Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 

         архива на текстови       следен текст

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


106

СВЕТОТ НА СНИШТАТА И КАТАСТРОФИТЕ

14.02.2006.



На Геринг му се припишуваше онаа славна, злокобно духовита изрека: “Кога ќе го слушнам зборот култура, веднаш го фаќам браунингот!” Иако направи невиден бербат и на полето на културата, на фашизмот сепак многу поблиска му е денес актуелната парафраза на таа изрека: “Кога ќе го слушнам зборот комунизам, веднаш го фаќам револверот!” Се разбира, многумина тврди комунисти (но и нови алтерглобалисти!) го имаат своето непоколебливо марксистичко стојалиште: “Кога ќе го слушнам зборот капитализам, веднаш го фаќам пиштолот!”

И ете, среде тоа шаренило од идеолошки осуди, пофалби, шеги и клетви, ние, современиците на 21 век, се обидуваме да пронајдеме некакви нови политички и идеолошки ориентири, стравотно обременети со тешкото наследство на “векот на крајностите” за кој сè уште не сме сигурни дека го оставивме зад нас, сè плашејќи се дека нè чека, притаен, веднаш тука зад првиот свиок.

Но, за вистински да се ослободиме од минатото богами ќе треба подлабоко да се соочиме со него, и на левата и на десната страна од вулканското гротло што постојано заканувачки си баботи, според законите на физиката или историјата, сеедно. Ќе треба да ги пронајдеме топосите на траумата, да речеме, или потенцијалните еруптивни точки не само во светот на идеите туку и во денешниов непосреден физички свет.

Поимот топографија, инаку, е поврзан со старогрчката вештина на помнењето. Вештината на помнењето е измислена после една несреќа и започнала со паѓањето на една палата. Како што вели легендата, поетот Симонид бил поканет на раскошна гозба во една палата. Откако бил повикан од некој гласник, Симонид накусо ја напуштил куќата, но пред влезот не затекнал никого. Лажен повик? Но, токму во тој момент кровот нагло се срушил; палатата била затрупана со урнатини, а сите гости биле згмечени до изобличување. Симонид се присетил кој од гостите каде седел, па со негова помош роднините успееле да си ги идентификуваат загинатите. Среќно преживувајќи ја катастрофата, Симонид ги открил техниките на помнење кои подоцна ги користеле античките беседници - местата од некоја позната физичка средина (физичките топоси) биле поврзувани со приказните и елементите на говорењето (реторичките топоси). Како што вели Светлана Бојм во својата извонредна книга “Иднината на носталгијата” (уште едно незаобиколно четиво кога зборуваме за превреднувањето на комунизмот!), овој вид мнемотехничка традиција ја препознава случајната архитектура на нашето помнење, мошне зависна од контекстот, од распоредот, како и врската која постои помеѓу сеќавањето и загубата.

Но, постојат различни форми на сеќавања и загуби. На пример, Лидија Гинзбург, славната дисидентка од советските времиња, зборува за еден начин на преживување и соочување со стварноста кој за време на тоталитарното перење мозоци го негувале послободоумните интелектуалци: контрапомнење. Оние кои го практикувале контрапомнењето први ги обелодениле историските факти какви што се гулагот и сталинистичките чистки.

За нас, пак, кои хронично ја чувствуваме слабоста на македонските институции, интересно е да се каже дека контрапомнењето не било поврзано со какви било институции, туку се потпирало на неформалните мрежи, на личните врски и пријателства. Кај нас делумно се случи истото што Светлана Бојм го вели за Русија: недовербата во институциите и во официјалниот дискурс се задржа и по падот на комунизмот. Тој тип на подразбрана комуникација и молчаливо соучесништво доведе до недоверба и во новите институции и политички партии. Најпосле, се случи најнеобичната работа: загубениот потенцијал за политичка трансформација на државата доведе до масовна носталгија спрема комунизмот.

Затоа денес пред нас стои деликатна работа; ем реално да го процениме минатото, ем постојано критички да се осврнуваме и спрема невеселава сегашност. Всушност, се покажа дека славната реченица на Кундера (“Борбата на човекот против власта е борба на помнењето против заборавот”) има малку поуниверзално значење: ние денес треба да ги памтиме и Ирак и Виетнам и Хитлер и Сталин. Нашата нова европска власт (мислам на онаа во Советот на Европа), ко секоја власт, малку би ја ретуширала сликата, но ние и денес треба да гледаме и памтиме, како што тоа моравме да го правиме и вчера.

Гледам, на пример, дека либералниве Европјани меѓу жртвите на комунизмот редат милиони и милиони настрадани луѓе од Азија, од Камбоџа, на пример, кајшто владееше монструозниот режим на Пол Пот и Црвените Кмери. Но, стварно треба да сте тотален политички идиот за да не сфатите дека Америка и Европа во голема мера ги произведоа тие нечовечки режими и дека тие најмногу се одговорни за тој тип злосторства, а не лудачкиот комунизам. САД, на пример, само пред 35 години, само во Виетнам на најсуров начин, со напалм бомби палејќи цели села, убија над два милиони Виетнамци. Но, во политичка смисла направија повеќедецениски ршум во целиот тој регион и всушност посредно ги создадоа канибалските режими налик на оној на Пол Пот. Французите (кои исто така до гуша се вплеткани во ужасите во тој дел од Азија) извршуваа масовни масакри во Алжир (а богами и на Алжирците во Франција!) сè до педесеттите години на 20 век! А денес Алжир е проблематичен за Западот?! Е па проблематичен е! Ама, дај, стегнете вие една декларација против комунизмот или против муслиманскиот фундаментализам, да ја наредиме работата!

