Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 

         архива на текстови       следен текст

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


113

МЕЃУ ДВЕ ПРЕБРОЈУВАЊА

30.05.2006.



Дилемата Гор или Буш на последните претседателски избори во САД, колумнистот Александар Кокбурн ја спореди со очајничката недоумица на бродоломникот на сплав: да се пие морската вода или сопствената мочка?
Не сакам да бидам малициозен во однос на политичката понуда што како гласачи ја имаме на претстојните избори, но ми се чини дека фамозната сè уште нерешителна или јасно аполитична половина од гласачите го има чувството на бродоломници. А целава држава наликува на сплав на којшто сè уште не е јасно дали преживеаните треба да се борат меѓу себе, за да преживеат некој ден повеќе, или треба да соработуваат и да си помагаат. Значи, само заради укажувањето на бродоломот ја користам метафората на Кокбурн, без намера да ги навредувам двете наши во мигов клучни политички формации. Нема полза од навреди зашто политичкиот пазар повеќе-помалку е отворен: можете да пцуете, можете да апстинирате, можете да гласате за своите, а можете да тргнете и во артикулирање на сопствена политичка позиција. А ако за сопственото политичко позиционирање треба да ги поплукаме сегашниве сомнителни гарнитури, тогаш и плукањето има полза; океј, ако мислите дека избираме меѓу морска вода и сопствена мочка, тогаш е потребно да се смисли нешто друго, се разбира.
Она што мене ме интересира - а претпоставувам и таа разочарана барем половина гласачи - е обновувањето на социјалната држава. Се разбира, никогаш нема доволно пари за најширока можна социјална држава, особено со ваква економија како нашата, но во македонскиот буџет, а и вон него, сè уште постојат солидни потенцијали за извршување на најнеопходните социјални функции на државата. Проблемот се големите апетити за грабање, корупцијата и општата нерационалност. Социјалната држава за нас е важна и оти се лизгаме во атомизација, ни се заканува распад на општеството во длабочина, огромна класна подвоеност и една за живот очајна средина во која непријатно ќе се чувствуваат дури и господарите (иако баш и не гледам дека во моментов мува ги лази, дека им доаѓа некоја “ирационална” неугода... Но и новобогаташиве-господари ќе еволуираат, нема да останат на ова “сељачко” ниво и очекувам за некое десетлетие дури да станат сензибилни за страдањето на другиот, да почнат да читаат книги, да формираат фондации... - ама ќе треба да издржиме дотогаш!).
Не би сакал земјава да наликува на некаква викторијанска карикатура од општество (иако наликува! Не беа баловите на Љубчо и Снешка само бизарна будалаштина на една политички изгубена групација, туку подлабок симптом на општествено пропаѓање; Љубчо со крстовите, црквите и баловите само совршено го фати сензибилитет на новава примитивна богаташка класа). Не би сакал, значи, Македонија во 21 век да наликува на Америка од крајот на 19 век, кога на јавната сцена помпезно влегуваа новите богаташки семејства, Вандербилт, Морган, Рокфелер... Една од причините за подемот на тогашната нова моќна класа е што во 1872 во САД е укинат данокот на приход, а повторно е воведен дури во Првата светска војна. Како што вели политичкиот аналитичар Кевин Филипс во својата книга “Политиката на богатите и сиромашните”, Доналд Трамп, на пример, разметливиот могул од 80-ите, кој ја подигна Trump Tower како споменик на сопствената суета, само ги следел примерите на бившите новобогаташи кои на њујоршката Петта авенија подигнуваа бесрамно невкусни палати и дворци во италијански и француски стил. До каде одела бесрамноста на милионерите кон крајот на викторијанската ера најдобро покажува славниот банкет приреден во чест на кучето на госпоѓата Стивесант Фиш, куче кое на банкетот пристигнало носејќи околу вратот дијамантска огрлица вредна 15 илјади долари.
Затоа мислам дека е важно не само низ даноци да собираме дел од богаташките пари туку да се обидуваме да го култивираме и образуваме населението, почнувајќи можеби токму од примитивизмот на моќните. Некни во весник прочитав дека во очајната Србија (можеби поочајна дури и од нас, што е тешко да се постигне, но многу работи со нив делиме) во моментов се градат 200 цркви; а притоа во таа земја 50 проценти од основните училишта немаат телефон, а 30 проценти немаат санитарен јазол... Ужас, се разбира! Но, во тој ужас живееме! И тој ужас голем дел од нас го поддржуваат, вака или онака!
Уште еднаш, значи, ќе ја истакнам важноста на социјалната држава, една од најголемите политички придобивки на бурниот 20 век, придобивка за која се заслужни и левицата и десницата. Еве што вели Вилиам Греидер на таа тема: “Идеите и програмите содржани во модерната социјална држава извираа од вредностите на левицата исто онолку колку и од десницата: од конзервативниот верски нагон да се заштити семејството, заедницата и црквата од суровите, атомизирачки последици на пазарното стопанство, како и од егалитаризмот на антикапиталистичкиот социјализам. Социјалната држава всушност беше обид да се направи значаен компромис помеѓу општеството и слободнопазарниот капитализам.”
И навистина, коментира познатиот колумнист Франсис Вин, еден републикански претседател, Ричард Никсон, ги основа Occupational Safety and Health Administration (Управата за заштита при работа), Food and Drug Administration (Управата за храна и лекови) и Enviromental Protection Agency (Агенцијата за заштита на околината). “Сега сите сме кејнзијанци”, велеше Никсон.
Еден друг републикански претседател, триесетина години по Никсон, просто гротескно ја олицетворува планетарната политичка дезориентираност: “Додека бев помлад светот беше опасно место, и сите точно знаевме кои се тие. Тогаш беше ние против нив, и беше јасно кои беа тие. Денес веќе не сме сигурни кои се тие, но знаеме дека се тука некаде.” (фрагмент од говор на Буш одржан 2000-та година)
Ако ни Буш не знае кои се кои, кои сме “ние” а кои се “тие”, тогаш, почитувани сограѓани, сфаќате зошто волку индиректно им приоѓам на изборите. Некои други работи од ден на ден стануваат сè поважни, наместо пребројувањето на “нас” и “нив”. Затоа и се обидувам да проговарам и за тие други важни работи, меѓу две пребројувања.