Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 

         архива на текстови       следен текст

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


111

ЛАЖЛИВОСТА НА ОКОТО И УВОТО

25.04.2006.



Занимавањето со политика, особено во предизборен период, секогаш ме потсетува на согледувањата на антропологот Мишел Розалдо; тој ни вели дека во споровите меѓу филипинските човекојадци на учесниците не им е битно дали се лаже или се зборува вистина. Тие велат дека “вистината” помалку зависи од она “што се случило”, а повеќе од квалитетот на интеракциите во кои е “најважно кој што зборува”.
Политиката како своевиден канибализам? Па да! Политиката како лага? Се разбира! Но, притоа мора да се знае дека политиката е најелементарната општествена вештина, нешто врз што се гради секоја човечка заедница. Така што: човекојадци и лажговци повеќе-помалку сме сите. Хераклит велеше: Окото и увото се лажливи сведоци кај луѓето со варварска душа.
Главното прашање за денес, значи, е: како да им веруваме на сопствените очи и уши ако душите ни се варварски? И понатаму: како да се снајдеме во лажливиов свет? Како да ги разликуваме работите, да научиме да ја требиме вистината од лагата, да ја согледуваме и другата страна на информациите, со усул да им приоѓаме дури и на наизглед блиските нешта? Како да научиме ем да веруваме (оти тоа е толку човечки и оти тоа сопствените емоции го бараат од нас!), ем да ја негуваме здравата недоверба кон работите, дури и кога ни се во сопствениот двор, кога се однесуваат на нашите блиски, роднини, пријатели, сопартијци?
Особено денес, во ерата на кобајаги “транспарентноста”, во ерата кога масовно и неверојатно вешто се манипулира со чувствата и идеите на луѓето, горните прашања стануваат повеќе од важни; стануваат лични, животни, “биополитички”, секому потребни за елементарно снаоѓање во сè покомпликуваниот социјален живот.
Најпосле, макар и обидувајќи се да одговориме на дел од тие прашања ние ќе бидеме поблиску до решавањето и на крупните морални дилеми во мигов, што значи и на најкрупните политички и стратегиски дилеми во однос на нашето општество и неговата иднина. Прашањето е дотолку поважно зашто следниве месеци ни претстои конкретна “политичка работа” и одлука: кому ќе му го дадеме сопствениот глас, за да нè предводи? Во кого воопшто веруваме? Постојат ли воопшто капацитети кои би можеле да нè извлечат од чувството на безнадежност и како политички да ги лоцираме тие капацитети?
Можеби филозофски или антрополошки попоткован човек веднаш би одел со ѓон: има работи кои се поважни од вистината! Тоа, впрочем, еден театарски човек му го рекол лично на Сократ, пред 25 векови! Особено денес, пак, идејата дека вистината е пигмеец, џуџе, глупак и давеж во однос на чудесно блескавата инвентивност на невистината, поминува подобро од кога било, смета Џереми Кемпбел, автор на извонредната книга “Приказната на лажгото”.
Нашето општество е добар пример дека невистината е многу поисплатлива од “глупавата” вистина. Списокот на политичките лаги во самостојна Македонија е бескраен: од формулацијата на референдумското прашање за осамостојувањето од СФРЈ, преку лажливите игри при формирањето на првата Влада, преку смешното ветување на претседателот Глигоров дека референцата ФИРОМ ќе трае три месеци, преку кршењето на ембаргото спрема Србија (при што некои луѓе на лесен начин, лажејќи со амин од највисоко ниво, се здобија со стотици милиони евра), преку лажливата приватизација, прелесните ветувања за брз стопански развој и стотици илјади вработувања (нема партија која не упаднала во тие лаги), преку крајно сомнителните и најчесто со помош на лаги и трикови изведени купувања на Фершпед, Окта, Телеком, Скопски пазар, ЕСМ итн., преку ТАТ (да не заборавиме!), милијардата на Циле и стотиците ситни и крупни лаги на Љубчо Георгиевски и неговата суперлажлива камарила (Станинов, Михајловски, Арнаудов итн.) па сè до односот кон сопствената историја и сè до лажната војна од 2001 година (во која, за жал, загинаа реални луѓе!) - политичката историја на Република Македонија е мала историја на лагата!
