Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 

         архива на текстови       следен текст

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


110

ПОД СЕНКАТА НА ВОЖДОТ

11.04.2006.



Иако за страшната историска улога што ја одигра Слободан Милошевиќ на овие простори имам пишувано повеќе пати, за последиците од неговата смрт врз односите во регионов не се огласив. Всушност, се огласив по блоговите, не во “големиов печат”. Поттик одново да се позанимавам со мошне тешкото наследство што ни го остави “балканскиот касап” ми беше извонредниот текст на “лакановецот” Среќко Пулиг (уште еден извонреден теоретичар од “школата” на големиот Славој Жижек), објавен во последниот број на хрватското списание за култура, “Зарез”.

Клучната теза на Пулиг е следнава: “Слободан Милошевиќ беше вистинскиот татко на хрватската држава и тука лежи тајната на нашата нелагодност во постјугословенската политика и култура. Како таков тој не само што е најголемиот во галеријата на нашите vanishing mediators, исчезнувачките посредници, кои успеаја, без оглед на својата и нашата вера и нација, да нe пренесат од политичката југословенска држава во новите постполитички, “национални”, полу-државни, полу-општествени и полу-културни творби на работ на Империјата. Милошевиќ е најголемиот во галеријата на ликовите кои нe пренесоа од политички некој во политички никој. Па, сепак, и како таков, со својата смрт и со идниот задгробен живот, кој штотуку почна да се одвива, тој уште еднаш покажува дека не мисли туку-така да се откаже од нашите зомбиевски животи.” Деновиве и повеќето македонски коментатори (не не со “психоаналитичарски” јазик) укажуваат во насоката кон која укажува Пулиг: Република Македонија е длабоко контаминирана и од конкретните стопанско-политички инсталации што овде ги вгради монструозната политика на Милошевиќ, но општествово уште повеќе (и уште пострашно!) е затруено од духот на некрофилската, силеџиска и сосема анахрона политика на задоцнетата инкарнација на новиот српски Ранковиќ.

Зад неговата политика, како што вели Пулиг, како најзначајна последица не остануваа само многубројните трупови на убиените туку остануваа (и сe уште се тука, со нас! И повеќе-помалку владеат со нас!) живите мртовци, пост-политичките зомбии, на сите страни, и оние кои само перфидно тргуваа и симулираа судири и оние кои реално поминаа низ во секој поглед осакатувачките војни. Најголемиот злостор на Милошевиќ, и за тоа речиси никој не пишува (оти овдешниве пишувачки агенди главно ги обликуваат англо-американските медиуми кои сопствениот партикуларизам го продаваат како универзална вистина) е што тој всушност ја усмрти секоја можност за занимавање со рационално сфатената политика на простор кој сега делува како безвоздушен (“Западен Балкан”, некоја чудна аморфна пред-политичка смеша), а некогаш се нарекуваше југословенска политичка држава и цивилно општество. Наместо со политика да се обидеме да влијаеме и да бидеме одговорни за сопствените животи, со помош на “проектот” на Милошевиќ и неговите пајташи поголемиот дел од населението во регионов е претворен, како што вели Пулиг, во антиполитичка каша од човечки и материјални ресурси за неолибералната глобализација; исчезнувачкиот посредник, значи, и самиот деновиве исчезнувајќи, најмногу придонесе од една солидна политичка заедница како регион и како потенцијален политички чинител да се претвориме во постполитичка глобална безначајност.

Нејсе. Доаѓам до втората важна работа што сакам да ја потенцирам во текстов, а за која делумно пишував и полемизирав и по македонските блогови: споредбата Милошевиќ-Тито, која сe понападно, побескрупулозно и без никакви подлабоки историски и политички знаења ја пласираат неколкумина “млади лавови” на нашата јавна сцена (главно десничари, иако некои од нив припаѓаат во кобајаги леви партии), но споредба во која веруваат и, за жал, не баш малубројните повозрасни жители на оваа земја. Да не спомнувам дека социјалистичкото минато, т.е. СФРЈ, барем според некои назнаки од опозицијата, може да стане дури и една од предизборните теми!

Затоа, значи, уште еднаш треба да укажеме само на основните и многу длабоките разлики меѓу тие две историски сосема различни фигури кои симболизираат поларно спротиставени вредности и светови. Клучната разлика веќе ја спомнавме: Тито беше политичар, во најдобрата смисла на зборот, кој својата земја ја направи не само регионален туку и светски релевантен политички фактор. Милошевиќ, пак, нe закопа во постполитичката “глобална” мизерија од која со децении нема да можеме да се извлечеме. Потоа, Тито беше (кон)федералист во доба кога тоа беше визионерска политика дури и за Европската заедница, а Милошевиќ беше мизерен унитарист во најпогрешниот можен момент, кога дури и СССР се распаѓаше низ ѕвекотот на падот на Железната завеса. Тито му рече “не” на Сталин уште 1948 година, а Милошевиќ очајнички и историски тотално бесмислено се обидуваше да им каже “да” на руските генерали во кои тој сакаше да види некаков нов унитарен Сталин. Тито брилијантно сурфаше по историските бранови, а Милошевиќ беше потопуван од секој покрупен бран и ја загуби секоја покрупна битка што ја започна. Најпосле, Тито ги “измисли” Босна и Херцеговина и Македонија, а Милошевиќ сакаше да ги парчоса по урнекот на 19-вековните империјални парчосувања.

Нејсе, пак. Оти текстов делумно е “психоаналитичарски”, на трагата на Лакан и Жижек, ќе спомнам и една споредба за која пишуваше уште еден “жижековец”, Борис Буден, кој Туѓман и Милошевиќ ги спореди со пермисивни мајки кои на “своите” палави деца им ги допуштаат сите свињарии, т.е. воопшто не им ги попречуваат на “своите” народи често многу опасните нагони; за разлика од Тито, кој беше “вистински” татко, пред сe зошто знаеше да ги ограничува опасните општествени нагони.

Лондонскиот “Економист” имаше добра поента во некрологот за Милошевиќ: “Сe што u требаше на Југославија, тогаш, беше водач со барем пристојни инстинкти и способности. Наместо тоа земјата доби чудовиште”. Една друга интересна работа деновиве рече еден познат белградски новинар. За Милошевиќ често се повторуваше дека тој е одличен тактичар а лош стратег. Но, таа формулација нема основна логика: во рамките на лоша стратегија едноставно не е можна добра тактика. А погрешната стратегија, во случајот на Милошевиќ, произлезе од подлабоките дефицити на српската политичка и општествена елита неспособна да ги препознае големите историски преломи и смената на епохите. Сто пати сме рекле дека речиси истото важи за сe позагрижувачки изгубената македонска политичка и општествена елита која долги години паразитираше во мрачните орбити на тешката гравитација емитирана од распаѓачкиот српски режим на Милошевиќ. Повеќе-помалку истата криминализирана транзициона елита и ден денес владее и со Србија и со Македонија. Трагедијата е дотолку поголема што дури ни смртта на големиот архитект на ужасот тешко дека подлабоко ќе ги промени овдешниве односи на моќ. Но, ако ништо друго, ќе почне да ги менува. А ние, макар и како гласачи, ќе треба да се потрудиме колку што можеме повеќе да u ја одземаме моќта на таа морничава транзициона новобогаташка класа која нe доведе до такво дереџе како да сме пред вратите на пеколот: “Секој оној кој овде влегува нека ги остави надвор сите надежи”. Сегашниве, пак, предизборни игри воопшто не ветуваат дека туку-така ќе се ослободиме од транзиционата мафија и од нивните мизерни политички слуги. Но, за тоа повеќе во друг текст.