Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 

         архива на текстови       следен текст

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


122

ФОНТОВИ И ФРОНТОВИ

19.09.2006.



Тешко ни оди ставањето црта под петнаесетте години македонска самостојност. Се разбира, станува збор за мошне важен симболички момент и за извонредна шанса да се направат продлабочени критички рекапитулации кои ќе помогнат, ако ништо друго, да не ги правиме истите глупави грешки и во претстојниот период.
Петнаесет години не се шега; тоа е една четвртина од вкупното историско постоење на Република Македонија. Во однос на претходните, условно, три фази на општествен развој (првата, “соцреалистичка”, од 1945 до 1960; втората, со првите ветрови на демократизацијата, од 1961 до 1974; и третата, делумно конфедерална и “самоуправна” фаза, од 1975 до 1990) последнава четвртина изгледа како време на збудалени компаси: можеби, сега веќе како независна држава, магловито ја знаеме целта (ЕУ, регионални интеграции), но начинот како да стигнеме таму не е баш најјасен.
Ми се чини дека освен претседателот Црвенковски и неколкумина други луѓе кои извршуваа значајни функции изминативе 15 години, во јавноста речиси немаше позитивна оценка за изминатиот период... Го спомнувам Црвенковски оти тој е клучната симболичка фигура на целата наша транзиција; доколку конечно фатиме понормален пат и позабрзан развој, се чини дека за Црвенковски, нашиот неславен транзициски херој, веќе ќе нема место на македонската политичка сцена... Но, да не брзаме; и самата Европа сешто претумба изминатиов период, а особено нејзиниот источен дел, во кој спаѓаме... Од божем запечатените шкафови директно врз претседателските фотелји често бодро и жизнерадосно се струполуваа еднаш веќе прогласените политички мртовци...
Но, друго ми е зборот, кога веќе ја спомнувам јавноста: океј, Македонија не направи ништо за вас (т.е. за повеќето од нас) изминативе 15 години, но што направивте вие за Македонија?! Ете, тоа е мојата малку иронична поента... Направи ли некој навистина сериозни биланси од нашите “години изедени од скакулците”?! Океј, политиката беше ѓубре, но можно ли е сите ние другите да бевме само бедно и немоќно робје на политичарите и олигарсите на кои денес ние граѓаните од шпајзовите и подрумите (баш како шифоњерски мртовци) им сонуваме бесилки?!
Да не одам далеку, да лавнам директно од сопствениот, медиумски двор: двата највлијателни неделници во Македонија, Фокус и Форум, ги печатат своите често мошне претенциозни политички анализи - без да имаат македонски фонт!!! Правиш весник 15 години, а немаш основна муниција, што би рекол Крлежа, немаш оловни букви, немаш типографија, немаш азбука, добога! (Блаже Конески ги почнувал испитите со барање да му се изрецитира азбуката; кој не ја знаел си заминувал дома.) Да бидам попрецизен: Фокус дословно не користи македонски фонтови, ги немаат буквите è и ù (како впрочем и многу други, ги издвојувам двата неделници како влијателни и извонредно критични кон разноразни општествени девијации; да бидам праведен, и Утрински хронично имаше проблеми со фонтовите), а Форум со години има елементарни графички проблеми со поднасловите и фичерсите, проблеми недозволиви дури и за средношколско списание, а камоли за некој што дели високоумни критики, меѓу другото и во областа на графичкиот дизајн... (Насловните, пак, страници на Форум исто така се долгогодишна тажна приказна за ниското ниво на графичка култура, инаку карактеристично за целиот македонски журнализам.)
Ситничарам?! Не би рекол. Само се обидувам да најдам примери кои нема претерано да повредат и навредат, а сепак ќе бидат речити; списание да нема македонска кирилица во 21 век е скандал рамен на оној Врховниот суд на Република Македонија да нема компјутер и телефони! (Така беше пред десет години.) Скандалозно е оловните букви од Горно Врановци да бидат посолидни од сегашниве компјутерски импровизации! И скандалозно е новински уредници кои стројат министри и премиери да не знаат што значат за новинарството типографијата, насловите, графичките прилози...
Не зборувам, значи, за политики, истории, борби, одмазди, олигарси и робје - ова е толку елементарно, драг мој Вотсон! Со толку незнаење и со толку неквалитетна сопствена инфраструктура и организација, како можете да му кажете на земјоделецот дека е глуп и заостанат, на менаџерот дека е глуп и крадец, на политичарот дека е и глуп и крадец и злобник и вградена петарда директно во задникот на драгата ни Македонија?!
Се разбира, не мислам дека поголем проблем за земјава се Сашо Ордановски и Никола Младенов од Бранко Црвенковски и Љубчо Георгиевски, но сакам да кажам дека миљето е исто, кругот од кој произлегуваат вредносните системи, моралот, начинот на себесогледување и начинот на кој се прифаќа одговорноста, сопствена и поширока - е тој, заеднички, и го искреирале и овие четворицата, а и дел од нас, кои, пасивно или активно, го прифаќаме таквиот контекст и таквите вредносни модели...
Честопати неписмениот или неодговорниот или инструментализираниот новинар прави поголема општествена штета од правникот кој не знае да напише обвинителен акт, од полицаецот кој не почитува полициски процедури, од ситниот корумпиран чиновник... Всушност, сите неодговорни, некомпетентни или корумпирани луѓе, па макар и да се на најнезабележителни позиции, секојдневно прават огромна акумилирана општествена штета!
Значи, биланси ни се потребни, но не само за политичкиот живот... Зарем навистина веруваме дека вредносната аномија во која, вака издишани, се прпелкаме како риби на суво, ни ја скроија исклучиво политичките партии во спрега со организираниот криминал?!
Има една бајка од Андерсен, која сум ја спомнувал и друг пат; во таа бајка ѓаволчињата го испуштаат врз земјата големото небеско огледало, а ситните парченца срча паѓаат во очите на луѓето... Можеби нашите заматени погледи и перспективи делумно произлегуваат и од некои скршени огледала...