Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 

         архива на текстови       следен текст

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


120

ШАТОРОТ НА МЛАДОСТА

22.08.2006.



Пред неколку години на еден скопски ѕид се појави интересен графит: “Ни Рада веќе не е млада!” Симпатична беше пораката од маалскиот хроничар, или од себеутешителниот обожавател, или од благо разочараниот политички верник... Да, во тој период, пред неколку години, Радмила Шеќеринска веќе стануваше етаблирана политичка фигура и со самото тоа веќе ја беше загубила јавната “невиност” која често - но не секогаш! - е придружник на младоста.
Денешнава тема, значи, како што може да се претпостави, е младоста пред олтарот на политиката. Поводот е исто така јасен: за неколку дена собранието ќе ја избере веројатно најмладата македонска влада во историјата. На неколку клучни позиции (МНР и МВР, на пример) ќе седнат луѓе кои одвај имаат триесет години. На неколку други позиции министри ќе станат дури и луѓе под триесеттата! И самиот премиер е млад и без поголемо политичко искуство за да извршува толку висока функција. Но, со оглед на тоа дека во малата демократска историја имавме значајни примери на премиери на кои функцијата им беше прво вработување во животот - примерот со Груевски и не е толку загрижувачки, барем не што се однесува на неговата младост.
Загрижуваат некои други работи, поврзани со темата младост и политика. Следната година, на пример, ќе биде десетгодишнина на “славните шаторски” ученичко-студентски демонстрации од 1997 година. За некои славни, за некои срамни; за мене тоа беше една од најдолните точки на кои се спушти тогаш сосема безглавата македонска демократија за која одговорноста ја имаа пред сè Бранко Црвенковски и тогашниот СДСМ. Тие идиотски антиалбански демонстрации пред девет години беа едно од најголемите помрачувања што му се случија на голем дел од македонскиот естаблишмент, пред сè оној академскиот. Но, тие протести беа и еден од најгрдите примери како младоста може да се злоупотреби во монструозни цели. Се сеќавате: цели толпи деца и студенти, подбуцнати од своите професори и од најмрачните овдешни политички мешетари, протестираа против воведувањето на албанскиот јазик на Педагошката академија! Денес тоа звучи неверојатно, но така беше: десетици и десетици видни луѓе тогаш нè убедуваа дека албанскиот јазик на само една високошколска установа значи пропаст на државата! Предводници на тие срамни демонстрации, важно е да се напомне, беа денес најперспективните млади македонски политичари: Влатко Ѓорчев, Филип Петровски и Антонио Милошоски.
Само четири години по злокобните антиалбански изблици, се случи 2001-та година и воениот конфликт кој во себе содржеше и елементи на албански бунт. По тој конфликт Албанците во Македонија, меѓу другото, конечно го добија правото да студираат на албански. Во Тетово, како резултат на променетите околности, се официјализираа дури два албански универзитети... На историјата (т.е. нам, во неа) ù остана да запомни колку неверојатно кусоглед и суштински деструктивен беше поголемиот дел од тогашната наша елита... Ама, се разбира, дамката е и врз тие деца, особено врз повозрасните од нив, како што се тројцата славни протестни корифеи кои подоцна добро знаеја да го наплатат ставањето на својата младост во функција на тешко согледливи политички игри...
Доаѓам до поентата на текстов: младоста е опасна, особено во политиката, зашто со неа релативно лесно се манипулира. Многу лесно е да подбуцнете на акција пар ионака од хормони зовриени глави! Многу лесно е да се манипулираат луѓе без никакви подлабоки животни или професионални искуства! Битолските палежи пред пет години ја покажаа истата подложност на младоста за манипулации; за албанската злоупотреба дури и на деца во политички и економски цели подобро и да не зборуваме: застрашувачка е, како и да ја свртите.
Затоа благо се плашам за последиците од работата на новата влада. Дополнително се плашам од поданичкиот менталитет во ВМРО ДПМНЕ (па и во сите други партии) во кој годините најмалку се битни: пред лидерот глава се ведне - и точка. Затоа ме плаши и присуството на искусниот Маневски во владата; ако тој не се осмели од позиција на власт да му ги преброи становите на опозиционерот Груевски, со кој чист образ и животно искуство возрасниот министер за правда ќе може да ги советува помладите колеги во владата и реално да ја застапува каузата на правдата и разумот?! Испаѓа дека опортунизмот, т.е. веднењето глава и прифаќањето највалкани политички задачи е заедничка карактеристика и за најмладите и за најстарите членови на владата на Груевски!
Загрижува и манипулацијата на ВМРО ДПМНЕ со невладиниот сектор, со влегувањето на Габриела Конеска-Трајковска во Секторот за евроинтеграции. И инаку со невладиниот сектор во земјава ситуацијата воопшто не е весела, а неговото понатамошно дискредитирање не само што ќе го намалува општото ниво на демократија туку и ќе ја оддалечува земјава од ЕУ... (А и за таа работа Милошоски, препознавачот на Хезболах, среде предизборната еуфорија даде една крајно непромислена изјава: дека како држава светлински години сме оддалечени од ЕУ...)
Но, сепак! Владата на Груевски има широк демократски легитимитет! Тоа мора да се почитува! Во новата влада на Груевски искрено верува најголемиот дел од граѓаните и од јавноста (додуша, во голема мера заради тегавењето на ДУИ да го признае изборот на Груевски; тоа недостоинствено и тотално недемократско лелекање на ДУИ значајно ја зголеми довербата во новата власт). Затоа: да им дадеме шанса! И пак да си го кажеме пословичното: претходниве беа толку лоши што е тешко можно новиве да бидат полоши! Живи и здрави да сме следниве четири години! Со господ, значи, напред, но повремено да се подѕирнува и назад, колку за памет!
Наместо пост скриптум, со следниот ингениозен мини расказ на Ерик Фрид сакам да ја поздравам смената на власта, како и граѓаните од двете страни на сцената; насловот на расказот е драмски, “Трагедија”:
“Играта е завршена!”, победнички, во финалната сцена, извикуваа противниците на разоткриените зли властодршци, ги испофаќаа, спречувајќи ги да избегаат или да го дофатат оружјето и ги одведоа, без и со поглед да ги удостојат - зад кулисите, додека завесата се спушташе.
Но штом поради аплаузите повторно се подигна, се вратија и поразените, заедно со новите победници, веќе рака под рака, и сите убаво ù се поклонија на публиката која воскликнуваше и како со сосема изгубена памет одобрувајќи ракоплескаше.