Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 

         архива на текстови       следен текст

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


105

СВЕТОТ НА СНИШТАТА И УСПАНИТЕ

31.01.2006.

 


Една од најинтересните теми последниве месеци е односот кон комунистичко
то минато. Оваа тема не е само медиумски провокативна туку во прв ред е длабински важна како за земјите, како нашата, кои имаа директно искуство со комунизмот така и за целокупното светско политичко размислување. Заради важноста на таа тема, впрочем, Советот на Европа неодамна донесе контроверзна декларација со која се осудуваат комунистичките злосторства.

Оној што кај нас одново ја отвори оваа опасно подзаборавена тема, и тоа на еден до потресност искрен, убедлив и продлабочен начин, е Јасна Котеска, еден од најдобрите помлади теоретичари во Македонија и ќерка на неправедно прогонетиот, во текот на неколку децении, поет Јован Котески. Прашањата што Котеска, индиректно но мошне силно, ги постави во “Фокус” пред неколку недели, се меѓу клучните прашања на нашата држава: од какви морални суровини е составен нашиот културен и политички естаблишмент? Дали некои од писателите на нашите лектири биле бедни полициски денунцијанти? Дали дел од највисоките интелектуални авторитети на земјава сместени во МАНУ исто така биле и сè уште се доушници и соработници на некои опскурни делови од службите за безбедност? Што да се прави со десетиците илјади досијеа во земјава? Кој треба да ја има моќта селективно да ги манипулира и инструментализира тие досијеа? Дали поради дел од некои политичари и полицајци кои вака или онака ја злоупотребувале својата функција треба да ставиме дамка врз целиот социјалистички период? Дали нашата неспобност да се соочиме со сопственото минато, и во позитивна и во негативна смисла, нè прави немоќни и во однос на сегашноста и во однос на иднината? И кој треба да ги направи сите тие работи?!

На Јасна Котеска, на еден многу подиректен начин во осудата на комунистичкиот режим, ù се придружи исто така мошне надежниот млад аналитичар и теоретичар Ивица Боцевски. Реакциите беа предвидливи: заради недоволната суптилност на неговиот исказ под удар на јавните критики главно беше изложен Боцевски; ударите кон Котеска останаа кулоарски, но дотолку поперфидни и поопасни.

И кај сме сега? На Котеска ù се заканиле дека делумното досије што го добила за својот татко не смее да го објавува до 2032! А некни во загрепски Глобус читаме ноторни разузнавачки информации, со јасно наведени имиња на актерите (и на оперативците и на доушниците и на налогодавците), од највисокиот врв на комунистичката партија на Југославија и од неколкумината водечки луѓе на СФРЈ во шеесеттите и седумдесеттите, комплет со Тито! Ваму не смеат да се објавуваат информации за некакви мизерни локални писателчиња кои во име на своите кариери цинкарат најдобри пријатели (а сметките од пијаните дружења воЈолеги носат директ во МВР, за рефундација), а онаму, од некогашната иста држава, од Загреб и Белград, истекуваат разузнавачки информации од самите врвови и на полицијата и на политиката!? Па, кај сме луѓе?! Пак во темниот вилает, како што Македонија некои ја нарекуваа во СФРЈ?! Што е страшно ако барем морално осудиме педесет, стотина, илјада луѓе од некогашните наши номенклатури, политички, безбедносни, културни - а во име на почистата сегашност и во име на иднината на Македонија?! Како мнозинската јавност не гледа дека ако барем морално не ги осудиме злоупотребите на некои социјалистички Курто и Мурто тогаш немаме право да ја судиме ниту пљачкашката приватизација, ниту денешните гангстерски монополи, ниту криминалните провизии и корупцијата?! Господ ни ја дал власта да ја трпиме, со наведнати глави, за сабјата да не проработи?!

