123
ПОДЗЕМНИОТ ГРАДИНАР
26.09.2006.
И сега, ај кажи ми сега:
што му можеш на тоа што не го гледаш,
и што ти може тоа што не те гледа,
кога никој на никого не се сеќава.
(Петре М. Андреевски, од песната “Тоа таму”)
Ме растажи смртта на Петре М. Андреевски. Не само зашто беше
најголемиот мајстор на македонскиот јазик. Не само зашто го напиша
најзначајниот роман во историјата на македонската литература. Не
само зашто целокупната наша култура изгуби еден од најважните живи
потпорни столбови...
А, всушност, оваа моја потенцијална “тажаленка за копачот на бунари”
испадна дека не е тоа; во меѓувреме, изминативе седум-осум дена,
одново интензивно исчитувајќи дел од скапоцениот опус на големиот
подземен градинар (“со смртта што се лечи”), тагата се претвори во
лутина. Комеморацијата во МАНУ и речиси недоветните и шаблонизирани
медиумски коментари ме растревожија. Најголемиот жив македонски
писател го испративме речиси незаинтересирано, рутински, со ветви
зборови (чест на исклучоците, а, за среќа, ги имаше), и во еден
многу ограничен круг луѓе. Таа суштинска незаинтересираност ме
дотолчи.
Сфатив (не за прв пат, но низ потресен пример) дека освен
вредносниот хаос во кој живееме, наш голем проблем претставува и
дисконтинуитетот. Старците собрани во МАНУ или во ДПМ (вакви и
онакви, и кариеристи и идеалисти, и брилијантни умови и доушници)
нема кој да ги наследи, нема кој да им верува. Нивна вина? Во ред,
сигурно во голема мера е нивна - но проблемот е наш.
Во ред, тие не успеја да ги изборат своите битки, ако ништо друго не
смогнаа сили да го раздвојат каколот од житото барем во своите
редови; и, во ред, дури, политички неуки или корумпирани, паднати од
Марс во нови историски околности што тешко ги разбираа, можеби и
немаа обврска да го расчистат политичкиот проблем помеѓу нив; но
барем на вредносен, на професионален план да се обидоа да направат
некаков ред, некакви вредности, некаков континуитет!
И затоа (ќе) си го сркаат. Затоа и постои опасноста ретките
благородни и навистина големи меѓу нив (каков што беше Петре) да
бидат игнорирани или исфрлени со сета валкана вода.
И тука проблемот веќе станува - општествен. Наш. И тука веќе треба
сериозно да ја бараме одговорноста, но не само од лошите министри за
култура туку и од многу многу други луѓе, заклучно со уредниците на
весниците за кои свадбата на Шеќеринска е покрупен настан од смртта
на најголемиот македонски писател. И тука треба да ја влечеме за уши
секоја партија и секој проклет премиер кои ја третираат културата
речиси како пиреј, нешто што треба да се искорне, за да останат само
нивните надземни помпезни простотилаци. Ретко кој од нив разбира
дека културата во голема мера е подземна градина, дека најдлабоките
работи главно таму се држат меѓу себе и дека оттаму доаѓаат и
гнилежот и земјотресите.
Постои ли, значи, одговорност за вредностите во општеството?
Десетици културно важни луѓе, и релативно млади и повозрасни,
изминативе години заради општествената негрижа преживуваат своевидни
калварии што предизвикуваат сериозни лични хаварии. Пари нема и за
најелементарното. Од друга страна, сепак, се трошат милиони евра, се
подигаат стари и нови цркви, се арчат пари на идиотски крстови,
милиони одат во крајно сомнителни реставрации, а богами и по некој
жив смртник, рекламен махер, ќе си ги зачипчи своите милион евра
хонорар за еден филм. И така натаму: “трауматизиран” овчар и докажан
градител на дивоградби добиваат стотици илјади евра “отштета”...
