128
ТОЧКА
07.11..2006.
Сношти го отворивме новиот
културен центар “Точка”. Всушност, “Точка” е стара речиси пет години,
но по пет месеци пауза, центарот одново ја почнува својата работа на
нова локација. Го користам поводот за малку повоопштено да прозборам
за важноста на менувањето и на културните парадигми во општеството.
Се чини дека конечно и кај нас (ако не за друго, поради пропаста на
досегашниот институционален културен модел) е дојдено времето за
многу понапредни интелектуални размисли за културата, размисли кои
ќе бидат и политички применливи. Бидејќи денес сме соочени со една
сосема изменета скала на вредности и бидејќи работите забрзано и
често драматично се во постојано менување, пред нас стои задачата да
се осмисли посоодветен, што значи подинамичен и пофлексибилен
културен модел кој ќе знае да се прилагодува на бурните општествени
промени.
Кога станува збор за “Точка” и за обидите на една група ентузајисти
да го променат сфаќањето на културата кај нас, морам да ги наведам
извонредните зборови на еден современ француски теоретичар на
културата, Луј Доло, кој зборува за она што културата не е. Значи,
“културата НЕ Е одреден збир сознанија, не е дури ни една целина од
сознанија, не е префинето образование, завршено усовршување, висока
специјализација, снобизам за научниците или книжевно образованите,
луксуз на мислите, украс на едно општество на изобилието, бегство,
култ за себе, област резервирана за привилегираните, монопол во кој
државата едновремено би била и судија и дел од неа, одраз на
состојбата на свеста на една класа или маса, потрошувачка стока на
културните индустрии... Културата одбива да се препушти и да биде
покорена. Она што ја понижува, што ја подмитува, што ја обесчестува,
наполно ù е туѓо. Таа не им припаѓа на клановите, ни на јавните
власти, ни на трговците на капиталистичкото општество...”
Го спомнувам Доло оти ние во Македонија го имаме проблемот на
претесното дефинирање на културата. Таа кај нас сè уште се третира
како дејност којашто, иако мошне хетерогена, се случува во
делокругот или под контрола на Министерството за култура. Таквото
сфаќање не само што не врши работа, туку е и регресивно. Пропаста на
речиси сите културни сфери кај нас најдобро зборува за фактот дека
нашата културна политика е контрапродуктивна. Патогеното јадро на
таа промашена културна политика можеби лежи во превласта на оној
културен модел според кој воспоставувањето национална држава е
крајна цел на културниот развој на нацијата. Таквото сфаќање на
културата можеби било валидно во Европа во 19-иот век, или во
Македонија 1945 година, но денешните европски културни агенди
зборуваат сосема друг јазик. Денес на културата се гледа како на
значаен ресурс за развивање на покреативен однос спрема општите
развојни предизвици.
Затоа се важни иницијативите од типот на културниот центар “Точка”;
тие ја симнуваат културата чекор подолу од “пиедесталот” и се
обидуваат опсегот на значењето на културата да биде проширен вон
постојните институционални рамки. Тоа проширување на поимот
“култура” треба да се случува не само во државните културни установи,
туку и во субинституционалната сфера, опфаќајќи ги, на пример, и
вредносните ориентации и начините на живот на граѓаните.
За да појаснам, но и за да укажам колку нашите јазични, политички и
културни практики се далеку од европските, ќе пренесам едно мошне
интересно парче од хрватската стратегија за културен развој,
донесена пред седум години (и не само што е донесена туку според таа
стратегија навистина се работи, а резултатите се видливи; тоа, меѓу
многуте други нешта, објаснува зошто Хрватска е далеку пред
Македонија). Хрватската стратегија, на пример, инсистира на промени
во вредносните ориентации на луѓето, предлагајќи да им се даде
предност на: “ниската хиерархиска дистанца (рационален организациски
авторитет и политички егалитаризам); индивидуализмот (со потпирање
врз хоризонталните општествени мрежи); женственоста (лесни индустрии,
да се амортизира немилосрдната конкуренција, симпатии спрема слабите,
знаење-вештина-привлечност наместо “мускули” и големи броеви);
намалување на анксиозноста (опуштеност во комуникацијата); нискиот
контекст (поголема апсорпција и производство на информации);
разновидноста на животните стилови, вклучувајќи го зголемениот
интерес за квалитетните вредности и производите во институционалната
и субинституционалната култура”.
Кај нас дури и на ниво на вокабулар ваквите заложби делуваат
марсовски (и, се разбира, самиот си звучам, додека ги испишувам
зборовиве, како фантаст сосема одлепен од калливото тло на
секојдневната македонска борба за опстанок во која повеќе-помалку
важи едно единствено правило: сите средства се дозволени, а
најјакиот носи сè).
Ете, значи, по повод отворањето на новата “Точка”, ви приложувам
малку утописки дискурс (кој сепак се обидуваме да биде реалност во “Точка”!),
надевајќи се дека барем иднината ќе биде поширокограда кон ваквите
иницијативи, стратегии, политики... Но, за таа иднина да ја
приближиме мора и денес некој да влече во нејзина насока, не?
Приказната на “Точка” сега за сега, повторувам, е мала и релативно
успешна приказна дека кај нас може и поинаку. Но, за и “сонцето да
стане ѕвезда” потребни ни се многу повеќе точки, всушност многу
повеќе линии, мрежи, ѕвезди и соѕвездија во нашиот мал внатрешен
космос; единствено таа нова внатрешна поврзаност ќе ни ја овозможи
поврзаноста со другите ѕвезди, космоси и галаксии.
|