109
СПЛИНОТ НА ПАРИЗ И СПИНОТ НА СКОПЈЕ
28.03.2006.
За време на милиот ни социјализам,
кога сè уште бевме деца, изразот “спинување” го користевме кога
игравме пинг-понг, за да го опишеме извртениот, изротираниот лет на
топчето. Денес, во не толку милиот ни капитализам, и зборовите
добиваат нови значења; изразот спин означува “извртена” информација,
тенденциозна политичка интерпретација на вест. Изразот спин доктор
првпат беше употребен во печатот во уводникот на Њујорк Тајмс во
октомври 1984, во врска со последиците од тв-дебатата помеѓу
претседателските кандидати Роналд Реган и Волтер Мондејл.
На спинувањето делумно му е посветен текстов. Но зошто велам
“сплинот на Париз”? Меѓу другото, и заради Бодлер: “Не разбирам како
која било чиста рака може да допре некој весник без притоа да се
згрчи од гадење”, вели големиот поет, чудејќи им се на весниците и
на нивното “пијанство на суровоста”, на тој “одвратен утрински
аперитив смешан од владетели, народи и поединци”.
Ова ми е еден од омилените цитати и можно е мазохистички да сум го
спомнал и на друго место. Велам “мазохистички” оти местото од каде
што зборувам е - весник! Но, на ова место го употребувам Шарл Бодлер
за да го спротиставам на нешто што го сметам за исклучително важно,
нешто со кое мора да се соочи секој оној што учествува во
произведувањето на медиумскиот живот, како и секој оној што е само
пасивен консумент на произведените слики и зборови: “Пишувањето за
медиумите мора да се смести внатре во медиумската мрежа. Дури и оние
кои веруваат дека со некој херојски гест можат да се постават себеси
вон таа мрежа и на тој начин да ја порекнат семоќта на медиумите,
остануваат само еден од многубројните медиумски ликови”, велат
медиумските теоретичари од холандската група Агентур Билвет.
Зборот ми е дека никој не е невин. Најмалку “ние, од оваа страна”,
кои ја произведуваме медиумската слика на стварноста. На пример,
една од најважните теми во Македонија во моментов е регуларноста на
изборите. Таа регуларност ја опфаќа и транспарентноста на парите што
се трошат во партиските кампањи. Но, иако сите со прстот покажуваме
кон валканите политичари, ретко кој го поставува најлогичното
прашање на светот: каде одат огромните тајни пари од црните партиски
фондови?! Одговорот исто така е релативно прост: парите главно одат
кон медиумите и агенциите за огласување и односи со јавност. Во
нетранспарентното циркулирање на парите учествуваат, значи, многу
повеќе луѓе и многу повеќе заинтересирани страни. Можеби клучната
одговорност ги допира политичарите, но дали тоа значи дека ние
другите сме амнестирани од каква било одговорност за коруптивните
односи во општеството?! Не, се разбира.
Минатата недела учествував во еден интересен разговор за Креативните
индустрии, организиран од Британскиот совет во Скопје. Креативните (или
културните) индустрии се индустриски сектор со најголеми стапки на
раст во западниот свет, во континуитет кој трае триесетина години.
Иако во Британија креативните индустрии опфаќаат широка палета
активности (од издаваштвото, театарот, ликовните уметности до
ракотворбите, модата и архитектурата, на пример, преку филмската или
музичката индустрија, до правењето софтвер, адвертајзингот и
медиумите) во оваа пригода ќе се задржам само на адвертајзингот.
Глобалните издатоци за индустријата на огласувањето во 1989 година
биле проценети на 167 милијарди американски долари; во 1998 тие
пораснале на 276 милијарди долари, а денешните проценки се дека
адвертајзинг индустријата годишно во светот врти над 500 милијарди
долари. Во Велика Британија, на пример, трошоците само за
обезбедување простор во медиумите (исклучувајќи ги маркетингот и
истражувањата) во 1999 г. се проценети на 1,24 проценти од Бруто
општествениот производ. Како за споредба, јавната потрошувачка за
образование во јавните и средните училишта во Британија изнесувала
околу 4.5 проценти од БОП, или околу 600 фунти по жител. Друг
податок вели дека од 1979 (кога конзервативната Маргарет Тачер доаѓа
на власт) до 1998 индустријата на консултантските фирми во областа
на Односите со јавност (PR, Public relations) во Британија реално се
зголемила за единаесет пати. А растот продолжува.
Се разбира, заради процесите на глобализацијата, слични трендови се
одвиваат и во Македонија, особено засилено последниве десетина
години. За жал, впечаток е дека ниту нашиот Завод за статистика ниту
политичарите ниту новинарите имаат доволно прецизни податоци за
подлабоките промени низ кои минува целокупното македонско стопанство,
чии незанемарлив дел е и адвертајзинг индустријата. (Другите
креативни индустрии кај нас сè уште се слаби, но тоа не значи дека
со добра политика и тие нема да станат значаен двигател на раст и
огромен потенцијал за нови вработувања. Но, пак велам, за жал - и
тоа го заклучивме и во разговорот за Креативните индустрии - кај нас
отсуствува дури и свеста за присуството на една потенцијално моќна
стопанска гранка, а камоли да се тргне во мапирање на ресурсите и во
изработување стратегии за подолгоречен развој.)
Медиумите, значи - да се вратиме на темата од почетокот на текстот -
се важен дел од нашето општествено миље и важен дел од нешто што во
иднина ќе го нарекуваме Креативни или Културни индустрии. Глобалните
параметри се тие: парите, слободното време, технологијата и
дерегулацијата се економски и индустриски чинители кои, во
комбинација со културните и социолошките чинители, ќе ù овозможат на
индустријата на медиумите, како дел од моќната Културна индустрија,
постојан раст во блиската иднина.
Но, освен новата важна стопанска улога на медиумите и на другите
Културни индустрии, ни во еден момент не смее да се заборави
најсуштинската улога на медиумите: да се штити јавниот интерес и
општото добро. Значи, иако една од функциите на медиумите можеби е
да се одржува консензусот меѓу елитите, нивна прва задача сепак е
грижата за општото добро. Тоа е важно да се каже, денес, особено кај
нас, оти општото добро систематски се запоставува; а кога јавниот
интерес е занемарен тогаш и соработката и контактите меѓу луѓето
стојат на несигурна почва. Тоа нам денес ни се случува. Затоа и
постојано треба да потсетуваме дека општото добро се занимава со
заштита и ширење на вредностите какви што се: вистината,
општествената еднаквост или рамноправниот пристап, културната
различност, општествената кохезија, солидарноста...
Спинувањето, значи, културата на промоцијата, теророт на
адвертајзинг агенциите и сеприсутноста на рекламните пораки (меѓу
нив, и на политичките), реално стануваат господари над нашата
реалност. Колку таквата состојба влијае врз демократските процеси е
прашање за дискусија, особено во ситуација кога самата промотивна
култура со своите техники на спинување систематски ги искривува
фактите и кога моќниците сè пософистицирано управуваат со
информациите, особено во областа на државната управа и бизнисите.
Иако, значи, повторувам, медиумите се дел од манипулативните
промотивни стратегии и дел од елитните борби за моќ, тие едновремено
се и во функција на зауздување на систематското искривување во
интерес на вистински демократското донесување политички одлуки.
Звучи шизофрено?! Звучи како двојна задача, која меѓусебно се
поништува?! Е па - таков е современиот свет! И сплинови и спинови, и
Париз и Скопје, и Бодлер и Агентур Билвет - едновремено!
|