Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 

         архива на текстови       следен текст

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


107

НА КРАЈОТ ОД ТРАНЗИЦИЈАТА -

КАРЛ МАРКС “ГЛАВОМ И БРАДОМ”!

27.02.2006.



Мојот пријател Ацо Станковски, пред неколку месеци (чинам, беше крајот на ноември, се возевме со кола, во т.н. “еко патрола” низ скопските периферии, а со нас беше и Игор Тошевски, сведок на ова што го зборувам), изјави дека токму дента доживеал указание: македонската транзиција е завршена. Ацо тоа го рече повеќе-помалку во позитивна смисла, готов е преминот низ тунелот, еве нè од таа страна, кај и да е, подобро е отколку да си во транзицискиот канал и да немаш јасно чувство за горе и доле, напред и назад, почеток и крај. Јас и Игор главно му се смеевме на другарот и неговите склоности кон “указанија”.

Но, некни мене ми се случи слично просветление, слично тунелско заблеснување: да, транзицијата дефинитивно е готова, но она надвор од тунелот (да, да, во нашите визии препознатливи се метафорите на раѓање, на “излегување во свет”) воопшто не беше весело ниту охрабрувачко; пејсажот што го затекнуваме после 15 тунелски години наликува на бојно поле, при што мошне висок е степенот на руинираноста и на општата опустошеност, материјална и духовна.

Се согласувам, можеби се спорни нашите “визии”, можеби нигде не сме излегле, можеби сè уште во главите и душите ни владее конфузијата за тоа кои сме, каде сме и каде одиме. Се согласувам и дека можеме да спориме дали работава ни оди на повесело или на продлабочување на трагедиите...

Но, дека е време конечно јасно и отворено да му погледнеме во очи на морничавиот капитализам пред нас - за тоа, верувам, може да се постигне консензус. Не само заради големото осиромашување на стотици илјади луѓе во земјава, не само заради страшното монополско искуство што го имаме со Телекомот, не само заради низата други криминални приватизации и отворени или прикриени монополи, не само заради актуелната продажба на ЕСМ, туку заради елементарна ориентација во светот нам ни треба посериозно соочување со сопствениот капитализам.

Растко Мочник, европски познатиот словенечки филозоф, неодамна во “Младина” објави мошне интересен текст за “капитализмот кој чекори на државни штаки”. Мочник реагира на радикалните десничарски реформи што ги подготвува владата на Јанша, но во суштина Мочник зборува за капитализмот воопшто, пред сè европскиот но и светскиот.

А работите се поврзани: индустриската резервна војска во Кина, на пример, е фактор кој ги руши условите за живот на милиони работници во Европа. Придобивките извојувани низ двестегодишната класна борба (здравството, школството, пензиите, социјалната сигурност) дури и во Европа стануваат разнишани. А со укинувањето на придобивките од класната борба, како што вели Мочник, се менува и природата на државата: наместо држава на класен компромис добиваме држава на капиталистички господа и на опустошена средна класа.

Источноазиските капиталистички чуда изминативе децении можеби се резултат на државна стопанска бескрупулозност која граничи со бруталност, но Мочник потсетува дека ни епопејата на европската индустриска револуција не била помалку крвава: “Во Англија од нивите беше избркана целата селска класа и набутана во градовите. За животот на урбаниот пролетеријат во Англија неколку впечатливи страници напиша континенталниот европски писател, кого последиците од индустриската револуција го удрија со вистински културен шок - Фридрих Енгелс.”

Што се однесува, пак, до сегашната европска параноја од уселувањето, Мочник наведува дека Феручио Гамбино уште пред 30 години предупредувал дека во државите на Голфскиот залив работат околу милион и двесте педесет илјади емигранти кои немаат не само работни туку какви било права - докажувајќи дека капитализмот никогаш во текот на своето историско постоење не дејствувал без да се потпира на ропската работа.

Можеби капитализмот денес нема никаква алтернатива, но зарем токму фактот за неговата ултимативност не го обезвреднува и не го најавува неговиот крај?! И најпосле, и пак во врска со безусловноста на капитализмот, зарем не е ужасна политичка и цивилизациска вистина дека не се најпрогресивни оние општествени практики што успеваат низ историјата туку дека токму попрво успеваат оние практики кои најнасилно се наметнуваат?!

Можеби за нас најважните укажувања на Мочник се следниве: “Капиталот со помош на државното насилство, а не со помош на својата внатрешна сила, ги уништува во минатото веќе социјализираните подрачја (школството, здравството, културата, јавните работи воопшто) и ги подредува кон асоцијалната профитна трка. Капитализмот го држи на нозе само уште државниот тероризам. Енгелс и Маркс уште во 1848 година велеа дека модерната државна власт е само управен одбор на буржоаската класа.”

И кај нас, се разбира, и тоа на уште поперфиден и помизерен начин отколку во Словенија, капиталот, тој хипотетички светски освојувач, како што вели Мочник, плаче над градите на државата оти населениево, богати не е доволно сервилно и ропски расположено. Но, друго сакав да прашам, поттикнат од општото светско враќање на Маркс на големата интелектуална сцена: кај се нашите славни марксисти од времето на самоуправувањето?!

Нашите некогашни лажни марксисти (кои дрмаа и сè уште дрмаат со институциите, само што сега се нафатирани капиталисти и идеолошки безрбетници без каква било политичка идеја во себе освен газот во фотељата што подлабоко да се смести...), го исфрлија Маркс уште во почетокот на деведесеттите, без кога било да се обидат да го прочитаат или, не дај боже, разберат... Денес, како што чкрипи капиталистичката кочија, Маркса од правливите ковчези го вадат клучните светски мислители (од неодамна починатите Дерида и Бурдие до Жижек, Бек, Негри, Лакло, Волерстин, па сè до низата извонредни феминистички авторки од типот на Шантал Муф, Џудит Батлер, Спивак...); кај нас, велам, некогашните лажни марксисти денес главно се националисти...

За крај, уште само неколку актуелни идеи на славниот “пралевичар”, за класната борба и револуцијата: Маркс вели дека буржоаската идеологија станала легитимна во модерната држава така што своите класни интереси ги претставува како општи. Власта всушност е таен процес: класните интереси од заднина манипулираат со власта. Ленин тоа го нарекуваше “демократска измама”: буржоазијата ги испреварила луѓето убедувајќи ги дека државата всушност е нивниот претставник.

А дали е можна револуција?! Баш и не, според Маркс.

За Француската револуција тој пишуваше дека е “политичка илузија за демократија”. Во времето кога револуционерните движења беа во силен подем, Маркс всушност сакаше да укаже дека политичката револуција е само форма на сон за демократијата, сè додека нешто не се измени во сферата на социјалната и политичката нееднаквост.

Зарем не звучи свежо стариот “брадоња”?!