Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 

         архива на текстови       следен текст

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


112

МНОШТВО

16.05.2006.



Еден од најинтересните светски мислители на остатоците од она што некогаш се нарекуваше “левичарска теориска сцена” е Антонио Негри (71). На италијанската и на светската теориска и револуционерно-активистичка сцена тој е присутен од седумдесеттите години на минатиот век, но дури последниве десетина години, промислувајќи го марксизмот пред сè низ постмодерната, тој прерасна во еден од најинтересните и најконтраверзните светски мислители. Многумина знаат за него само заради повеќегодишната затворска казна, на којашто беше осуден во Италија, наводно поради терористичка дејност. Врвот на популарноста го достигна со својата книга Империја (издадена 2000 година), напишана заедно со младиот американски професор Мајкл Хард. Во меѓувреме, Империја го доби и своето продолжение, книгата објавена 2004: Мноштво; војната и демократијата во времето на империјата..
На најважните идеи од таа книга ќе им биде посветен текстов. Се разбира, постојат многу причини зошто нам би можеле да ни бидат важни идеите на Негри, но една, за почеток, ќе издвојам: клучната тема на Негри е можноста “да се излезе од капитализмот”. Со оглед на фактот дека Република Македонија делумно не е ни влезена во капитализмот, можно е нашиот пат до “излезот” да биде покус?! Втората важна тема на Негри е можноста да се конституира поинаков тип заедница, наречена “Мноштво” (Multitude), наместо некогашниот “народ” или “пролетеријат”. Велам, оваа тема за нас може да биде особено важна зашто и кај нас се случува истиот загрижувачки процес што посебно нагласено ги тресе “транзициските” земји: драматичното преминување на општествениот живот од социјалистичката фаза на супер-јавно во новата фаза кога сè станува супер-приватно. Општеството просто незапирливо се атомизира и фрагментаризира, а политичарите се ставени речиси во улога на сеирџии кои веќе воопшто не можат да влијаат врз процесите.
Негри, на пример, мисли дека од чисто правните категории треба да се свртиме кон нови, кои не го преиспитуваат само традиционалното подрачје на јавното и приватното, туку одново се прашуваат што е она што воопшто ја создава заедницата? Што е заедничкото во заедницата? Притоа, Негри на заедницата гледа како на некој кој ги врши јавните работи, но не мисли на јавноста со која управува државата туку на онаа јавност управувана од луѓето, од граѓаните што учествуваат. Заедницата, според Негри, не е ништо друго освен тоа учествување, таа не е ништо органско ниту правно, туку е самата таа партиципација и слобода.
Негри и Хард нудат, за да ја објаснат идејата за мноштвото, еден интересен израз кој всушност е оксиморон, спој од спротивности: “општествена индивидуа”. Во случајов “општествена” треба да се преведе како “прединдивидуална”, а “индивидуата” како “последен резултат на процесот на индивидуација”. Бидејќи она прединдивидуалното секогаш треба да се сфати како сетилна перцепција, јазик, производни сили, би можело да се рече дека “општествената индивидуа” е индивидуа која отворено ја изложува сопствената онтогенеза, сопствената формација со своите различни слоеви или конститутивни елементи. Мноштвото всушност е збир од “општествени индивидуи”.
Еден друг влијателен италијански филозоф, Паоло Вирно, исто така смета дека поимот “мноштво”, спротиставен на широко прифатениот “народ”, е клучен инструмент на секоја рефлексија за современата јавна сфера. Вирно обрнува внимание дека алтернативата помеѓу “народот” и “мноштвото” била во средиштето и на практичните (засновувањето на модерните централизирани држави, верските војни итн.) и на теориско-филозофските контроверзи од 17-иот век. Тие два спротиставени поими одиграа клучна улога во дефинирањето на политичко-општествените категории на модерноста. Преовладал поимот “народ”. Но, според Вирно, денес, на крајот од еден долг циклус и кога политичката теорија на модерноста е во радикална криза, одново се отвора прашањето: дали стариот отфрлен концепт за “мноштвото” пак добива виталност и значење?
Татковците на двата концепта се Спиноза и Хобс. За Спиноза мноштвото укажува на плуралноста која како таква опстојува на јавната сцена, низ колективното дејствување, во грижата за јавните работи, но без да конвергира во Едно. За Спиноза multitudo е носителот на граѓанските вредности. Хобс има сосема поинаков концепт кој на Државата (на Едното) ù го дава монополот на политичката одлука. Како што сите знаеме, Хобсовиот концепт победи и изминативе триста години Државата е најважниот фактор во општествените односи и арбитар за најважните политички одлуки. Но, многумина светски мислители сметаат дека времето на државите полека поминува и дека 21-иот век ќе мора да понуди и поинакви модели за општествено-политичко организирање.
Негри и Хард, на пример, се повикуваат и на Карл Шмит кој, според нив, ја сфатил самата суштина на државата и којшто бил најголемиот теоретичар на политиката во минатиот век. Во шеесеттите години, веќе како старец, Шмит запиша една (за него) мошне горчлива реченица чијашто смисла беше дека настапува мноштвото, а исчезнува народот: “епохата на државноста веќе го достигнува својот крај... Државата како модел на политичко единство, Државата како титулар на најинзвонредниот меѓу сите монополи, то ест државниот монопол на политичката одлука, се наоѓа пред чинот да биде фрлена од престолот”.
Негри и Хард, за разлика од традиционалните левичари и десничари кои глобализацијата ја сметаат како врвна опасност, позитивно гледаат на расточувањето на традиционалните категории на националноста. Преку планетарната информатизација, сметаат тие, глобалниот капитализам всушност си создаде услови за сопствено пропаѓање. Тие докажуваат дека широката информатизација и вмрежувањето доведуваат до поголемо производство на заедничкото од кога било порано. Токму зашто целото општествено и економско производство денес е вмрежено, ни се случува заедничката природа на творечката општествена активност и растечката важност на нематеријалната работа, онаа работа која произведува идеи, симболи, кодови, текстови, лингвистички фигури, слики и други слични производи. Паралелно со тоа оди зголемувањето на важноста на емоциите меѓу луѓето и воопшто на нивните меѓусебни односи. Тоа, се разбира, не значи дека исчезнува индустрискиот труд во фабриките туку дека таквиот труд сè повеќе е исполнет со нематеријална и афективна работа.
Да заклучиме: Негри и Хард не нудат нацрт за она што треба да се направи туку се обидуваат да разработат филозофска база врз која би можела да фукционира глобално поправедна демократија. Во основа, според еден од нивните критичари, Стивен Шавиро, тие бараат масовен чин на имагинација и на пронаоѓање - нешто што не можат да го направат теоретичарите, туку нешто што треба да се појави во текот на стварните општествени практики на бегство и трансформација. Тие ги покажуваат начините на кои конкретните реформистички движења можат да помогнат за да се случат порадикалните исходи (отфрлајќи ги старите марксистички опозиции помеѓу “реформата” и “револуцијата”).
Иако Стивен Шавиро наоѓа сериозни слабости во ново-старата политичка идеја за “мноштвото” кое ќе го замени “народот”, тој инсистира на тоа дека позицијата на Негри и Хард е многу важна, оти тие нудат сосема нови рефлексии и решенија базирани врз постоечките процеси; нема ништо полошо, смета Шавиро, од ситуацијата кога луѓето на левицата или десницата ја отфрлаат сегашноста сметајќи ја за непоправлива и го бараат враќањето на “старите добри времиња” кои ионака никогаш не постоеле.