108
НАБЉУДУВАЧИ НА ВОЗОВИ
14.03.2006.
Македонските медиуми ја
преживуваат истата жестока криза низ која предолго веќе поминува
целото наше општество. Слично како стопанството или образованието,
нашите медиуми очајнички се обидуваат да ги дофатат сопствените
многубројни одрази што бегаат низ заматените, извалкани и исплукани
огледала. Големиот Џојс за ирската литература велеше дека наликува
на скршено огледало во рацете на слугинка. Нашево медиумско огледало
исто така е поткршено, прилично мувлосано, опогането од муви, иако
понекогаш низ него се преминува и во Земјата на чудата на Алиса (директно
во бајковитиот свет на нашите господари на реалноста!; свет во кој
виршлите растат на дрво, а од водоскоците избива оранжада:-).
Многу прашања во врска со нашите медиуми се сосема отворени:
тактички, стратегиски, идентитетски, професионални, културни,
политички, економски... Кај и да чепнете, нешто чудно, тешко
препознатливо, ококорено и роголико, ве гледа низ одразот. “Треба да
се чисти, треба да се чисти...” - имаше песна од Екатарина Велика...
Изминатите месеци многу време поминав по блогови, новиот фасцинантен
медиум кој со запрепастувачка брзина се појави во сферата на
интернетот. Блоговите се своевидни дневници, лични страници на, сега
веќе, десетици милиони луѓе во светот, а во Македонија лични
страници на неколку илјади луѓе, настанати главно последнава
половина година... Некои од блоговите стекнаа популарност за која
“големите медиуми” можат само да сонуваат. Најфасцинантен е примерот
со блогот на американскиот новинар Саливен, кој во еден момент стана
двојно попосетуван од сајтовите на клучните национални весници,
Њујорк Тајмс и Вашингтон Пост!
Од перспективата на блоговите, значи, кризата во македонското
новинарство, од една страна, изгледа уште подлабока, но од друга -
нашето новинарство сè уште добро се држи! Велам, перспективата е
двојна, оти блоговите на прв поглед сами по себе се неверојатно
заводливи, неверојатно слободни и игриви; традиционалните медиуми, и
печатени и електронски, изгледаат тромаво, круто и застарено во
однос на непосредноста на блоговите. Од друга пак страна, велам,
квалитетот на содржините на македонските блогови сè уште е многу
далеку од квалитетот на содржините на нашите “традиционални” медиуми.
А кога велам дека нашите медиуми се во голема криза, и во суштина се
неквалитетни и неконкурентни (како и повеќето македонски производи,
за жал), тоа значи дека и новите привремени замени за нашите медиуми
- во случајов, блоговите - страдаат од болеста која се вика заболено
општество.
Затоа генерално зборувам за кризата на македонските медиуми, криза
која бара многу работа на повеќе фронтови, и употреба на различни
стратегии, и на микро и на макро план. Преку блоговите директно и
малку болно се уверив дека новите технологии или новите медиуми не
можат туку-така да ги корегираат подлабоките општествени аномалии,
оти луѓето се (сме!) тие: слабо образовани, слабо информирани, со
многу ниска деловна и воопшто професионална култура, а притоа лути,
бесни, нервозни, сиромашни...
Обиколувајќи ги блоговите, значи, и често жестоко расправајќи се со
новите безбројни “уредници на мрежата”, на некој начин одново ù се
вратив на старата мудрост на Меклуан: последователните бранови на
“информатичката револуција”, од откритието на печатарската преса до
филмот и телевизијата, и сега “сајберпросторот”, секогаш со себе ги
носат проблемите на прилагодувањето и преструктуирањето. До нас е
како ќе се справиме со новите предизвици.
Во текстов, значи, ќе се обидам да дадам прилог кон нашето
справување со новите медиумски предизвици. Поттикнат од
истражувањата на британскиот медиумски аналитичар Џејмс Каран, ќе се
обидам да одговорам барем на дел од крупните прашања што во моментов
го засегаат македонското новинарство. Едно од тие крупни прашања е:
дали сопствениците на медиумите имаат должност да се грижат за
општеството, или само треба да носат профит за акционерите? Второто
важно прашање е: дали медиумите мораат да се однесуваат одговорно?
