Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 

         архива на текстови       следен текст

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


124

ТЕНКИОТ МРАЗ НА СЕЌАВАЊЕТО

10.10..2006.



Ние стоиме среде експеримент. Правиме работи кои не се втемелени во никакво искуство. Ние тие работи ги именуваме за воопшто да можеме да го втемелиме тоа искуство, за да продолжиме потаму. Оној кој прв успеал да го одреди и именува снегот кој ја придвижува лавината или оној кој прв рекол дека ледот е премногу тенок за да нè издржи, втемелил важни искуства во свет лишен од искуства. Она што ние ќе го предадеме потаму како традиција, тоа е, би рекле, изненадувачки, нашето прво искуство на стравот.
Ернст Јингер, 1923

Празникот е форма на сеќавање, на некаков општествен договор во врска со тоа кои сеќавања се пожелни а кои не. Сеќавањето, пак, е една од најважните особини на хомо сапиенсот, и во биолошка и во културна смисла. Како што велеше Кјеркегор: животот се живее нанапред, но се разбира само наназад. Гете во разговорот со Екерман беше уште поостар: “Зарем варварството не се состои токму во тоа да не се признае вредноста?” Културата на сеќавањето, значи, е услов на хуманитетот и на човечката потрага по идентитет.
Од друга страна, на празникот може да се гледа и како на наложено сеќавање, нешто што заедницата го пропишува и институционализира.
Се разбира, чувањето на одредени спомени, и тоа ни стана посебно јасно после Фројд, е поврзано со бришењето или потиснувањето на други. Заборавањето е исто толку важно како и сеќавањето, во обидите да се разбере функционирањето на човековиот ум и на човечките заедници.
Харолд Вајнрих во својата широко поставена книга “Лета, уметноста и критиката на заборавањето”, прави разлика помеѓу приватното и јавното заборавање, помеѓу “наложеното” (правното) и “забранетото” заборавање (кога се вршат злодела против темелните човечки права, на пример); тој заклучува: “Филозофската мисла на Европа со векови, следејќи ги старите Грци, ја бараше вистината на страната на не-заборавањето, значи на страната на помнењето и сеќавањето; дури во поново време помалку или повеќе нерешително се прават обиди одредена вистина да се согледа и во заборавот и заборавањето.”
На таа линија, Рихард Коселек забрзувањето на доживувањата и искуствата ги утврдува како централен критериум на модерната, поврзувајќи го забрзувањето на животот со забрзувањето на заборавањето, со една акцелерирачка амнезија.
Постои една славна слика на Пол Кле, за која многу е пишувано: “Ангелус Новус”. Валтер Бенјамин по повод таа слика напиша еден од најславните есеи во 20-иот век, често цитиран како клучен текст на модернизмот: “Таму каде што ни се укажува веригата од настани, таму ангелот на историјата ја гледа само општата катастрофа, која непрекинато ниже урнатина по урнатина и му ги фрла под нозе. Тој, додуша, би сакал да застане и да ги разбуди мртвите, скршеното повторно да го вклопи во целина. Но, од рајот дува силен ветар кој му ги преплетува крилата и не му допушта да ги склопи. Тој ветар незадрживо го гони кон иднината на која ангелот ù го врти грбот, додека купиштата урнатини растат пред него до небо.”
Да бидам појасен: на што, како политичка заедница, треба примарно да се сеќаваме? На 11 октомври? На 2 август? На 29 ноември? На 8 септември? И што треба да заборавиме? Неколкуте илјади помалку или повеќе неправедно настрадани луѓе во периодот 1945-1960? На иселувањата на Турците? На исчезнувањето на целата предвоена граѓанска класа (додуша, малубројна, ако е утеха) и на создавањето на една нова комунистичка елита? За да не се распрснам во повеќеилјадната историја, значи, зборувам само за последните македонски 65 години... И како да помниме: розе или црно? Да го помниме доброто, а во несвесното (лично и колективно) да го потиснуваме грдото?
Се разбира, не постојат еднозначни одговори на комплексни прашања. И поединецот и заедницата наоѓаат начини како минатото да го стават во служба на иднината. Всушност, денешното помнење најчесто служи само за да ни помогне да се снајдеме во иднината. И она што реално се случило, всушност е во функција на нашето снаоѓање, а не во функција на некои апсолутни историски вистини. Начинот на кој го гледаме минатото, значи, многу зависи од нашите денешни потреби, оти ние минатото постојано одново го интерпретираме и всушност одново го создаваме.
Бидејќи целиов текст на некој начин е колаж од цитати (главно преземен од книгата на Манфред Остен, Украдено помнење), ќе завршам со еден кој, според мене, е суштински за нашиот сегашен момент:
“Можно е дека тешкотијата со описот на сегашните општествени прилики е условена со загубата на средишниот момент. Бидејќи недостигот на кој постепено мораме да се навикнеме произведува свои сопствени фантоми и неупокоени. Тоа посебно јасно станува во сферата на културата. Во библиотеките и театрите, во весниците и издавачките куќи, на телевизиите и по универзитетите - по сите тие поштедени палати на нашата култура сè уште се моткаат духовите од нашето раскошно минато, но и химерите на една радикално поинаква јавност. Тие прикриваат дека одамна веќе не станува збор за сентименталностите спрема драгите традиции, туку за тоа дека нашето општество се соочува со прашањето што сака да сочува од себе и дали е способно за тоа. Бидејќи прашањето за условите на собирањето, за промените при чувањето и заборавањето, значи за нашето помнење, е прашање за нашата самосвест.” Томас Хече