121
ЧАРДАК И НА ЗЕМЈА И НА НЕБО
05.09.2006.
Луѓето веќе не го поднесуваат театарот на политиката како што ни протестантите веќе не го поднесуваа театарот на религијата. Копнеат по вистинска политика - како што тогаш копнееја по вистинска религија.
Пјер Бурдие
Петгодишнината од Рамковниот договор е премногу крупен настан за да го оставиме на политичкиот фразерај на нашите сè поповршни политичари. Во оваа пригода, со некои посуптилни гледања на променетата реалност во Македонија по 2001 година, не се прославија ни медиумите (кои освен површноста, која ја делат со политичарите, имаат и честопати сосема непродуктивна доза на острастеност, не само етничка или верска).
Рамковниот договор, значи, е еден од клучните настани во поновата македонска историја не само од уставноправни причини, туку и заради неговите подлабоки правни и културно-историски импликации.
Со оглед на тоа дека нашето општество во многу аспекти на своето функционирање покажува дури и предмодерни тенденции, не е лошо, а во контекст на петгодишниот јубилеј, да потсетиме на некои еминентно модерни идеи од пред стотина години.
На пример, знаеме ли која е општествената функција на правото? Како што тоа проникливо го согледа уште Емил Диркем, смислата на правото не се состои во тоа да се отстрани неправдата, туку во тоа со јасното и одговорното разликување на правдата и неправдата да се создаде сигурност на очекувањата и да се зголемат шансите да се издржат и процесуираат многу повеќе конфликти, а притоа едновремено да слабее подготвеноста за насилство. Правото овозможува да се живее со конфликтите, наместо да се умира со нив, а тоа ја зголемува слободата која опстојува или исчезнува со слободата за конфликт. Правото кое ја овозможува таквата слобода за конфликт е зависно од нејзиното манифестирање. Правото е зависно од конфликтите и противречностите како што имунолошкиот систем е зависен од бактериите и вирусите.
Значи, во правно уредено општество кое се врти околу идеалот на слободата не очекуваме какви било сеопфатни консензуси туку повеќе конфликти со помалку насилство. Во таа смисла, уставите се “конкретизирани темели на дисензусот”. Можеби затоа новиот македонски устав, направен според мерката на Рамковниот договор, е добро замислен документ чија намера е да ја шири слободата, но притоа и да ја намалува можноста за насилство.
Рамковниот договор и под негово влијание промениот устав се важни и од друг аспект, од аспект на легитимитетот. Уставот речиси по правило се потпира врз чин на револуционерно искажана волја. И покрај траумите што ги предизвика воениот и етнички конфликт од 2001 година, можеби неговата добра страна е што овозможи ново “револуционерно” конституирање на поинаков општествен модел. Оттаму, имаме и нов генератор на легитимитетот.
Еве што во својата извонредно поттикнувачка книга “Солидарност: од граѓанско пријателство до глобална правна заедница” вели Хауке Брункхорст: “Како институционално отелотворување на органската солидарност уставите стануваат делотворни само кога дејствителната граѓанска заедница ќе ги сфати како производ на револуционерната свест која случајните резултати на социјалната еволуција ги преобразува во нешто широко посакувано, искажувајќи ги поопштувачките интереси на една општа волја (volonte generale)”.
И Хана Арент, иконата на современите политички теоретичари, имаше слични идеи за врската меѓу правото, политиката и волјата на народот. Таа велеше дека сите политички институции се манифестации и материјализации на моќта. Тие закостенуваат и пропаѓаат (или се претвораат во властодржечки апарати на присилата) секогаш кога веќе не се поткрепувани од животната сила на народот.
Се разбира, не се занесувам дека Рамковниот договор сам по себе може да ги отстрани застрашувачките предмодерни тенденции кои го тресат нашето општество (и кои и на планетарно ниво стануваат страшни постмодерни реалности). Не се бега од фактот дека масовната беда, пролетеризацијата и отуѓувањето како последица на осиромашувањето ги разјадуваат институционалните и културните претпоставки на пазарната економија и на сите други функционални системи во општеството: правото, политиката, економијата, науката, уметноста, семејството, религијата...
(Кога веќе се враќаме на изворите на социологијата, треба да го спомнеме одново актуелниот Талкот Парсонс, кој тврдеше дека модерното општество всушност и настанало кога социјалното раслојување почнало да преминува во функционално диференцирање и кога со општествено вклучување започнале да се решаваат двата клучни проблеми на тој премин: исклучувањето на индивидуите и социјалното исклучување на општествените класи кои се сведени исклучиво на сопствената работна сила.)
Денес, после еден бурен “век на крајности”, модернизмот се чини анулиран; како пак да се наоѓаме во една предмодерна состојба во која, како што вели Брункхорст, “размената на еквиваленти се преобразува во експлоатација, еднаквоста на законот во класно правосудство, народната сувереност на парламентарната република во владеење на буржоазијата над пролетеријатот, човечкото право на слобода во човечко право на приватна сопственост, сеопштата правна сигурност во осигурување на егоизмот, а преовладувачките мислења се покажуваат како мислења на владеачката класа”.
Да резимираме: иако Македонија се наоѓа во мошне незавидна состојба и е дел од опасната и широко распространета болест, ние не сме немоќни. Рамковниот договор, на пример, иако мотивиран од етнички малцински барања, може да претставува многу повеќе од договор за етнички мир: тој покажува дека општеството е живо, отворено и со незгаснати револуционерни идеали - кои се основа на политичкото организирање.
Освен тоа, Рамковниот договор може да биде и наш прилог за една поинаква, посолидарна и суштински подемократска Европа која ќе биде цивилизациски предводник на новите и се чини неизбежни (со оглед на длабочината на кризата во која се наоѓа светот) форми на политичко здружување.
Се разбира, договорот на хартија сам по себе не ни гарантира приклучок кон евро-интеграциите. Ни преостанува, значи, заштита на темелите и конечна доизградба (а богами и одржување и хигиена!) на нашиот заеднички дом, на таа наша куќа во населбата (а не во тврдината!) наречена Европа.
|