129
ОДГЛЕДУВАЈЌИ ГО НАПУШТЕНОТО ДЕТЕ
14.11..2006.
Минатиот пат, зборувајќи повеќе за
она што културата не е, можеби останав должен попрецизно да објаснам
што, барем според мене, културата е. Неможно е, се разбира, со оглед
на комплексноста, прашањето да се затвори во два новински текста, но
еве уште малку расправа за едно од најважните прашања на современиот
свет, прашањето на културата. Пишувајќи на темава уште пред
осумдесет години, Томас Стерн Елиот, големиот американски поет,
тврдеше дека после долг период на погрешна употреба неопходно е
зборот “култура” попрецизно да се одреди, како и некоја доктрина
после долговековно кривотворење.
Денес работите дополнително и повеќекратно се усложнети. За разлика
од времето на Елиот, распаѓањето на традиционалната средна класа е
еден од главните настани на нашето време. Како што вели Пери
Андерсон, солидната, цивилизирана буржоазија која имаше морален
интегритет и која успеја да ја преживее Втората светска војна, денес
ја заменуваат “старлетите-принцези и лигавите претседатели,
креветите под наем во службените резиденции, митото за
административците што даваат откази, дизнификацијата на протоколите
и тарантинизацијата на практиката”.
Денес антените ги заменуваат корените. Ние и немаме корени, смета
Мекензи Ворвик: токму нашата одвоеност, не само од природата туку и
од културата како безшевна, жива заедница, нè поттикнува да ги
бараме корените. Токму зашто немаме вкоренета култура, корените и
традицијата се постојана нервозна тема на многу наши муабети.
Од друга страна, Тери Иглтон, критикувајќи го постмодернизмот, вели
дека ние не сме лебдечки субјекти: тлото под нашите нозе цело време
е тврдо. Можеби нашата култура е зафатена од обратниот синдром на
фасцинантниот фантомски екстремитет (израз од медицината, кога
луѓето што изгубиле рака или нога сè уште го имаат чувството на
исчезнатиот дел): ни се чини дека нешто недостасува, но всушност сè
е тука. Ни се чини дека исчезнале “застарените” поими: вистината,
идентитетот, стварноста, вредноста, солидарноста... - но тие се тука!
Во нас. Културата остана со детето в раце, вели Иглтон, оти сите
други испобегаа.
Но, да им се вратиме на “корените”. Латинското потекло на зборот
“култура” укажува на земјоделието, одгледувањето, облагородувањето.
Во најширока смисла културата значи преработка и усовршување на
нешто, некоја градба, некој материјал, за одредена цел. Во потесна
смисла културата значи остварување на хуманите вредности во човекот
и во неговите дела. Таа едновремено значи и акт, творечки процес и
она што со тој процес е создадено.
Културата воопштено може да се сведе на склоп од вредности, обичаи,
верувања и практики коишто го сочинуваат начинот на живот на
соодветна група. Тоа е “сложена целина” - како што антропологот Е.
Б. Тејлор вели во својата славна книга Примитивна култура (Primitive
Culture, 1871) - “која ги вклучува знаењето, верувањата, уметноста,
моралот, законите, обичаите и сите други способности и навики што
човекот ги стекнал како член на општеството”. Културата едноставно е
сè што не е генетски преносливо. Таа е некаков пејсаж на меми, не на
гени, доколку го прифатиме прочуениот збор на Ричард Докинс. (Но,
постои и славната досетка на Едуар Ерио: “Култура, тоа е она што
останува кога сè ќе заборавиме.”)
Зборот култура, значи, етимолошки е поврзан со земјоделието. И денес
се користи во таа област, како и во биотехнологијата, една од
најважните научни дисциплини во моментов, мошне поврзана со идните
проекции за човештвото. Мислам на технологијата на култивирање
клонови, на генетскиот инженеринг.
Ова го спомнувам не за да отворам нова непрегледна дискусија за
можните импликации на новите научни продори, туку да обрнам внимание
на еден важен аспект на прашањето за културата: контракултурата.
Мислам дека е важно, во светлината на тој униформирачки и дури би
рекол тоталитаризирачки аспект на зборот култура (редици нешта што
се еднакви и под контрола), да имаме слух за она што во дваесеттиот
век се нарекуваше контракултура, субкултура, вонинституционална
култура итн.
Особено денес, под теророт на бескрупулозниот капитализам, треба да
се трудиме да имаме слух за оној аспект на уметноста (како можеби
најважен дел на културата) кој зборува со јазикот на вредноста, а не
на цената. Уметниците, меѓу другото, всушност и постојат за да ја
критикуваат просечноста на секојдневниот живот и да изнаоѓаат
алтернативи за постоечките норми. Уметноста ги поттикнува
фантазијата, копнежот, креативноста, па и бунтот, зошто да не?!
Впрочем, културата, според Иглтон, традиционално означува
спротивност на капитализмот. Поимот “култура” израснал како критика
на општеството на средната класа, а не како негов сојузник.
Културата отсекогаш повеќе се занимавала со вредности отколку со
цени, со моралното, а не со материјалното, со умното, не со
филистарското.
Најпосле, иако е впечаток дека и на нашето локално ниво, во
Македонија - особено тука! - од детето сите испобегале, вклучувајќи
ги и “културњаците”, неодминлива е одговорноста да го прибереме и да
го “одгледаме”. Тоа “нестварно дете” некои од нас ќе го видат како “култура”,
некои како иднина или како некаков исконски хуманистички супстрат,
некои можеби ќе го видат и како нација... Битно е, повторувам,
“детето” да го согледаме и одгледаме.
|