Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 

         архива на текстови       следен текст

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


125

ЦЕНТАРОТ НА ЛАВИРИНТОТ

17.10..2006.



 “Како нервира нејасноста на нашиот однос спрема Западот! Полјакот што се конфронтира со источниот свет е одредениот и однапред познат Полјак. Полјакот свртен со лицето кон Запад, има матно лице, полно со нејасни гневови, недоверби, таинствени раздразби...”
Големиот полски писател, и еден од најголемите во дваесеттиот век, Витолд Гомбрович, живеејќи во Јужна Америка, имаше извонредно изострен однос кон европската тема. Никој подобро од него не удираше по полскиот провинцијализам, по фрустрациите, националниот романтизам, ресентиманот и самосожалувањето. Се разбира, ниту Европа Гобрович не ја штедеше, супериорно посветен на своето дело, но токму затоа (можеби и заради дистанцираноста од низ двете светски војни запалениот континент) неговото сведоштво останува меѓу најскапоцените, и тоа не само на уметнички план.
Неговата осуда на полската фрустрација во однос на Европа отесекогаш ми изгледала совршено применлива и врз македонскиот случај. Како нервира сомнителноста на нашиот однос спрема Западот! Колку само ропски тајни се кријат зад желбата да се биде примен во големото семејство! Каква страст одново да се најде загубениот господар! А зад сите тие психолошки нејасности - море од лаги, измами, двојни стандарди, самосожалување и самозалажување.
Зад многубројните велови, значи, на жената која танцува со својот стомак, понекогаш се крие неуспешниот актер, маж, во потрага по корка леб и појасен родов идентитет?! А зад шамиите на ориенталниот воин или зад со крстови извезените ќебенца на крстоносецот - се крие господ знае што! Копчата на светот!? Суштината која не постои?! Спасот кој никогаш не доаѓа?!
Бидејќи денешниот текст повеќе е свртен кон светот на уметноста, приказните и “нејасноста”, со сосема благи политички импликации, дел од одговорите ќе побараме токму во формативните европски митови. Мојата цел, меѓу другото, е барем да се обидеме “бикот да се фати за рогови”.
Во старогрчката митологија Европа е убава медитеранска девица од Ханан. Зевс се вљубил во неа и ја засакал, земајќи облик на снежнобел бик со рогчиња налик на скапоцени камења, помеѓу кои се наоѓала црна лента.
Снаата на Европа, Пасифаја, изгледа дека ја наследила Европината престапничка склоност кон биковите и се вљубила во вистински ѕвер, а не во камуфлиран бог, раѓајќи го Минотаур.
Додека Европа се спојува со богот и го раѓа континентот, Пасифаја, нејзината двојница, води љубов со жртвено животно и раѓа чудовиште, за коешто е изграден првиот лавиринт.
Братот на Европа, пак, Кадмо, заедно со Хармонија, учествува во една друга романса со ѕверско-демонска метаморфоза на љубовниците во змии.
Престапите, ѕверовите, лавиринтите, преобразбите, нејасните идентитети, значи, се дел од првите европски приказни и тие не само што ќе продолжат да ја полнат фантазијата на луѓето низ многуте следни векови туку се важен дел од европската самосвест.
Сакам да кажам: приказната за Европа воопшто не е едноставна и таа најчесто се разгранува во многубројни врвици. На пример, до пред некоја година, со оглед на нејасните граници на континентот, барем во пет земји постоеја споменички обележја кои велат: овде е центарот на Европа. Пред неколку години, Националниот институт за географија во Париз, со помош на скап истражувачки проект, конечно утврди дека срцето на Европа се наоѓа таму каде што се сечат 25 степени и 19 минути должина со 54 степени и 54 минути ширина; местото се наоѓа на половина час возење со автомобил северно од Вилнус, веднаш до патот кој главниот град на Литванија го поврзува со гратчето Молетај. Многумина веднаш рипнаа: како е можно средиштето на Европа да се наоѓа толку далеку на исток и толку високо на север? Со духовита геолошко-географска резигнација одговорот го даде луцидниот австриски публицист Карл Маркус Гаус: факт е дека Европа е поисточно од она во што би сакале да веруваме и посеверно од она што го знаеме од годишните одмори... Но, сè уште постои надеж за оние кои мислат дека се далеку од средиштето! Целата Европа воопшто не е прицврстена за центарот на земјата! Уште од потонувањето на Атлантида, џиновските плочи на европскиот континент пловат низ течната обвивка на Земјата! А во тој внатрешен океан од магма владеат такви страшни тектонски притисоци што сето она што денес било раб утре може да стане средина!
Понекогаш ми се чини дека Европа најдобро ја опишал Борхес, афористички одредувајќи ја како место чиишто центри се насекаде, а обемот никаде. Дотолку, основата на европското заедништво се менува низ вековите - од религијата до просветениот разум, од културните и хуманистичките вредности до економските и политичките. “Градина со многубројни врвици што се разделуваат” е име на еден славен расказ на Борхес. Не зборува за Европа но метафорите пак се тие: престап, убиство, нејасни и мистериозни зачетоци, напластени слоеви историја и енигма во средиштето на лавиринтот.