104
ЦРНИЛА 006
17.01.2006.
Некни
ја гледав театарската претстава Црнила 005 на Слободан
Унковски. Пожестока и подлабока критика на сегашниве наши политички
премрежиња одамна не сум видел. Иако Унковски отсекогаш се трудел да
чекори по рабовите на дозволеното (никогаш не пречекорувајќи ги од
самите риби замислените дополнителни стакла во аквариумот) - во
Црнила 005 тој не штеди никого, а најмалку естаблишментот од
којшто потекнува и во чија закрила се одвиваше добар дел од неговата
уметничка кариера. Се разбира, фактот дека Унковски е беспоштеден во
однос на нашата сегашна политичка моќ колку што е позитивен за
самиот Унковски толку е загрижувачки токму за таа наша сегашна
политичка моќ и воопшто за сите нас. Впечатокот од претставата
Црнила 005 е дека црнилата ни се толку длабоко во очите и душите
што ќе биде многу тешко оттаму да ги исчепкаме, сеедно дали се
служиме со сондите на уметноста, на политиката, на поинаквото
себесогледување... Македонските политички дрматори, некогашни и
сегашни, во претставата се прикажани речиси како банда
повеќе-помалку бескрупулозни разбојници на кои идејата за Македонија
им служи за заканувачки да мавтаат со пиштолите, громко да запејат
по некоја патриотска песна, за да се начукуваат, за да фаќаат женски,
за да ги брцаат носовите во морфиумски купчиња, за врзопите пари да
ги чуваат во фрижидер, и за на крај меѓусебно да се изрешетаат благо
загрижени за своето место во историјата.
Унковски, се разбира, е доволно префинет режисер
за да ги избегне стапиците на лесните пораки, на карикатурата, на
плакатското, на патетичното, на лажникавиот патриотски
сентиментализам (кој малкуцка го има во изворниот текст на Коле
Чашуле), и иако си игра со популарните шаблони и инсистира на
комичните ефекти - вкупниот впечаток е трагичен. Значи, без разлика
на тоа што, признавам, претставата на Унковски, како секое врвно
уметничко дело, во себе има вградено премногу слоеви за да се чита
еднострано (како што јас делумно ја читам), си го дозволувам правото
мојот впечаток за таа значајна современа претстава всушност да биде
само увод во еден текст кој не е театарска рецензија туку нешто
друго.
Инспириран од претставата
Црнила 005, значи, но и од читањето на новата книга на Тери
Иглтон, а пред сè секојдневно гледајќи ја политичката мизерија што
ни се сервира дома, а и во светот, човек е во искушение да рече дека
потребата од револуција всушност е чист реализам. Тоа го вели и
Иглтон: “Ниеден просветен, умерено интелигентен набљудувач, по
испитувањето на состојбата на нашата планета, нема да заклучи дека
таа може да се промени без коренити преобразби.
Во таа смисла токму радикалните
прагматисти,
а не левичарите со насолзени
очи,
се сонувачи на јаве.
Тие се
сентименталистите на постоечката ситуација”.
Гледајќи ја понудата,
значи,
меѓу Бучковски и
Груевски,
меѓу ВМРО и СДСМ,
со безбројните поситни
тајфички кои повеќе-помалку
гравитираат кон двете најголеми партии,
човек навистина
помислува на револуција.
Да не заборавиме:
истото,
своевидно востание,
го направи ДУИ,
т.е.
УЧК или како веќе се
вика организацијата што го подготви албанскиот бунт.
И како одминува времето, велам, сè помалку гледам негативно на
албанското востание во Македонија пред пет години. Гледајте реално:
кој повеќе ја запусти Македонија: Али Ахмети, водачот на некаква
романтично-мафијашка герила (која потем совршено се интегрира во
коруптивниот систем) или Љубчо Георгиевски кој со еден сосема мал
потег, со најмалото прсте од дебелкавото раче, го продаде Телекомот
за 300 милиони евра, за потоа истиот тој Телеком (само една,
повторувам - додуша многу дебела! - шепа збрцана до дното од
подиспразнетата тегла со мед наречена Македонија) во следните
седум-осум години да измолзе од граѓаните на државава барем десет
пати по 300 милиони евра, т.е. барем три милијарди евра.
И пак,
се разбира,
многу до мрсулавост
алчни муцки се вградени во тие три милијарди евра...
И гледајте реално:
што ако барем дел од
тие три милијарди евра отидеа во реален развој на Македонија:
во училишта,
болници,
улици,
работни места,
во информатизација на
општеството,
во евтини комуникации кои би
ги зајакнале образованието и стопанството и во крајна линија би
довеле до многу позабрзан раст од сегашниов?!
Дури, не велам дека
проблемот е во продавањето; дала Македонија! И ќе дава! Проблемот е
што со тоа монополско продавање развојот и натпреварот во целиот
комуникациски сектор (кој треба да биде рбет за едно современо
стопанство), речиси се замрзнаа за барем десет години.
Но,
да бидеме искрени,
тие шеми на замрзнување
на развојот заради нечии приватни интереси воопшто не ги измисли
Љубчо Георгиевски.
СДСМ и сега го прави
истото,
на многу нивоа.
Ве молам,
значи,
да не зборуваме за
албанската закана или,
од другата страна,
за
“славомакедонската
закана”.
Бучковски,
т.е.