Значи, дури и да речеме дека комунизмот бил злосторнички систем во кој во 20 век настрадале десетици милиони луѓе, што останува со осудата на другите злосторнички системи произведени на Запад? Уште 1492 година, со едиктот на папата Александар VI, биле повлечени линиите кои сосема буквално одредиле кои делови на земјината топка “припаѓаат” на која европска држава. Сите земји и територии во светот биле поделени меѓу европските сили или биле прогласени - што е неверојатна ароганција - за “отворен простор”, т.е. територии кои се “слободни за да бидат окупирани”. Историјата на човештвото наредните петсто години била одредена од последиците што таквите ставови ги создале во реалниот свет - смета Сузан Бак-Морс. И ќе го судиме ли тој петстогодишен западен поредок кој ги донесе империјализмот и колонијализмот, а богами го донесе и расизмот на Хитлер?! Петсто години исполнети со ненадмината бруталност, експлоатација, терор - маскирани во формата на “цивилизирање на нецивилизираните”. Речиси целото домородно население, на пример, на два континента, Јужна и Северна Америка, беше истребено од “цивилизираниот” Европјанин (т.е. Американец) чии наследници денес донесуваат декларации за осуда на еден режим кој повеќе-помалку беше реакција на монструозноста на капитализмот, што всушност совршено го објаснува одново подразбудениот и мошне фенси и мошне ин по западниве универзитети денес - Карл Маркс.

Битно е, значи, да не помниме селективно и да не бидеме зомбиичиња на кои секој режим им вели дека вчера почнал светот. Да не бидеме манкурти! (Постои една стара казашка легенда, која ја спомнува Чингиз Ајматов во романот “И подолго од векот трае денот”; постоело племе на сурови воини кои безмилосно ги мачеле заробениците со каиш од камилска кожа и ги претворале во манкурти - весели робови, луѓе без сеќавање.) Секоја идеологија на некој начин врши манкуртизација врз луѓето, па и веселата ни идеологија на капитализмот кој нè меле последниве години.

Така што, ако мораме да ги помниме невините жртви што пострадаа по удбашките подруми, зарем немаме дотолку поголема обврска не само да ги памтиме туку и да го прекинеме проклетиот историски круг! - денешните и вчерашните жртви, од кои кои некои - седумтте Пакистанци, на пример - беа стрелани дури и на посуров начин од оној на кој стрелаа удбашите по Втората светска војна. Велите: ама ова беа повисоки државни интереси?! Па и она беа највисоки можни државни интереси! А всушност беа лудила на распашани моќници, тотално погрешни безбедносни и политички проценки, и тогаш и сега. И пак не велам: обесете ги џелатите! Велам: со усул и одговорно. Сто пати мери, еднаш сечи. Гревот на некои можеби збудалени или индоктринирани полицајци можеби и не е поголем од гревот на денешните министри за правда и здравство, на пример, кои дозволуваат вакви хорори по затворите и болниците?! Не сум сигурен. А гревот на оние што речиси до голи коски ја “опељешија” земјава, до тој степен осиромашувајќи цели класи население што луѓето масовно стануваат диви, збудалуваат и прерано умираат?! Кој ќе ги вади тие резолуции и каде е рангиран тој грев на длабоката и широката скала на гревови?!

Сузан Бак-Морс, чија книга, “Време на сништата и катастрофите”, ја спомнав минатиот пат, вели дека најинспиративните проекти на масовната утопија - масовниот суверенитет, масовното производство, масовната култура - зад себе оставија цела историја на катастрофи. Сонот за масовната сувереност го доведе светот до националистички војни и револуционерен терор. Сонот за индустриското изобилие овозможи создавање глобални системи кои ги експлоатираат и човечкиот труд и природното опкружување. Сонот за масовната култура произведе цело мноштво фантазмагорични последици кои го естетизираат насилството на модерноста и ги анестезираат жртвите на тоа насилство.

Капитализмот и комунизмот од Француската револуција наваму се во симбиоза како двете лица на Јанус. Тие најмногу се допираат во она што Бак-Морс го нарекува политичкото имагинарно. На пример, успешен инструмент за контрола на масите било токму имагинарното на сталинистичката култура, со својата двојна острица - од една страна е светот на сништата, исполнет со среќата која им се ветува на масите, а од друга страна се наоѓа кошмарот кој ги чека оние кои се протерани од светот на сништата. Во оваа точка, вели Бак-Морс, како системи на моќта, едновремено треба да се гледаат и западниот капитализам и советскиот социјализам. “Капитализмот луѓето ги повредува повеќе со тоа што ги занемарува отколку што ги тероризира. Во споредба со личната волја на диктаторот, структурното насилство на пазарните “сили” божем изгледа бенигно. Судбината на сиромашните е социјалниот остракизам. Нивниот гулаг е гетото.”
На крајот од својата книга Сузан Бак-Морс заклучува:

“Ако денес конечно е завршена ерата на Студената војна, тогаш кон тоа помалку допринесе “победата” на едната страна, а повеќе тоа што самиот развој на настаните фундаментално ја доведе во прашање легитимацијата и на едниот и на другиот политички дискурс.”