Нејсе. Најголемите лажговци денес се во најжестока борба за “вистината”. Преполни весници и телевизии со вистинољупци: Трајанов, Циле, Богоевски, Тачи, Доста, Љубчо, Чашуле синот, Љубен Пауновски, Велија, Марјановиќ, комплет со оние за кои ќе да е да ќе гласаме: Бучко, Грујо, Бранко, Тито, Лилјана, Џафери, Ахмети итн. - не може колумнава да ги собере колкав е списокот на накнадно разбудените вистинољупци! Ќе ни објаснат тие! Како било! Кој крадел и лажел! Комплет со дел од новинарите кои имаат помнење на ноќни пеперуги! Комплет со целиот македонски интелектуален естаблишмент кој има капацитети да го осветли нашиот општествен живот колку што има рој светулки на Водно, комплет со прегорениот крст, разбира се...
“Обеќање - лудом радовање”, велат вечните (по ДБК линии сиамски!) браќа православци... (Да не ја отвараме темата за лагите во братството, верата, екумената, христијанството итн... Дури таму газите во жива кал! Интрига до интрига! Цела историја сплетки, борби и лаги!)
Фридрих Ниче го сметаше светот за суров, противречен, измамлив и бесмислен, од што заклучуваше дека нам лагите ни се неопходни за воопшто да можеме да живееме во една толку гнасна стварност. Кемпбел прашува: дали тоа значи дека невистината е повеќе “на страната на животот” од вистината? Можеби таа повеќе придонесува за кохерентноста на човечката и на која било друга природна заедница, отколку честопати едностраната вистина која може да биде немилосрдна, опасна и разурнувачка?
Можеби по таа линија на разликувањето на комплексноста на нашето барање по верата и вистината ќе се одвива вистинското интелектуално и политичко раздвојување помеѓу 20-иот век, веројатно најбруталниот век во историјата на човечкиот род, и нашиот 21 век, кој допрва ќе треба да го создаваме, меѓу другото и креирајќи нови вредности и преиспитувајќи ги досегашните идеи за “вистината” и “верата”?!
Една од парадигмите на знаењето на 21-иот век може да биде и теоријата на сложеноста и хаосот. Идејата за едноставноста се распаѓа, вели Иља Пригожин, еден од творците на теоријата на хаосот. Се појавува нов вид дуализам, една изненадувачка дистинкција помеѓу простото и сложеното која подразбира дека едноставноста може да создаде толку вџашувачка сложеност што е тешко да се поверува дека тие две работи имаат било што заедничко, како и тоа дека сложеноста може да произведе себеси толку несродна и своевидна едноставност што човек може само да се чуди како таков родител можел да има толку абнормален пород. Едноставноста, значи, не е достигнување на самото дно на работите, свлекување на природата до гола кожа; таа попрво е начин на согледување на светот, кој подазбира големо количество сложеност, но оваа је третира како нешто проѕирно и небитно за непосредните задачи. Тоа дали нешто е просто или сложено зависи од прашањата што ги поставуваме. И тоа никогаш не е едноставна ситуација. Вистината често лежи на местата каде што простото и сложеното се вкрстуваат.
Нешто слично вели и поетесата Адриен Рич: “Не постои 'таа и таа вистина' или 'некоја вистина' - вистината не е ствар, не е дури ни еден систем. Таа е растечка сложеност. Шарите на тепихот се само неговата површина. Кога ќе го погледнеме одблизу, или кога ќе станеме ткајачи, ги запознаваме безбројните ситни конци, со јазли врз наличјето на тепихот, кои и не се гледаат во шарите на површината”.
Не ви помогнав за кого ќе гласате, почитувани сограѓани и согласачи? Не ја раздвоив “вистината” од “лагата”? Во крајна линија, онака како што лично ќе си го поставите за вас најважното прашање - така ќе се распетла изборниот одговор! Ваша работа си е! Но наша заедничка работа е, сепак, да си ги култивираме и очите и ушите и душите, оти варварството ни е внатре.