СДСМ комплет со
пајташите,
годинава контролираат,
главно низ буџетот,
две милијарди евра
(целокупниот
наш општествен производ е четири милијарди евра),
а башка најавуваат и
нови големи државни продажби.
Требаат пари да се
подмачкаат шрафчињата на моќта,
да се зацементира барем
неколку децении постоечкиот донемајкаде суров поредок.
Уште цела една година,
значи,
ќе мораме да ја трпиме
во неколку важни ресори евидентно неспособната влада
(ако
изборите бидат во септември,
до формирањето на
новата влада сигурно ќе поминат два-три
месеци);
и цела година ќе мораме да го
трпиме теророт на самобендисаноста на моќта и тешката изборна
“херменевтичка”
борба околу прашањето
на “објективноста”:
лошо ни е или добро ни
е,
барем во перспектива?!
За да превенирам барем некои аспекти
од теророт на политичката борба за нашите души целава претстојна
година,
пак ќе се повикам на Иглтон,
кој во својата последна
книга “По
теоријата”
речиси како да дава
предизборни “херменевтички”
совети:
“Помеѓу
другото,
објективноста е и политичка
работа.
Да се биде објективен е
изискувачка и тешка работа која можат да ја вршат само доблесните.
Само трпеливите,
чесните,
храбрите и упорните
можат да прекопуваа по густите слоеви самозалажување кои нè
спречуваат да ја видиме
ситуацијата онаква каква што е.
Тоа им е посебно тешко
на оние што ја имаат власта
-
бидејќи власта обично создава фантазии,
а со тоа
“јас”
се редуцира на состојба
на мрзоволен нарцизам.
Наспроти целиот нејзин
груб прагматизам,
власта е преполна со
привиди,
бидејќи претпоставува дека
целиот свет ропски се врти околу неа.
Таа ја раствора
стварноста во огледалото на сопствените пожуди.
Оние,
чија материјална
егзистенција е мошне цврста,
обично претпоставуваат
дека светот не е толку цврст.
Моќта е природно
солипсистичка и неспособна да се извлече од сопствената кожа.
Слично е и во
сексуалноста,
кога имаме моќ тогаш сме
најинфантилни.”
Гледајќи го однесувањето на повеќето
наши политичари,
пред сè
оние во владата,
човек не може да не се
согласи со Иглтон:
празна затворена
реторика,
мрзоволна самобендисаност,
фантазерска
инфантилност на светогледот...
За жал,
проблемот во Македонија
станува малку покомплексен и побезнадежен зашто веќе не се работи за
судир меѓу власта и опозицијата туку за класичен класен судир,
во кој на едната страна
стои естаблишментот
(комплет со опозицијата),
а на другата сè
поголемата толпа очајни
луѓе избришани од иднината.
Сосема е сигурно дека
Груевски,
Георгиевски,
Андов,
Тупурковски,
Ѕинго или Муратовски
или Костовски итн. -
припаѓаат во класата
која живее во привиди и
“претпоставува
дека целиот свет ропски се врти околу неа”.
Тоа всушност и го
видовме.
Дотолку изборнава година ќе
биде помрачна,
оти токму реален избор,
како што сега стојат
работите,
нема да имаме.
И во отсуство на таков
избор некакви ориентири за предизборно однесување,
повторувам,
ни дава еден од
најважните леви мислители во светов,
Тери Иглтон:
“Затоа
на нивото на имплицитното или неформалното знаење сиромашните знаат
многу подобро од своите властодршци што се случува со историјата.
Објективноста и
пристрасноста се сојузници,
а не противници.
Праведничката еднаквост
на либералите,
што се однесува на ова,
не е правилно средство.
Либералот заглавува
во митот дека работите можеме исправно да ги видиме само ако не
избереме страна. Тоа е однос спрема стварноста на еден индустриски
капелан. Либералот има тешкотии во ситуациите кога вистината
значително повеќе е на едната страна, а не на другата - што значи,
во клучните политички ситуации.”
Текстов, на крај, нема поенти. Наспроти
привидната радикалност, тој само се труди да добие право на
видливост погледот поставен наспроти погледот на оние што главно
пропишуваат како треба да се гледа. Текстов, значи, само се обидува
да ги охрабри очајните и незадоволните (а ги има, навистина, од ден
на ден сè повеќе, загрижувачки многу) за да побараат начини да ги
артикулираат сопствените интереси кои во моментов се во тотален
судир со интересите на управувачката класа.
Иако сум свесен дека од реалната демократија до
разулавениот популизам навистина има само еден мал чекор (а заканата
од луди популисти е сè пореална), сепак не сакам да верувам (макар
бил прогласен токму за инфантилен фантазер!) дека долгорочно сме
осудени на сегашнава бедна политичка ситуација која ја создава
нашата секојдневна беда на живеењето. Сакам да верувам дека низ
“мекиот” револуционерен пресврт (кој можеби најпрвин треба да ни се
случи на демократски, т.е. на идеен, на образовен и културен план),
како што се случувало низ историјата, вистинската моќ ќе почне да
произлегува од немоќта.
Ако ништо друго, навистина за крај, јас,
безбожникот, сакам да ги упатам новиве турбо верници на она што
Свети Павле во Стариот завет им го пишува на Коринтјаните: “Господ
ги избрал најслабите на светот за да ги посрамат јаките... дури и
нештата кои не постојат ќе ги уништат нештата што постојат”.
|