Според Каран, медиумите не можат да бидат едноставен производ на
оние кои ги контролираат и поседуваат. Ниту можат да бидат обичен
гласник на економските интереси на корпоративниот сектор. Моќта на
сопственикот е ограничена со професионалната култура на новинарот.
Новинарите нормативно и традиционално длабоко вкореното го негуваат
уверувањето дека мораат да му служат на општеството. А таа
компонента на јавен интерес всушност ја обезбедува потенцијалната
противтежа за контролата над медиуимите.
Постои еден славен пример од пред дваесетина години, кога новинарите
на “Обсервер” му се спротиставиле на новиот сопственик Тини Роуланд
кој преку својот уредник се обидел да ја забошоти репортажата за
ѕверствата во Зимбабве, текст кој ги загрозувал обемните деловни
активности на родителската компанија на весникот. На Роуленд не му
се спротиставил само уредникот туку целиот новински колегиум, а
работата излезе и во јавност.
Каран прави мало резиме: “Може да се смета дека новинските медиуми
се обликувани од пазарната побарувачка, професионалните интереси на
медиумските работници, мрежата на плуралистички извори на вести и од
колективните вредности на општеството. Иако во рамките на
либералната традиција не постои консензус за релативната тежина која
треба да им се припише на секое од различниве влијанија, за една
работа владее општа согласност: слободните медиуми се во служба на
јавноста.”
Според Каран, социологијата на медиумите ни открива две
спротиставени стојалишта. Едното ги гледа медиумите како агенс кој
дејствува “од дното кон врвот”, согласно пазарните потреби,
професионалните интереси на новинарите, заедничките општествени
вредности... Според второто стајалиште, медиумите се агенс на
контрола кој дејствува “од врвот кон дното”, согласно сопственичките
односи, моќните извори на вести, културната доминација на елитите...
Според Каран, британскиот печат е комбинација на двете позиции; тој
едновремено е поврзан со структурите на моќта во современа Британија,
без наполно да е интегриран во нив. Ми се чини дека во Македонија во
моментов владее слична ситуација, во која нашите медиуми се подложни
и на двете спротиставени влијанија, и “од врвот надоле” и “оддолу
угоре”.
Всушност, кога зборуваме за темава често станува збор за неускладиви
процени на медиумите во ист тип општество. На пример, начинот на
којшто Чомски ги прикажува медиумите како пропагандни агенси кои во
либералните демократии ја поттикнуваат “контролата на мислите” во
базичен е судир со начинот на кој социологот Џефри Александер ги
идеализира медиумите како институции кои на демократиите им
овозможуваат да комуницираат и да ги изразуваат заедничките
вредности и уверувања.
Во Македонија веројатно ни се случува медиумите рутински да
одговараат на промените во рамнотежата на моќта во општеството, пред
сè зашто радикално се променети составот и статусот на т.н.
“акредитирани” извори на вести. Како што вели еден друг британски
медиумски аналитичар, Милер, односот помеѓу општествените промени и
променетите извори е нескладен заради тоа што печатот е склон кон
елитни извори.
Во секој случај, во моментов не сакам да бидам “набљудувач на возови”.
(Изразот е англиски, train spotters, гледачи на возови, луѓе кои
некогаш ги запишувале броевите на локомотивите; денес со тој збор се
означуваат “залуденици”, колекционери на бескорисни предмети, оние
што се интересираат за тривијалното...) Веројатно многумина од нас,
во ова лудо забрзано и збунувачко време, особено во однос на
понекогаш неконтролирано залетаните медиуми, често имаат впечаток
дека се само набљудувачи на возови. Иако има некоја прекрасна
медитативна мудрост во едноставното стоење крај шините и гледањето
на композициите, решив, сепак, барем уште малку да го одложам своето
симнување крај пруга, и сè уште да се обидувам понепосредно да
влијаам врз “сообраќајот”. Затоа и толку упорно пишувам овде.
|