годишно. За вработеноста да не зборуваме: само во
текстилната и градежната индустрија на времето имаше повеќе
вработени отколку што сега има вкупно вработени во Република
Македонија.
Но, и на поширок источноевропски план, транзицијата главно остави
пустош зад себе. Само во новите дванаесет членки во ЕУ (без
балтичките земји) помеѓу 1990 и 2000 беа изгубени 10,5 милиони
работни места, што одговара на вкупно невработените во Полска.
Порастот на стапката на смртност исто така беше драматичен. Според
една студија на УНИЦЕФ, во цела источна Европа во 1993 починале 1,4
милиони луѓе повеќе отколку во 1989 година. “Транзиционата смртност”
е драстично зголемена и низ зголемувањето на бројот на самоубиствата,
како и низ повеќекратно зголемениот број на загинати во сообраќајни
несреќи.
Што се однесува до инвестициите, и тука работата не е розова. Иако
во источна Европа (но, главно во Чешка, Полска и Унгарија) се
инвестирани над сто милијарди долари последниве петнаесетина година,
за истото време во Кина се инвестирани 20 пати повеќе пари. Уште
потажен е фактот што многу повеќе пари одат од исток кон запад
отколку обратно. Земете го примерот со нашиот славен Телеком: ни
дадоа (т.е. ù дадоа на тогашната власт) 300 милиони евра, а земаа од
нас, изминативе години, барем три милијарди евра.
А колку, пак, снажно паднала довербата на народите од источна Европа
во сопствената животна сила, покажуваат статистичките податоци
објавени во неделникот Шпигл (Der Spiegel, 9/2001). Според овие
податоци, во Русија во 2000 година на илјада породувања имало 1.695
абортуси, во Романија 1.107, во Унгарија 698, во Чешка 415, додека
во Германија бројот на абортуси во таа година изнесувал 153 на
илјада родени.
Сево ова го спомнувам зошто денес, кај нас, слушаме млади политичари
(за жал, веќе сосема и непоправливо компромитирани) кои за свои
политички херои ги прогласуваат Реган, Тачер или Кол, луѓето кои ја
срушија железната завеса, но кои подигнаа низа нови и опасни завеси
и во Европа и особено надвор од неа. Една од крупните последици на
пословичната империјална кусогледост е и војната во СФРЈ, војна која
всушност е клучниот фактор за изгубените седумнаесет години во
регионов. Се разбира, Милошевиќ беше балканскиот касап - но, се
обиде ли некој да го сопре балканскиот политички мевосек?! Кај беа
грандиозните историски фигури на Реган, Тачер, Кол или Митеран?!
Уште еднаш ги исцртуваа старо-новите западни граници, вообичаено
сместувајќи ја Македонија отаде цивилизацијата?! За нивните
поткупени или просто ограничени поклоници, токму овде и токму денес,
да им пеат оди и да коленичат пред нив, безрезервно прифаќајќи го
диктатот на неолибералното чудовиште кое голта сè пред себе, комплет
со девиците, поповите, селските херои, доушниците, спин докторите и
брокерите од Волстрит.
Вистина е дека Западот 1989 година извојува една од своите
многубројни крстоносни победи изминативе илјада години. Не разбирам
само зошто ние, проколнатите отаде лимесот, од онаа страна на
санитарниот кордон, згора на сè треба да ги славиме западните победи?!
Западот е историска судбина на Македонија, но зошто би влегувале
ползејќи и градејќи споменици на дискутабилни историски фигури?!
Го велам ова оти се намножија дилетанти во сите сфери на нашето
живеење. Дури и повеќе од тоа: како токму глупоста и ограниченоста
на нашите малоумни полит-комесари да е услов за нивното сè повисоко
позиционирање!? Ем не ги гледаат сопствениот државен интерес и
позиција, ем тоа што го гледаат е сосема депласирано и вон секаква
релевантна историска и политичка матрица.
Историјата забрзува, а превреднувањата се вршат дури и на дневна
основа. Потребни ни се многу подлабоки и подалекусежни политички,
културни и историски проценки од дневните конјуктури и од ситните
олигархиски интереси. Доналд Рамсфелд, на пример, веќе денес е
грозоморна и крволочна историја која се надоврзува на исто толку
страшната и крвава историја на еден Кисинџер, на пример. (Иако
воопшто не се сомневам дека еден од најголемите воени злосторници во
20 век, Хенри Кисинџер, има цели дузини обожаватели кај нашата
провинцијална политичка и дипломатска елита. Но, во контекст на
превреднувањето на “злосторничкото социјалистичко минато”, интересно
е да се каже дека во портфолиото на Кисинџер има повеќе мртви луѓе
отколку, во тој период, во сите комунистички земји заедно! Сетете се
на милионите жртви во Виетнам, Бангладеш, средна и јужна Америка,
Никозија, источен Тимор...)
Трагедијата на вакви банана-јабана републики (БЈРМ) е токму што
младите политички малоумници од шаторите денес не само што владеат
туку и продаваат памет, политика, историја, идеологија, вредности...
Таа политичка малоумност совршено се надоврзува на слугинскиот
рефлекс на нивните повозрасни партиски колеги, како и на општата
необразованост. И го имаме она што традиционално најдобро вирее во
Македонија: многубројните меѓусебе спротиставени слуги на туѓи
интереси.
|