Најлошата работа е што тоа извонредно важно историско прашање во мигов им е препуштено на политичките манипулации. Освен Котеска, Боцевски и неколкумина други осаменици (главно лично погодени) во културниот естаблишмент никој друг не се обидува, па макар и на индиректен начин (на пример, занимавајќи се со стручна историска, социолошка или литерарна анализа на нашето непосредно минато), да даде свој придонес за нешто што на секаков начин ја допира судбината на нашата држава. Оној што во моментов најмногу манипулира со прашањето на комунистичките злосторства е ВМРО ДПМНЕ, партија која во голема мера е создадена во иститекомунистичкибезбедносни лаборатории, а која за жал сè уште не е излезена од матрицата на мислење карактеристична за нашата анахрона државна безбедност која и ден денес ко марионети ги игра важните актери на нашата општествена сцена. Начинот на кој ДПМНЕ го отвора прашањето повеќе наликува на фракциски судири внатре во самите безбедносни и разузнавачки структури отколку на еден продлабочен, одговорен и сериозен политички и морален став во однос на минатото и иднината на сопствената земја. Партија која не може да погледне веднаш тука преку својот нос, во сопствените тефтери од пред само неколку години, за невидените пљачкосувања на државата (Георгиевски, Михајловски, Арнаудов, Пауновски, Станинов, но и многу многу други), а кобајаги декларативно се залага за некакво топтан жигосување на комунизмот - таа партија во најмала рака е несериозна, да не речам неморална и во суштина кловновска, служејќи им на дневните интереси на пожолтените медиуми и делумно распашаните разузнавачки фракции.

Пак велам: ако СДСМ е празна и безидејна збирштина на опортунисти и старо- и новозбогатени моќници (и веројатно главен генератор, години наназад, на ширењето на поданичкиот менталитет кој можеби е главниот фактор за неавторитетноста на нашите институции); и ако ВМРО ДПМНЕ е таква каква што е, создадена ко реплика-баба рога на СДСМ (и доследно си ја играат таа улога на глуп август!), тогаш единствениот што може барем да го поттикне будењето на некакви нови политички и културни сили, кои ќе имаат малку поисправени морални рбети (кој тоа зборуваше за некакви национални вертикали што го допираат небото ко волшебен грав!) - е нашиот во моментов нечуен и инертен интелектуален естаблишмент.

Ако Друштвото на писателите, на пример, или МАНУ, не смогнат сили макар и на еден пропаганден начин да симнат дел од петната закачени врз некои нивни видни членови, тоа значи дека и во историска смисла прифаќаат тие важни национални институции да носат трајна и колективна хипотека. Што се однесува до мене, не сакам моето културно наследство да го пропишуваат и создаваат полициски жбири, тастери, доушници и денунцијанти!

Се разбира (ма, ништо не се разбира ниту подразбира, особено кај нас!; затоа и ќе го дообјаснам сопствениот став:), македонската држава нераскинливо е поврзана со антифашизмот, со Народно ослободителната борба, со Комунистичката партија и на Македонија и на Југославија. Тоа се важните и во голема мера светли моменти на нашата историја, настани и идеи од кои произлегуваме и како народ и како држава, а богами и како поединци кои веруваат во мирот, правдата, рамноправноста, во интеграциите и во вечната идеја дека подобар свет е можен! Лично, сметам дека тие идеи не се само светлото минато на Македонија во рамките на СФРЈ туку се и идеи кои допрва, со мизерниов развој на капитализмот, не само кај нас, ќе добиваат на важност.

Во следниот текст малку попрадлабочено ќе се обидам да развијам некои овде нафрлени тези и појасно да го соопштам сопствениот став во однос на европската осуда на комунизмот. При тоа ќе се потпрам на една извонредна книга на американската авторка Сузан Бак-Морс, “Светот на сништата и катастрофите; исчезнувањето на утопиите на Исток и на Запад”. Од таа брилијантна студија на клучните идеологии во 20 век, како крај на денешниов текст и најава за следниот, издвојувам еден соодветен пасус:

“Светот на сништата (израз на Волтер Бенјамин) укажува на минливоста на модерниот живот, на тоа дека околностите постојано се менуваат и на позитивен начин ја преиспитуваат традиционалната култура... Модерните светови на сништата се израз на утописки желби за таков тип на социјален ангажман кој  ќе ги надмине постоечките форми. Но, световите на сништата можат да станат опасни тогаш кога структурите на моќта инструментално ја користат нивната огромна енергија, кога ја мобилизираат таа енергија како алатка на силата која се врти токму против масите на кои треба да им создава добро. Сништата можат да придвижат општествени промени, но ако тоа не се случи, идните генерации токму заради тие сништа ќе веруваат дека историјата ги предала.”