Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 

         архива на текстови       следен текст

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


127

ТЕСТАМЕНТ

31.10..2006.



Категорично сум против воведувањето веронаука во училиштата во Македонија. Постојат безброј аргументи за таквиот став. Дел од нив изнесов во претходниот текст. Дел од аргументите ќе изнесам сега.
Најпрвин, самиот локален контекст е дестимулативен за посериозно проучување на верата, а камоли за директни верски поуки. Состојбата во самите врвови на двете најмоќни верски заедници кај нас, православната и муслиманската, е толку лоша што е апсурдно да се очекува конструктивност и најширока општествена одговорност од чинители кои се неспособни да решат елементарни проблеми во своите редови, а не пак да пренесуваат деликатни пораки до десетици илјади деца.
Вториот важен аргумент е дека објективно верските заедници не поседуваат ни оддалеку доволно капацитети за еден таков широк општествен потфат. Капацитети не постојат ни од другата страна, во училиштата, кои исто така се во толку лоша материјална и кадровска позиција што последната работа на која треба да мислат е веронауката. Во училиштата во моментов има цела дузина приоритети неспоредливо поважни од воведувањето веронаука.
Од друга страна, свесен сум дека токму очајната состојба во која се наоѓа земјава ги поттикнува верските чувства на луѓето и надежта во, ако ништо друго, оностраниот спас. Сè поголемата маса сиромашни и на-пат-да-станат-сиромашни има сè помалку волја и знаење да се бори за подобро општеството; моќните и богатите, пак, меѓу другото и заради безбројните гревови и криминали исто така бараат прибежиште во религијата, оти барем од некоја страна очекуваат простување.
Мојот отпор кон наметнувањето на догматската религиозност се буди особено засилено кога приватните верувања (да речеме, на дел од позабеганите припадници на сегашнава партија на власт) ќе станат јавна работа; отпорот се буди кога дел од владечката олигархија настојува дури и со помош на одбележувањето државни празници Македонија да ја претвори во мизерна теократска држава и да ги избрише сите придобивки на просветителството; отпорот се буди, значи, кога глупоста, исклучивоста и заслепеноста стануваат преовладувачки општествени реторички фигури кои најчесто затскриваат најсоголени демагошки и политички интереси (понекогаш, додуша, комбинирани и со лични патологии кои во оностраното бараат компензација за земскава неспособност и неодговорност).
А дека отпорот спрема новата конзервативност (главно олицетворена во христијанските фундаменталисти, источни и западни, како и во нивниот повулгарен огледалски одраз: исламските фундаменталистички режими) се буди на најшироко можно ниво, покажуваат низа книги последниве години, напишани од мошне влијателни филозофи, теоретичари, публицисти, уметници... Некои од тие книги овде и сум ги спомнувал.
За денес одбрав да го претставам извонредниот стрип-серијал кој неодамна се појави во Америка под насловот Testament (Завет);автори се познатиот сајбер-теоретичар Даглас Рушкоф и цртачот Лиам Шарп. Темата, на некој начин, е Библијата. Но, Рушкоф прашува: што ако Библијата ни се случува токму сега? Главната премиса на стрипот “Завет” е дека човештвото се движи кон еден нов вид фашизам кој има корени во некои древни начини на мислење и однесување. Стрипот се случува во свет мошне сличен на нашиот: корпорациите управуваат со владите, тероризмот се користи како повод за сеопфатен надзор на населението, медиумите се претвориле во суперконтролиран пропаганден простор, парите станале вид вирус во кој луѓето тотално веруваат...
Еве што вели Рушкоф по повод библиските мотиви во стрипот и по повод својата најнова книга “Ништо свето”: “Причината за играње со Библијата е обидот да им се укаже на луѓето да прекинат да ја гледаат Библијата како реликвија пренатрупана со свети нешта. Таа не е тоа. Библијата е полна со луѓе кои убиваат други луѓе со камења, со луѓе кои силуваат други луѓе, со татковци кои имаат сексуални односи со ќерките, или им ги нудат на странци во замена за стока. А тука се и големите количества сексуална магија за која никој не зборува, но е потполно јасна за секој кој ќе се потруди да прочита што пишува во Библијата. Жената на Абрахам е проститутка во храм. Лот има сексуални односи со своите ќерки - а секој месијански лик доаѓа како плод на таквото соединување. Мојсиј има секс со маж на Синајската гора...
Пораката и интересот на целото мое дело е во тоа луѓето да препознаат дека ние денес заеднички ја создаваме стварноста. Светот во кој живееме не е дело на некој бог - некаква предпостојна состојба. Тој е жив. Значењето се појавува од нашите интеракции.
Идејата на мојата книга е дека Библијата и религијата не се врежани во камен. Тие се пишуваат додека ние живееме. Наместо да ја почитуваме смртта и да ги жртвуваме своите деца за бесмислени војни треба да го славиме животот и да го развиваме етичкиот систем втемелен во сочувството.”
Поентата на настанувањето на религиите, според Рушкоф, била токму во тоа луѓето да добијат поттик и сила сила да се побунат против тогашните богови, против идејата дека историјата е веќе напишана и фиксирана.
Значи, и наша сегашна задача е да ги преземаме одговорностите за нашиот свет и да им помагаме на другите луѓе да се носат со фактот дека самите се одговорни за она што овде се случува.
Целиот дваесетти век, а впрочем и целиот последен милениум, како и најновиве речиси верски војни, фрлаат сосема поинаква светлина на славната фраза на Достоевски од “Браќата Карамазови”: “ако нема Господ, сè е дозволено”. Но, што ако токму заради Господа, сè е дозволено, комплет со убиствата и геноцидот?! Лажната сигурност што ја дава догматскиот и исполитизираниот пристап кон религиите, споена со нашата неодговорност и незнаење, сосема извесно ќе нè одводат во пропаст. Затоа е битно да се спротиставиме.