Сопруга на бивш претседател бара милионски суми за претрпена
“душевна болка”... Морални и политички мизерии (па и ако се “славни”
спортисти или режисери) добиваат бенефиции од кои боли глава...
Ноторни убијци од полицискиот полусвет исто така бараат милиони евра
зашто лежеле истражен затвор...
Сево ова го велам заради нашите битки! Ако старците од МАНУ со
десетлетија мижеле пред разноразните политички валканици и дури и
својата работа ја работеле килаво и опортунистички - тогаш ние не
смееме да бидеме такви! Белки новиве млади и напалени политички
активисти конечно ќе сфатат дека наш примарен проблем (нагласувам:
примарен) не се Тито, Лазо и удбашите, туку убиените Пакистанци,
бруталниот капитализам, вредносниот хаос во кој живееме,
просташтвото, спојот меѓу олигархијата и мафијата, а богами наш
проблем е и хонорарот од милион евра на еден речиси филмски почетник
со само два филма, наш проблем е што не разликуваме ПР од култура,
наш проблем е што свеста како бавча ни ја ораат жолтите гласила и
полуписмените маркетиншки агенции кои ударнички ги гланцаат лажните
огледала за своите дебелогазести дебело нафатирани транзициски газди
(кои имаат само едно оправдување за својот придонес кон
брутализацијата на нашето општество: нивните мозоци одамна се веќе
испрани)...
Ако, значи, еден хипер-нарцисоиден гиздавец-режисер или некоја
морална спортска мизерија вредат даночно милионче, колку вреди Пиреј?!
Па, во ова општество, луѓе, повеќе вреди една гротескна новинарска
фигура (децениска брука за професијата!) како што е Латас од кој
било писател или сликар! Третокласни политичари (а 90% од нив се
трета класа, во сите партии) привлекуваат внимание ко мечка да игра!
Колку, значи, повторувам, во евра чинат Блаже Конески или Петре М.
Андреевски?! Два милиони?! Па, што не им ги истресовте, проклети
политичари-фарисеи и проклети управни одбори и маркетиншки оддели на
ступидните големи компании! Вистински големите, талентираните и
достоинствените главно се фрлени настрана и пропаѓаат во Македонија
окупирана од некадарници, прематари, морални ништожници и кретенски
спин-доктори!
Знаете што може со еден милион во сферата на културата во Македонија?!
Тоа се сто стипендии од 10.000 долари за најталентираните млади
творци; тоа се барем 500 книги на кои ќе работат и заработат пари за
живот неколку илјади луѓе; тоа се барем 1000 откупени уметнички дела
за нашите музеи, што значи барем по неколку илјади евра за неколку
стотици македонски уметници од сите генерации. Со еден милион евра
можете да основате сериозна институција која со пет-шест вработени
може да работи десетина години. Да ги заврши непостоечките
македонски речници, енциклопедии... Или темелно да ги прочачка, ако
повеќе милувате, илјадниците досијеа во Македонија, од 1945 до денес,
за оттаму да ни испорача една нова слика за нашето минато, во која
многумина нема да уживаат... Но, ја слика ли некој денешнава слика?!
А, всушност, повеќето одговори за сите наши премрежиња, и минати и
сегашни и идни, ќе најдете кај Петре, кај Блаже... Ќе треба само да
остане по некој, да може да прочита, дека тешкото цело време е со
нас:
(...) Тешко мене, тешко тебе:
младоста да си ја изминеш,
а староста никаде да не ја сретнеш.
(...)Тешко кому слободата му ги остава
само нејзините пранги и окови,
тешко мене дури ти ми тежиш,
тешко кога и убавото е страшно.
(...) Пламенот не е само она што се гледа,
па тешко онему што го толкува однатре:
не го запознал горењето, туку тој што гори
и изгорел, се изгорел или слеп се вратил.
Тешко кому жалта му е обврска,
тешко кому не му тежи тешкото,
тешко тебе, тешко мене.
(Петре М. Андреевски, од песната “Тешко мене”)
|